Delirium tremens

Благоја Ристески – Платнар

ЖИВОТОТ КАКО SOBRIA EBRIETAS
Кон монодрамата Delirium tremens од Благоја Ристески – Платнар

 

Состојбата на свеста опфатена со реторичката фигура Sobria ebrietas, воведена од Св. Августин, клучна за разби­­рање на мистичката традиција во антиката, наедно е и клучот за разбирање на централниот мотив на монодрамата­ Delirium tremens на еден од најзначајните македонски драмски­ писатели­ – Благоја Ристески – Платнар.

Sobria ebrietas „Трезното пијанство“, на прв поглед и во стриктно формално-логичка смисла, несомнено претставува класичен оксиморон, противречност во поимот, накусо, бес­ мислица. Според логичкиот закон за исклучување на третото, законот кој беспоговорно заповеда „Или/Или“, не можеш едно­ времено да бидеш и трезен и пијан: или си трезен, или си пијан! Но, животот не се управува според логичките закони, па ни според законот за исклучување на третото. Од каде, инаку би црпеле сила слободните духови (каков што впрочем, беше Платнар), ако не од животот, кој во својата најдлабока суштина е единствената енклава на слободата, слободна територија, единствената бесцаринска зона во царството на нужноста! Диктатурата на физичките закони на апсолутниот детерминизам, која владее со универзумот, не е доволно моќна на животот да му ја наметне својата апсолутна власт!

Та така, без оглед на космичките закони и нивната логика, во животот може да се биде и трезен и пијан! И пијан од својата трезвеност и растрезнет од своето пијанство! Животот е слободен од стегите на наредбата да се избере помеѓу „Или/ Или“, животот е втемелен врз слободарскиот принцип „И/И“ , кој парадоксално им противречи на логичките закони. Впрочем

  • животот е парадоксален – дури, во апсолутната нужност на Семирот, животот како подрачје на слободата, сам по себе исклучок, чудо за неверување и најголем парадокс! Но исто така, за разлика од светот на објектите, во кој што, навистина мора да важи принципот „или врне или не врне“, и каде што не можат да постојат едновремено две спротивни состојби, туку тие се сменуваат, како на пример денот и ноќта – светот на животот не е само сукцесија! Во животот може едновремено
  • да врне и да не врне, и во душата едновремено да е глува доба на ноќта, и блескавото пладне! Животот не е смену­вање­ на сос­тојбите на трезвеноста и пијанството, туку многу често животот претставува­ нивното едновремено присуство, нивната сплотеност која веќе не може да се разграничи; без ризик да се згреши, целиот живот може да се разбере (не само најдобро, туку веројатно и единствено така може да се разбере!), како екстатички феномен, како експлозија на занесот, накусо, како еден непрекинат DELIRIUM TREMENS! Фактот што малкумина тоа го разбираат, не менува ништо! Дилемата дали сум „жолта пеперутка која сонува дека е човек, или сум човек кој сонува дека е жолта пеперутка“ не е дилемата само на Лао Це; тоа е дилемата на целото човештво, отсекогаш, дилемата на секој човек! Има ли јунак, крепи ли светов мудрец кој што со сигурност ќе може да одговори, кога ќе дојде мигот самиот да се запраша: „Живеев ли, навистина!? Или тоа само мина сенка преку река!?“

Екстазите, занесите, мистичките ритуали, езотеричките кружоци, окулстистичките тајни заедници, делириумите, вклучително и сите пијанства – сето тоа се само референци во големата енциклопедија на обидите да се најде сигурен одговор на ова прашање! Целата историја на општествената самосвест, најважното во филозофијата и најдоброто во поезијата, како и најголемиот дел од ликовната уметност, претставуваат историја на обидите да се разреши оваа дилема, овој егзистенцијален императив: Да се дознае одговорот или да се – пропадне!

Монодрамата DELIRIUM TREMENS, наспроти сета своја нави­ дум аскетски симплифицирана фабула, во основа е адресира­ на токму кон ова најкрупното прашање на човечкиот живот! Низ сосема секојдневни слики на единствениот лик кој се двоуми дали е сценски работник или е актер, дали е женет или е ерген, дали сторил злостор или не го сторил, Платнар ја внесува драмата на неизвеноста до степен порадикален од тврдењето на Калдерон : La vida e suenо! – Животот е сон! имено, до степен на кој станува невозможно со сигурност да се одговори дали воопшто и сонуваме! Што ако животот не е дури ни сон, што ако е само хаотичен кошмар!? Што ако смртта е само чинот на иреверзибилното будење од тој кошмар !? Калдероновата дилема во која со репликата: „Ако животот е сон – не будете ме!“, спасот го бараме во продолжувањето на животот преку продолжувањето на сонот, во основа изразува една бенигна позиција на наивна верба и прифаќање на животот. Одејќи до самиот раб на свеста , Платнар на сцена внесува моќна и страотна опција, дека спасот не е во спиењето, туку во будењето од овој живот!

