Болните капки од Саргаското море

кон „Пливање спротиводно“ од Ненад Јолдески [„Или-Или“, 2018]

Прекинувањето на интимните врски е умешност на проклетството кое сите го носиме во темните дамари на неспокојството. Како ќе се справиме со отровот кој расте како буника во нашето срце и како ќе се оправдаме пред нашиот Господ е приказна чија драматика наликува на симптоматиката на фрлената ракавица кон оние што по сила на гените треба да нѝ се „наши“, да ги „имаме“ и да ги „денетисуваме“ како што нѝ дошепнува традицијата и архаиката.

Двобојот со биолошкото потекло се однесува кон нашата психа како антобиотик кон вирусот или можеби како хемотерапијата кон метастатичките делови – го кине и виталниот и оболениот дел. Ваквите војни и недоразбирања се секогаш наметнати и околностите не можеме да ги отрфрлиме затоа што му припаѓаат на минатото, а неизвесноста на иднината после осамата која не чека со целата своја иронија треба да се реши со голема храброст од петни жили. „Пливање спротиводно“ на Ненад Јолдески говори токму за тие интимни беспаќа во еден концизен и одлично компониран текст во кој секоја реченица „злато вреди.“ Артемида, неговиот главен лик, девојка со класично име на божицата на плодноста му ја треснува вратата на тензичното секојдневие и дефинитивно решава да замине од Бруклин директно во Струга за да ги најде одговорите на сите прашања кои го допираат нејзиното сепство, прашања кои ја „гушат како чадот на огнот што ти го започна“, што ја гушат „во пепелта од мостовите што ги изгоре“. Младиот Ненад Јолдески ги цитира стиховите од песната „Потпалувач“ на интригантната рок група Пусифер за да го отвори тој круг на генетска редундатност чии ефекти го заслепуваат духовниот живот на човека.

Овој суптилно испишан роман кој ве повлекува директно во лицето на судбината зрачи со една предупредувачка девственост. Имено, Артемида се обидува во нејзиниот гнев и очај да ја најде круцијалната вредност на својата припадност. Наоѓајќи ја целата меморабилија под креветот на спалната соба на нејзините родители таа решава да замине во Македонија и да си ги пополни дупките во својата биографија, да се соочи со она што било за да биде таа „таа“. Првиот дел кој Ненад го нарекува „Сраснасто навнатре“ е токму таа грутка што сите ја намекнуваат кога нешто им стои внатре во душата, во телото, во срцето, во јадрото, нешто што ги влече надолу и не им дава да дишат, да покажат и да се искажат затоа што навистина не знаат што да кажат. И затоа овој роман го читаме како кога одеднаш ни доаѓа да заплачеме, а не знаеме зошто. Фуриозната сага на Артемида која дефинитино му раскинува на својот беневолентен Рафаел и успева да издејствува од својот очув Џејмс (голем поет некогаш учесник на Струшките вечери на поезијата сега ловец на јагули на реката Делавер) кратко да престојува во нивниот стан во Њујорк, непознатиците во врска со нејзината рано почината мајка и таткото од Македонија кој никогаш не го видела говорат дека не сакаме да си признаеме зошто плачеме кога плачеме без причина. Затоа што осамата секогаш има своја цена и сите протагонисти во нашите животи носат по едно шишенце пелин кое ако тие не го испијат ќе мораме ние да го испиеме. Авторот ликовите ги решава во неколку потези со рески преориентирања и ние како читатели едноставно сами ја доградуваме нивната биографија. Она што сраснало навнатре во ликовите во првиот дел е обидот да се излезе од непосакуваните околности кои ги наметнала судбината. Недоразбирањето е болна ерозија која пишува крвави реченици во нашата биографија. Но, битката на Артемида е беспоштедна и токму тука се сјајните споредби со јагулите чие патешествие од Саргаското море до Охридското езеро се скоро неверојатни. Јагулата која удира во стаклениот ѕид од аквариумот на Рафаел има лоша судбина, но премолчано Артемида во таа битка наоѓа некоја своја инспирација да зачекори во друго поглавје од својот живот. Една од бесценетостите на овој роман е токму споредбената приказна за судбината на јагулата со судбината на младата Артемида. Храброста и одлучноста во секоја интимна дисторзија стануваат лек и во овој роман на Јолдески нема „хибрис“ иако има лик со елинско име. Има една извонредна пост-модернистичка анализа на осамата со лесен, но неопходен навев на психолошки третман.

