Ќе издржиме затоа што е супер да си човек

Bernays propaganda 2020 турнеја извештај: @ WORM, Skatepark и Radio Urgent.fm

Некако брзо ни помина патот од Берлин до Ротердам иако станува збор за 700 км. Знаејќи колку малку спиевме во Полска и во Берлин неминовно беше да се мењаме со Дени околу возењево. Добро ги прегазивме Германија и Холандија како за неспиени. На влезот во Холандија имаше гужва невообичаена за ЕУ. Нè прашаа од каде доаѓаме, ни кажаа да бидеме повнимателни и дека е забрането собирањето на повеќе од 1000 луѓе поради некој вирус. Не исплашија поштено џандарите ама нема плачење сега, имаме концерт за свирење вечер.

Со минимално каснење стигаме таман за тонска во WORM, добро познато место… своевиден храм на инди културата. Yugofuturism е шефот на концертите во Холандија така да средбата со Кун беше весела, како и секогаш до сега затоа што со овој човек станавме семејство. Добро се грижи Кун за нас последниве неколку години можеби поради тоа што има живеено во Кисела Вода, можеби поради тоа што има добар музички вкус… кој ќе го знае? 🙂 Веднаш после тонската нашиот брат Ричард, навивач на Њукасл, опасен диџеј, музички новинар и неколку години по ред носител на титулата најдобар Англичанец во Холандија се појавува од другата страна на шанкот и влегуваме во прекрасниот свет на независната музика, интернационалното другарство и првокласното дружење. Ги прашувам момциве зошто има толкави гужви пред кофи шоповите а судејќи по нивните одговори заклучуваме дека низ светов има подем на епидемија од некој опасен вирус, па поради тоа се сетив на советите од Маџарската и Холандската полиција. Значи, озбилна е работава!!! Се наоружуваме со алтернативна медицина и се препуштаме на хипнотичката атмосфера на Родердам и ВОРМ. Кун е навистина мајстор на организацијата затоа што се штима како што треба а фактот дека има 300 луѓе кои нè чекаат да настапиме беше само плус во прекрасната вечер. Можеби надвор демнее опасен вирус но сите ние вечерва во клубов сме заразени со еден постар вирус, независната подземна сцена… храмот на љубовта помеѓу луѓето од целиот свет. Иако атмосферата беше прекрасна сепак бевме изморени од долгата вожња и викендот отидовме на спиење доста рано за наши стандарди. Супер беше денес, едвај чекаме да видиме што ќе биде утре во Амстердам.

Сабајлето го дочекавме со весела атмосфера, доручек и кафе и многу нови информации за вирусот познат како Корона. Лудо име ебате. Стравот полека влегува во коски ама останаа уште Амстердам, радио во Гент кое Гоца го договори попат, Минхен, Марибор, Крањ и Нови Сад. Некои нè советуваат да се вратиме, некои да продолжиме… а единствена забрана сега за сега е забраната за собирање над 1000 луѓе. Во консултација со сите промотери во дослух со сите безбедносни мерки и тука и во Македонија се договоривме да продолжиме. Затоа некако вечерашниот концерт во Skatepark беше посебен за нас. Се приметуваше стравот наоколу но и желбата да се живее како човек. Сепак и покрај ситуацијата свиревме убав концерт пред 200-тина луѓе (50тина наши луѓе) а атмосферата беше топла и меланхолична. Убаво место е скејт парков (нешто слично како во Оломуч) но сепак одлучивме да возиме веднаш после концерот во Гент, Белгија затоа што утре преку ден имаме радио концерт таму. Со нас е и Јан од Urgent.fm, радиото во кое настапуваме. Иако овој настап не ни беше по пат решивме да го прифатиме затоа што обожаваме концерти во радија. Настапот помина убаво. Настапувавме 40тина минути а Јан ни направи и 30 минутно интервју. Добро што ја прифативме оваа покана. Утре тргнуваме рано за Минхен… патот е долг а времињата се несигурни. Ќе издржиме затоа што е супер да си човек!!!