Со секој свој збор и со целата своја морничава исповед пред гледачите, ликот на неговата монодрама всушност преколнува: „Ако е ова животот – разбудете ме!“ Час поскоро! Додека сме живи, спиеме; кога ќе умреме, се будиме! Во оваа пресвртена дијалектика на животот и смртта, моќна, а дискретна и суптилна, лази и се вовлекува јанѕата во потсвеста на гледачот, како онаа змија од песната на Платнар, што се мушна низ тревата и се скри во грмушките.
…Поетски збирки, колумни, кабаретски текстови, рецензии, преводи, драми – особено драмите – својата коресподенција која претставува врвна епистоларна книжевност, та дури и телеграмите, накусо, се што пишувал Платнар го пишувал раководен од принципот: Само најдоброто е доволно добро! Сé што Платнар напишал, беше напишано така да знае дека го напишал Платнар. И денес и тогаш, што беше невозможно е да се збреши, одвишно е да се праша кој е авторот на кој било Платнаров текст. Неговото знаење, длабоко резбирање на умните и заумните нешта, на мудрите и на безумните луѓе, неговата огромна ерудиција, беа можни агрегати на дестилирање најпрефинети емоции, поткрепа за остри обсер­ вации, референца за карактеролошки студии. Богатството на неговата лексика, без пример во целата македонска книжевна лексика, му овозможи на суптилниот дух на македонскиот јазик раскошно да избликне во дотогаш невиден огномет со кој ја украси, ја разубави и ја осветли вистинска моќ, демантирајќи ја така, на најдобар начин, вековната заблуда за провинцијалниот карактер и инфериорната експресивност на македонскиот јазик, исткаена од идеолошки фабрикуваните квази научни памфлети. Ќе треба многу енергија, талент, усет и истражувачка систематичност, за во иднина да се разбере и систематски растолкува, со кои средства, техники, постапки и решенија, со каква инспирација и ингениозност, Платнар успеал да ја отфрли таа мрачна наметка , а македонскиот јазик да го престори во вистинската Aurora borealis, во празникот на илуминациското јазичко чудо, кое свети и ноќе, тогаш и таму, каде и кога другите јазици одвај борина запалиле!

Театарската Работилница Прилеп која е влезе во нацио­налната програма за култура со монодрамата Delirium tremens од Благоја Ристески – Платнар, направи вистински потег на кој од срце и честитаме.
Се разбира, со оглед на тоа што секоја институција всушност претставува конкретни луѓе, оваа честитка до Работилницата, упатена е до тимот кој што ја постави оваа монодрама на сцена: Игор Трпчески, актер и режисер на претставата; и до музичката придружба која ја чинат Димитар Ѓорѓиевски, Менде Костоски и Бојан Андрески; до Бојана Артиновска, автор на сцена и костим; на Лидија Митоска, преведувач на текстот на монодрамата на англиски јазик, со оглед на податокот дека проектот предвидува и печатење на книга со текстот на македонски и англиски јазик.

…Беше самиот раб од летото. А летото, како и сите нешта на овој свет, обрабено е со два раба; едниот раб кон бескрајот од кој дошло, другиот раб кон бескрајот во кој ќе го снема. Првиот раб на летото е оној кон пролетта; вториот е работ кон есента.

…На работ од летото, оној раб од страната кон есента, во месецот во кој Тезеј ги ослободел Атињаните од Минотаур, не многу дена пред самиот да отплови , за на Аријадна и Тезеј, на Шекспир и на Блажета Конески да им се придружи, и со сите одбрани мајки и жени заедно , кај Минотаур на вино и песна да појдат и за лавиринтите вечни да разменат мислење, во еден лефтерен разговор со своите пријатели на тема на наближувањето на крајот од летото, Платнар заклучи: „Верувајте ми, ви тврдам дека работ од летото, за љубов е – најдоброто доба. И за смртта.“ …И така, најдоа дека златото од прадревната маслина долго капело во катчињата од срцето на Платнар. И дека, со секој дамар и со секоја контракција на срцето, златото се точело во неговата жешка крв, за низ капиларите на душата, да се стопи со секоја негова мисла во која зрееше во зборови, секогаш јасни и чисти – и кога беа слатки како црни карадудки, и кога беа горчливи како пелин!

