Bill Skins Fifth

Bill Skins Fifth

Кога создаваат нешто навистина оригинално, музичарите знаат да станат претерано сериозни за свое, но и за доброто на обожавателите на нивниот материјал. Изразувањето идеи во форма целосно спротивна од обичното поп-пакување бара голема доза на зрелост, меѓутоа, голем број од групите кои почнале да газат на овој пат, на половина од дестинацијата се претвораат во технички прецизни, ама емотивно бездушни машини. Едноставно, како да забораваат дека свирењето е, едноставно кажано, забавно. И младите македонски бендови знаат да паднат во „интелектуалната“ стапица. Не сите, ама доволно голем број од нив. За среќа, има и исклучоци. Еден од нив е скопскиот квартет Bill Skins Fifth. Неодамна, издадоа албум.

Затоа, уште на почетокот, подобро да расчистиме една работа: оваа четворка сериозно го сфаќа тоа што го креира. Аранжерски експериментална, свирачки предизвикувачка и слушачки интригантна, нивната музика тотално отскокнува на македонската сцена. Дури и ако зборуваме за андерграундот, „бил скинс“, се „држава за себе“. Меѓутоа, можеби најважно во сето ова, е фактот дека, додека свири, групата ужива и се забавува. Првиот студиски албум на бендот е доказ за тоа. Продукциски, можеби би звучел подобро надвор од нашите граници, но авторски и инструментално, дискот е вистинско изненадување. Почнувајќи од изворедниот „артворк“ на обвивката (изработен од Крсте Господиновски) истоименуваниот албум речиси во целост ја пренесува џез-метал фуријата што составот ја демонстрира на своите свирки.

Bill_Skins_Fifth_band

Најблиски „роднини“ им се американците The Dillinger Escape Plan или нивните сограѓани Botch, но ноиз-нападот на овие формации, Bill Skins Fifth го надоградуваат со уфрлување одлични недисторзирани и мелодични парчиња или бавни моменти кои не дозволуваат да се развие монотонија. Моќна, брутална и со ритми кои се бројат со калкулатор, ова не е музика за секого. Ама и членовите на групата, Горан Петровски (гитара), Марко Ковачевиќ (тапани), Љубинко Ѓокиќ (вокали) и Никола Филовски (бас) се свесни за ова и веројатно, посакуваат таква позиција на звучната сцена. Мала, но искрена група на слушатели која, наместо да се препушти на веќе чуена триминутна поп-песна, сака да истражува нови аудиоформи на изразување.

За Bill Skins Fifth, нема правила кога се работи за создавањето музика, но, дури и во „хаосот“, тие знаат да внесат ред или запаметливо парче што ќе ве натера да се навраќате на нивните песни. Она што најмногу отскокува на албумот е одличната ритам-секција. Всушност, сè како да е подредено на неа. Дури и вокалот, кој тука повеќе има улога на трет инструмент, отколку на „мелодиски генератор“.

Најголемата разновидност, групата ја прикажува на последните четири нумери (Dying Gray, Cassier, Fossils of a Broken Spirit и Us Is You). Во овие тринаесетина минути, бендот менува ритми и расположение како пелени на новороденче и успева, со голема леснотија, да покаже дека музиката може да биде тоа што вие сакате. И на крајот на целата уметничка „сериозност“, не забораваат да ве потсетат дека одлично се забавуваат додека ги поместуваат границите на домашната музика.

 

Александар Саздовски
Дневник [Антена], мај 2006