Берза на винили во Куманово

7 март 2020 Dublin Coffee Shop

Првата мартовска сабота годинава, 7-ми март во Куманово ќе биде означена со пладневниот почеток на Берза на винили, организирана од Марко Стојковски (Boiling Point , Kran Records) и Бојан Коцевски.

Централна локација на берзата е одредено да биде Dublin Coffee Shop, еден од комплексот дуќани во кумановскиот Трговски (населба `Гоце Делчев`). Местото за ваков настан е добро одбрано, поради каскадната уреденост на просторот:  плочниците, скалите и ѕитчињата – нешто што е добро за движење, седење и стоење на заинтересираните што ќе повелат на настанот. Присуство е најавено на следниве продавачи (т.е. дилери на плочи, како што си се нарекуваат во еснафот): `Ап(о)тека` и Даниел Ковач од Скопје, Блаже Томески – Биџо од Прилеп, `Vintage shop` и Владимир Веле Вељковиќ од Ниш (Србија), и `Q REC`.
Целопопладневната дружба е предвидена да трае до 18 часот, со тоа што џагорот и муабетите ќе бидат испреплетени со звуците кои грамофонски ќе ги бучат Koushiro и Rootboy. Прогнозираниот дожд не би требало да смета – во случај да заврне, постојните надстрешници ќе се добро засолниште.

Во пресрет на самиот настан, поразговаравме со неколкумина соговорници за нивниот однос кон музиката на грамофонски плочи. Размисли и ставови добивме од Љупчо Јолевски (новинар во Радио Слободна Европа), Тошо Филиповски (сопственик на `Ап(о)тека`), Кирчо Арсовски (`Т.Б.Трачери`), Боби (вокал на `Morbid Joker` , `Corpus` и `Last Act Of Defiance`), Васко Атанасоски (`Bernays Propaganda` , `21 век`) , Сеад Хаџиќ (`Last Expedition` , `Mooger Fooger`) , Ивица Димитријевиќ (`SIZ` , `RIB`), како и Бојан (еден од двајцата организатори на Берзата на винили).

На прашањето дали најпрв музички контакт им бил со винил, носталгичен одговор даде Васко кој рече: “музиката ја засакав со песните кои се пееjа од моето семејство на славата Свети Архангел и од радио/телевизија. Почнав да собирам прво касети.”, a слично кажа и Љупчо: “мојата прва фасцинација од музиката беше кога го гледав чичко ми како ја развлекува хармониката, или си игра со кавалчето … зависи од приликите, онака – мераклиски – во дворот од семејната куќа. Се редеа песни, ора…А, потем следуваше звукот од радиото.” .


За Тошо тоа биле касети, како и за Ивица, а Сеад почнал со старите лампашки радија. Кирчо почнал со плочи и тоа најпрвин синглки, бидејќи имал постар комшија кој купувал плочи и му давал да слуша. Бојан вели дека имал среќа неговите родители и неговиот вујко да имаат колекции грамофонски плочи, и помни дека првата пуштена и слушана плоча му била Kratftwerk – `The Man Machine`.

Во врска со физичкоста и појавноста на плочите, Ивица тврди: “Винилот има свој шмек и оригиналност , самиот формат на омотот е визуелно повпечатлив оtколку форматот на касета и на ЦД.” . Слично вели и Васко: “Винилите се убав формат кој те заробува целосно со тоа што те вовлекува во светот на чување на изворот на звук.”, а Сеад е сетилно по-сеопфатен во врска со ова: “Плочата има предности поради големиот и убав омот кој освен што им годи на очите е и прекрасен за мирисање – таа има  одлична форма на звук која се создава со допирот на иглата и плочата, така да нојсот кој свири во позадина на плочата секогаш е поинаков  и преставува музика за себе.”. Јолевски одлучно кажува: “за мене нема двојба: ВИНИЛОТ Е ПОЧЕТОК И КРАЈ! И, верувајте, не ме мрзи со саати да ги префрлам од рака во рака обвивките, да ги читам пораките од нив, да ги слушам плочите и на секои 15 – 20 минути да станувам да ги превртувам од другата страна. Тоа е ритуал за сладокусците.”. 

Кирчо е по-дистанциран во врска со плочите: “Немам никаков фетишистички однос кон плочите. Типови кои дома на полици гордо чуваат албуми од Neil Young и се стресуваат само ако ги допреш ги сметам за блесави. Замисли некој што во подрумот во картонски кутии чува плочи од David Crosby и мисли дека е даса – тоа веќе не е ни смешно.” .

Во врска со тоа каков грамофон би препорачале за слушање, дадоа различни одговори. Така, Коцевски за почеток препорачува половни грамофони кои може да се најдат по цена од 40-50 евра, а Димитријевиќ предлага некој од Project грамофоните (моментално користи олдтајмер Supraphone). Јолевски користи Project со Ортофон ред-глава. Кирчо вртел плочи на Тоска, Васко на се и сешто велејќи: “не сум експерт за грамофони, јас само сакам да слушам и правам плочи”. . Сеад како фан на Revox сака да има и нивен грамофон, а Боби на прво место го става Audio-technica.


Прашани за бројноста и составот на албумите, имаат варирачки ставови. Тошо вели дека не е аудиофил и дека повеќе го интересираат суштината и пораката на музиката, отколку како тоа звучи. Боби има огромна колекција од 2.000 плочи, додека Васко (делумно на смешка, делумно сериозно) вели дека има 3.000 омилени плочи од кои 1.500 никогаш не ги поседувал. Љупчо, како поседувач шарена и широка селекција, вели дека по разни канали со пријатели си разменува плочи и додава: “чекам да копам заборавени наслови на ваквите средби како вашава во Куманово со сличните манијаци по плочи како мене. Инаку, веќе не позајмувам плочи како некогаш на `пријатели` оти многу пати ме `попарија` и по којзнае која пат ги купувам истите. Ова, колку да се знае: винилот е веројатно најиздржливиот ( јас имам дома и постари од 70 години) и најплеменитиот носач на звук.”

Кирчо наведува две најдраги плочи: Roy Orbison -`True Love Ways` и двоен албум на Buddy Holly (за кои вели дека, за жал, му ги украле). Васко за негови најомилени ги наведува првите две плочи кои нему и на брат му нивните им ги купиле во `Југотон`. Хаџиќ ја истакнува Led Zeppelin – `III`, a Коцевски All Them Witches – `Our Mother Electricity `.

За плоча која ја нема, а би сакал да ја има Боби ја наведе KUD Idijoti – “Glupost je neuništiva”. На Сеад му недостига плоча од албум кој никогаш не излегол на винилен формат – албумoт `Изгубени ликови` на неговиот бенд Last Expedition.

Нај-на-крај, во дух на разменскиот и друштвениот дух на утрешната Берза на винили, ќе ги пренесеме зборовите на Кирчо Арсовски: ”Бевме мало друштво и ако некој има плоча што ти ја немаш, ти ја дава да ја слушаш. Исто и ти даваш плочи кои они ги немаат. Тоа беше најнормално. Се сеќавам Зоре дедо за еден мој роденден ми ја поклони `Autoamerican` од Blondie. Плочи купував во `МоМа`, `Мелодија` и `НаМа`. Се сеќавам и на продавачите – сите беа љубезни луѓе.” .