…Откако замина Платнар , Пелагонија, пуста без јавачи, молкна. Онемено наслушнува како – без престан, дење и ноќе – од Мариово, преку работ од прегработ на вулканскиот кратер, како лава се прелева татнежот на потковиците исковани од зборовите на Платнар!

Ферид Мухиќ

DT_BRP

 

ТОЈ, ВЛЕГУВА НА ПРЕДНИОТ ДЕЛ ОД СЦЕНАТА, ПРЕД СПУШТЕНАТА ЗАВЕСА, ЗАВРТЕН СО ГРБОТ КОН ПУБЛИКА­ТА, ВЛЕЧЕЈЌИ ПО СЕБЕ ДВЕ ЦРНИ, ПЛАСТИЧНИ ВРЕЌИ ЗА ЃУБРЕ. НА СЕБЕ ИМА РАБОТНИЧКИ КОМБЕНИЗОН ТИПИЧЕН ЗА НЕГОВАТА ПРОФЕСИЈА. КОГА СТИГНУВА НА СРЕДИНАТА ОД СЦЕНАТА НАГЛО ЗАСТАНУВА, ЗАВРТЕН СО ГРБОТ КОН ПУБЛИКАТА И КАКО ДА ЧУВСТВУВА ДА НЕ Е САМ. ПОТОА, ИСТО ТАКА, НАГЛО СЕ ЗАВРТУВА КОН ПУБЛИКАТА И ГЛЕДА ВТРЕНЧЕНО ВО НЕА СЕ ДОДЕКА НЕ СТАНЕ НЕПРИЈАТНО.

ВИЕ СТЕ СЕ УШТЕ ТУКА? НЕВЕРОЈАТНО… ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА СААТ СЕДИТЕ ЧЕКАЈЌИ ДА ПОЧНЕ ПРЕТСТАВАТА… МИСЛАМ ДЕКА ТОА Е НАПОЛНО НЕОЧЕКУВАНО ОДНЕСУВАЊЕ ЗА НОРМАЛНА ПУБЛИКА КАКВА ШТО СТЕ ВИЕ. НЕСФАТЛИВО, СОСЕМА НЕСФАТЛИВО. ТУКУРЕЧИ ГЛУПАВО. ДА СЕ СЕДИ ПОЛОВИНА ЧАС, А МОЖЕБИ И ПОВЕЌЕ И ДА СЕ ЧЕКА НА ПРЕТСТАВА ЗА КОЈА МОШНЕ ТОЧНО СЕ ЗНАЕ ДЕКА Е ОДЛОЖЕНА, Е ТОА ВООПШТО НЕМА ЦЕЛ… КАКО, ЗАРЕМ НИКОЈ НЕ ВИ КАЖАЛ ОТИ ПРЕТСТАВАТА Е ОДЛОЖЕНА? ПА СЕ РАЗБИРА ТОА МОЖЕ И ДА СЕ ОЧЕКУВА. ТАКОВ Е НИВНИОТ НАЧИН, МИСЛАМ НАЧИНОТ НА ОВОЈ ТЕАТАР ПОПРАВО НА НЕГОВАТА УПРАВА. ПУБЛИКАТА, САКАМ ДА РЕЧАМ ВИЕ ОВДЕ, СТЕ НЕВАЖНИ, СОСЕМА НЕВАЖНИ … НИВ, УПРАВАТА НЕ ЈА ИНТЕРЕСИРА ТОА ШТО ВИЕ ЧЕКАТЕ… НО СЕПАК МИ ИЗГЛЕДА НЕВОЗМОЖНО ПОТПОЛНО ДА ЗАБОРАВИЛЕ НА ВАС, ДА ЗАБОРАВИЛЕ ДА ВИ КАЖАТ ДЕКА ПРЕТСТАВАТА Е ОДЛОЖЕНА…

СЕПАК НЕВОЗМОЖНО БИ БИЛО АКО Е ПОИНАКУ. ТИЕ НАЈЧЕСТО ТАКА ПОСТАПУВААТ, ПОПРАВО НЕ ПОСТАПУВААТ НИКАКО… ПРЕТСТАВАТА Е ОДЛОЖЕНА, А ВАМ ПАК НИКОЈ НЕ ДОШОЛ ДА ВИ КАЖЕ. БАРЕМ НЕКОЈ ДА СИ СПОМНЕЛ ДА НАПИШЕ НА ВРАТАТА ДЕКА ОД ТИЕ И ТИЕ ПРИЧИНИ ВЕЧЕРАШНАТА ПРЕТСТАВА Е ОДЛОЖЕНА ЗА ТОГАШ И ТОГАШ.

