Панкот не е само музика, туку е повеќе став

Bernays propaganda 2020 турнеја извештај: 27 март @ •sf•miniramp•diy• (Оломоуч, Чешка)

Влегуваме во Моравија, како Кирил и Методиј... добро 1000+ години покасно и не на барање на Ростислав туку на •sf•miniramp•diy•, симпатично скејт-панкерско место близу реката Морава. Во Оломуч првпат бев пред 12 години на последната турнеја на FxPxOx, и како и тогаш приметив дека има многу цркви низ градов. Бидејќи времето беше врнежливо нашата обиколка се состоеше само од возењето низ градот. Имавме проблеми со навигацијата така да два-три пати утнавме при барањето на местово, ама после 30-ина минути конечно го најдовме.

Сè уште немаше никој таму така да го убивавме времето во кола со бош муабети и дојадувајќи ја храната што ни остана. Бендовите на турнеја се секогаш расположени за јадење. За некое време се појавија и организаторите. Фина млада панкерска екипа која веднаш ни се допадна затоа што и ние доаѓаме од таа сцена. Веднаш ги прашав зошто нè букирале, затоа што таквите места обично не одбиваат поради нашата музика. Одговорот беше дека за нив панкот не е само музика, туку е повеќе став, а тука сме совршено компатибилни. Убаво е да се види дека DIY/HC културата е толку вибрантна кај помладите генерации во Чешка, нешто што многу би сакал да го видам и во Македонија. Влегуваме внатре и сфаќаме дека свириме на скејт рампа, буквално. Не ни е првпат ама дефинитивно тоа е нешто што не се доживува секој ден. Дрва сме за скејт но некако не понесе целата атмосфера па додека чекавме да се појави техничката екипа ја извадив фудбалската топка што ја носиме на турнеја и времето го убивавме со подавање меѓу себе. Едно време Раде ми шутираше а јас бранев, па после некое време и обратно. Мислам дека ме победи 11:9 на пенали. Како што времето поминуваше влегуваа се повеќе и повеќе луѓе и морам да приметам дека сите беа пријатни и поврзани меѓу себе што е една од најубавите одлики на оваа сцена. Не очекувавме многу од концетот затоа што тука луѓето обично слушаат многу поагресивна музика од нашата, но на крај искочи дека погрешно сме ја процениле ситуацијата. Децата од Оломуч и те како знаат да осетат грув и да си поминат добро. Се споивме со нив, кликна нешто убаво меѓу нас и нив, а врвот за мене беше забавата после концертот кога буквално местото се претвори во игранка и речиси сите (стотина луѓе) беа диџеи, затоа што секој можеше да отиде до лап топот и да си пушти песна што ја сака. Јас ја пуштив последната песна за ноќта, се разбира добар ангажиран стискавец… Karel Kryl – Bratříčku, zavírej vrátka. Моравија фала! Бохемија, се гледаме утре!