Тоа „нешто“ што сраснало навнатре е инспирација да плачеме ете онака без причина, но во романот на Ненад Јолдески, тоа „нешто“ е голема Горгона која не е само дилема, туку и рана, опсесивен бес и чудна, растечка индигнација. Во одлучноста на Артемида се мора да излезе „на површина“ за да се дише со полни гради, да се погледне наоколу без напнатост, без страв и без тензии. Авторот вториот дел го нарекува „Над површината“ затоа што, неговиот главен лик не останува „на површината“, туку таа се издигнува над неа за да ја има можноста да се дистанцира од оние кои ќе ги сретне и оние нешта што ќе и се случат во генетички родната Македонија. Безвременската Македонија ја пречекува со целата своја контраверза и емотивна традиционалност чии опскурности и недоречености ќе ги доживее уште на првите чекори на патот кон мистичната Струга. Кој е филозофскиот ентитет на овој краток престој на Артемида? Во свежите и дождливи ноќи на крајот од октомври таа се обидува да и најде оправдување на слатката бесмисленост на патувањето кое требаше да и реши се. Она што требаше да и реши се на младата девојка и отвори уште повеќе прашања. И кутрата нејзина баба Даница во старскиот дом, и куќата во Езерски лозја која нема број и конечно средбата со нејзиниот татко наместо да ја успокои и ја зголемува животната напнатост на која авторот многу мудро не инсистира. Напротив, не ја ни споменува, но во овок краток, но мошне слоевит роман тоа се наѕира како животно искуство што главниот лик ќе го понесе некаде многу подоцна од последната напишана реченица. Во потрага по интимна сигурност, ние отвораме нова, непосакувана несигурност и одбивајќи да го сфатиме животниот пат како страдање се потпираме врз нашата рационалност. Се чини дека тука некаде лежи тој филозофски ентитет на овој роман кој импонира со својата концизност и импактност.

Конечно, нашата генеза е во нераскинлива врска со нашата биолошка припадност. „Пливање спротиводно“ е роман за човечката биоразградливост во непознати околности. Препрочитувајќи го ќе најдеме многу состојки на осаменост кои или сакаме или не сакаме да ги оттргнеме од себе. Најпогубна е, се чини, навиката на осама. Дваесет и првиот век е век на соло индивидуи. На соло интелектуалци, на редундантни квази-релации, на ламентна лага која не не иритира, туку напротив не орасположува и не инспирира. „Пливање спротиводно“ ги сплотува своите две приказни со нашите се уште неодиграни собитија и ни создава чувство на горчина затоа што секој од нас има по некоја тешка капка пелин во нашата интимна историја. Ероиката на јагулите во скудните наративни пасажи го импрегнира оној неопходен ламент и таа споредба е од големо антрополошко значење токму заради беспоштедната борба на секое живо суштество да опстои уште некое време тука и овде, во оној временски период кој му го дал оној кој е над сите нас.

Ненад Јолдески во својот прв роман ги отвора прашњата на осамата и на интимниот бунт. Покрај Артемида сите други ликови самуваат една своја посебна приказна. Асимбиотичкиот дијалог меѓу сите интимно поврзани ликови има музичка поставеност на реквием каде Артемида (Agnus Dei) неправедно го трпи целиот тој божји гнев (Dies Irae) сакајќи конечно да се ослободи од стегите на „неприпадноста“ (Libera Me). Интимниот бунт е прашање кое тој многу преносно ни го наметнува најмногу низ споредбата на Артемида со јагулите и со нивната несреќна судбина. Тој бунт е можеби есенцијата на целиот овој роман кој е возбуда, но е и еден вид на предупредување во цивлизациска смисла. Осамата, или самотијата во англискиот јазик се испишува како solitude клучувајќи го зборот „соло“ кој го споменав погоре. Современата осаменост подразбира самодовлност, неконтактибилност и редундантна интерактивност. Затоа „пливањето спротиводно“ е споро и има многу пречки, многу неизвесности и во секој момент може да одведе во непосакувана насока. Артемида во својот млад живот, за жал, видела многу повеќе ќорсокаци од прави улици, многу повеќе затворени очи од бистри погледи, многу повеќе речитативи од музика и премногу непознатици за да започне одново.

И покрај тоа што Ненад Јолдески во своите две претходни збирки раскази се покажа како лежерен, но луциден автор, овде во суптилната раскажувачка поетика импонира со густината на текстот и со неговата полизначност. „Пливање спротиводно“ има Камијевски мирис и Сагановска елегантност и емотивно не одвлекува во тајните на нашата интимна недореченост, во огорченоста од нашата индолентност кон скршените гранки од нашето семејно дрво, но и во ововременската неискажливост (или можеби преискажливост). Со прочитот на романот помислувам дека можеби нашата хистерија го предизвикува тоа слепило од огнот „што ти (или некој наш) го започнал“ и можеби таа хистерија не ни дозволува да ја согледаме објективноста на нашата длабоко вкоренета осаменост. Или можеби кога ќе посакаме да пречекориме преку недозволените (за нас) мостови кои ги изградила добродетелта за да ги залечи судбинските недоразбирања „се задушуваме од чадот на оној што ги запалил.“ Ненад во „Пливање спротиводно“ поставува неколку многу умни прашања: „Кој ги пали мостовите на нашите генези? Кој ни наметнува осаменост во замена за сплотеност? Зошто е толку тежок патот на јагулите и зошто многу често смртта им е најголем другар?“ Нашите Артемиди се дел од интимниот мозаик на кој сакале или не се навраќаме тогаш кога е најмалку време за тоа. Останува само дилемата  кому од нас колку камчиња му недостасуваат во тој мозаик.