ПРИЧИНИТЕ ПАК СЕ ЗНААТ: НОСИТЕЛОТ НА ГЛАВНАТА УЛОГА ПРЕД НЕКОЛКУ ЧАСА ДОБИ ДИЛИРИУМ ТРЕМЕНС! ДА, ТОКМУ ДИЛИРИУМ ТРЕМЕНС. СЕ РАЗБИРА ТОА НЕ Е НИШТО НЕОБИЧНО ЗА АРТИСТ ОД НЕГОВИОТ ТАЛЕНТ. НО ВЕРОЈАТНО КАКО ШТО ВЕЌЕ ПРЕТПОСТАВУВАТЕ, ТАЛЕНТОТ НЕ Е ПРИЧИНА ЗА НЕГОВИОТ ТРЕМЕНС, ТУКУ АЛКОХОЛОТ.

А ОД ДРУГА СТРАНА ПАК, И ТАЛЕНТОТ, МОРА ДА СЕ ПРИЗНАЕ, ИМА ВРСКА СО ТОА … МИСЛАМ ДЕКА Е ТОА ЗАТОА ШТО Е ТОЈ ДОБАР, ТАКА РЕЧИ НАЈДОБАР, АРТИСТ, А И ЧОВЕК… ПОПРАВО НЕ Е НИ ВАЖНО ТОА ШТО ТОЈ Е ДОБАР ЧОВЕК. САМО ТАЛЕНТОТ Е ВАЖЕН, А И НЕГОВОТО ПОСТОЈАНО СЕДЕЊЕ ВО БИФЕТО ОД ОВОЈ ТЕАТАР ИСТО ТАКА МОРА ДА Е ДОСТА ВАЖНО… СО ЕДЕН ЗБОР ПРЕТСТАВАТА Е ОДЛОЖЕНА, ШТО ЗНАЧИ ПРЕТСТАВА ВЕЧЕРВА НЕМА ДА ИМА. ПА ЗАТОА ВИЕ СЕГА ДОСТОИНСТВЕНО КАКО ШТО ВПРОЧЕМ НА СЕКОЈА УМНА ПУБЛИКА И ПРИЛЕГА БИ ТРЕБАЛО ДА ЈА НАПУШТИТЕ ОВАА САЛА… ДА, ДА, ДА ЈА НАПУШТИТЕ САЛАВА И ДА СИ ОДИТЕ ДОМА И СЕЕДНО КАДЕ. ПРЕТХОДНО, АКО ИМАТЕ ТРПЕНИЕ ДА ЧЕКАТЕ НА КАСАТА, ПАРИТЕ ЌЕ ВИ БИДАТ ВРАТЕНИ, КАКО ШТО СИ Е РЕД И ВООБИЧАЕНО… ЈАС СЕ РАЗБИРА НЕ БИ МОЖЕЛ ДА ВИ КАЖАМ КОГА ЌЕ ИМА ДРУГА ПРЕТСТАВА, А СЕ СОМНЕВАМ ОТИ И НЕКОЈ ДРУГ ТОА МОЖЕ ДА ВИ ГО КАЖЕ ОД ПРИЧИНИ ШТО НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТ ЌЕ ПРЕЗДРАВЕЕ. НЕ МОЖАМ ДА ВИ КАЖАМ И ЗАТОА ШТО СУМ ЈАС ОБИЧЕН СЦЕНСКИ РАБОТНИК… НО ШТО ЧЕКАТЕ… ( СЕ СМЕЕ .) ЗАРЕМ ВИ Е ТОЛКУ УДОБНО ВО ТИЕ ДОТРАЕНИ СЕДИШТА, А И ВО ОВАА ЗАДУШЛИВА САЛА КОЈА ПОСТОЈАНО МИРИСА НА МЕМЛА. НЕ ЧУВСТВУВАТЕ ЛИ ДЕКА ИМА И ПРОВЕВ…

ОДЕТЕ СИ ВЕЌЕ ! ЈАС НАЈУБАВО ШТО УМЕЕВ ВИ ОБЈАСНИВ ДЕКА ПРЕТСТАВАТА Е ОДЛОЖЕНА ЗАРАДИ ДИЛИРИУМОТ ТРЕМЕНС НА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТ КОЈ Е НОСИТЕЛ НА ГЛАВНАТА РОЛЈА. ВО ТОА БАРЕМ НЕМА НИШТО ЧУДНО, ЧОВЕКОТ СЕ НАПИЛ ВО БИФЕТО, АХ ТОА ПРОКЛЕТО БИФЕ, И ОДЕДНАШ ПОЧНАЛ ДА ВРЕСКА И ДА МУ СЕ ПРИЧИНУВААТ ПАЈАЦИ, ГЛУВЦИ И ДРУГИ СЕВОЗМОЖНИ ГАДИНКИ. И, СЕ РАЗБИРА ГО ОДНЕЛЕ В БОЛНИЦА… МОЖЕБИ ИМАЛ И ПРАВО ЧОВЕКОТ ШТО ТАКА СТРАШНО СЕ ИЗНАПИЛ, ЗАРАДИ НИВ ИМАЛ ПРАВО, ЗАРАДИ ТИЕ ОД УПРАВАТА, ОСОБЕНО ЗАРАДИ ДРАМАТУРГОТ, ТОЈ ЌЕЛАВ И НАДУЕН БЕЗОБРАЗНИК КОЈ МУ Е ДЕСНА РАКА, КАКО ШТО СЕ ВЕЛИ НА ИСТО ТАКА ЌЕЛАВИОТ УПРАВНИК… (ВИКА НЕНАДЕЈНО.) А УПРАВНИКОТ Е ЛАЈНАР. АКО НЕ Е ПРОСТЕТЕ МИ, КОГА ЌЕ СИ СПОМНАМ НА НЕГО ЗБЕСНУВАМ, АКО НЕ Е И САМИОТ ЛАЈНО… (СЕ СМИРУВА.) ДОБРО, СЕ ИЗВИНУВАМ И СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЌЕ МИ ПРОСТИТЕ ШТО КАЖУВАМ ВАКА ВАЛКАНИ ЗБОРОВИ. ПА НЕЛИ ВЕЌЕ ВИ РЕКОВ, ЈАС СУМ ОБИЧЕН СЦЕНСКИ РАБОТНИК И ИАКО РАБОТАМ ВО ТЕАТАР, НЕ СУМ КОЈ ЗНАЕ КОЛКУ УМЕН. А И НЕ УМЕАМ КОЈЗНАЕ КОЛКУ УБАВО ДА ЗБОРУВАМ. ПОПРАВО КАЖУВАМ НЕШТО ОДВРАТНО САМО ТОГАШ КОГА ЌЕ СИ СПОМНАМ ЗА ДРАМАТУРГОТ, А УШТЕ ПОВЕЌЕ ЗА УПРАВНИКОТ. НЕ ГО ЗНАЕТЕ ВИЕ НЕГО! НО, МОЖЕБИ НЕКОЈ ОД ВАС И ГО ЗНАЕ… ВИ ВЕЛАМ ИАКО ГО ЗНАЕ ТОА НЕ МУ Е КОЈЗНАЕ ОД КАКВА ПОЛЗА И КОЈЗНАЕ ЗА КАКВА ПОФАЛБА… ТОЈ САМО УМЕЕ ДА ГИ ЗАТВОРА МЛАДИТЕ АРТИСТКИ ВО СВОЈАТА МЕКО ПОСТАВЕНА КАНЦЕЛАРИЈА И НИШТО ПОВЕЌЕ… ТУКУ, НЕ САМО АРТИСТКИТЕ АМИ И ГАРДЕРОБЕРКИТЕ, А ЗА НОВО ПРИМЕНИТЕ БАЛЕРИНИ НЕ САКАМ НИТУ ДА РАСКАЖУВАМ. ТОА Е ОДВРАТНО, ВИ ВЕЛАМ, СОСЕМА ОДВРАТНО… (НЕНАДЕЈНО,КАКО ВО ПОЧЕТОКОТ, СЕ ВКОЧАНУВА И ПОЧНУВА ВТРЕНЧЕНО ДА ГЛЕДА ВО ПУБЛИКАТА СЕ ДОДЕКА ТОА НЕ СТАНЕ НЕПРИЈАТНО.)

DT_1

ПРЕТСТАВАТА Е ОДЛОЖЕНА! МЕ СЛУШАТЕ ЛИ, ПРЕТСТАВА НЕМА ДА ИМА… ВИЕ СЕГА БИ ТРЕБАЛО ДА ЈА НАПУШТИТЕ ОВАА САЛА БИДЕЈЌИ Е КРАЈНО ВРЕМЕ. МИРНО И ДОСТОИНСТВЕНО ТРГНЕТЕ КОН ИЗЛЕЗОТ, А ПАК ПОТОА КОН СОПСТВЕНИТЕ ДОМОВИ ИЛИ СЕЕДНО КАДЕ… ЈАС ЧЕКАМ… МЕ СЛУШАТЕ ЛИ ВИЕ МЕНЕ ИЛИ НЕ?! СЕ УШТЕ ЧЕКАМ… ВИЕ МОРА ДА СИ ОДИТЕ, ЈАС ИМАМ СВОИ ОБВРСКИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ИЗВРШАМ. А КАКО КОГА СИТЕ ВИЕ СТЕ ТУКА? КАКО ВЕ ПРАШУВАМ ЈАС ВАС?! КАКО КОГА НЕ САКАТЕ ДА СЕ ПОМРДНЕТЕ ОД ТИЕ НЕУДОБНИ СТОЛИЦИ… ДОБРО, ЕВЕ ДА ВИ ОБЈАСНАМ ОТИ ВАШЕТО СЕДЕЊЕ ОВДЕ Е СОСЕМА БЕСКОРИСНО И ГЛУПАВО… ПРЕТСТАВА ВЕЧЕРВА НЕМА ДА ИМА, ВЕЌЕ КОЈ ЗНАЕ ПО КОЈ ПАТ ОВА ВИ ГО КАЖУВАМ. НИКАКВА И НИ ЕДНА ПРЕТСТАВА. ОДЕТЕ СИ ДОДЕКА СЕ УШТЕ СУМ ТРПЕЛИВ И ДОДЕКА ВЕ МОЛАМ. (ВИКА.) ИДИОТИ! ВИЕ СТЕ ОДВРАТНИ ИДИОТИ! НАДВОР! НАДВОР! ИЗЛЕГУВАЈТЕ ВЕЌЕ ЕДНАШ, ЈАС НЕМАМ ПОВЕЌЕ ТРПЕНИЕ, ЈАС ИМАМ СВОИ ПРОБЛЕМИ… УЖАСНИ ПРОБЛЕМИ! МОРАМ ДА ВИ КАЖАМ – ВИЕ НЕ СТЕ ПУБЛИКА ТУКУ КОПИЛИЊА… ТОКМУ ТОА, ВИЕ СТЕ БЕЗОБРАЗНИ КОПИЛИЊА ДУРИ И ПОВЕЌЕ ОД ТОА… (ПОДОЛГО МОЛЧИ.) СЕ ИЗВИНУВАМ. МОЖЕБИ МАЛКУ ПРЕТЕРАВ, А ТОА Е ЗАТОА ШТО ВЕЌЕ НЕМАМ ЖИВЦИ. (ПРАВИ НЕКОЛКУ НЕКОНТРОЛИРАНИ, НЕРВОЗНИ ДВИЖЕЊА.) АХ, МОИТЕ ЖИВЦИ… СЕ ИЗВИНУВАМ И ВЕ МОЛАМ ДА МИ ПРОСТИТЕ. ЕВЕ, ПОНИЗНО ВЕ МОЛАМ ДУРИ АКО САКАТЕ И НА КОЛЕНА ЌЕ ВЕ МОЛАМ…

ЕТЕ ТАКА, СЕГА СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЌЕ СИ ОДИТЕ… НА КАСАТА, КАКО ШТО ВЕЌЕ ВИ ОБЈАСНИВ МОЖЕТЕ ДА СИ ГИ ЗЕМЕТЕ ПАРИТЕ ОД БИЛЕТИТЕ ИЛИ ПАК МОЖЕТЕ ДА ГИ ОСТАВИТЕ КАКО СВОЈ ПРИЛОГ ВО ОВОЈ СИРОМАШЕН ТЕАТАР. ТОА БИ БИЛО МОШНЕ УБАВО ОД ВАС, НА ТОЈ НАЧИН БИ ГО ПОМОГНАЛЕ ТЕАТАРОТ И УМЕТНОСТА ВООПШТО. (КАКО И ПРЕД ИЗВЕСНО ВРЕМЕ ВТРЕНЧЕНО ГЛЕДА ВО ПУБЛИКА­ ТА, ПО­ТОА НАГЛО ОД НЕКОЈ ЏЕБ ВАДИ ГОЛЕМ КУЈНСКИ НОЖ И ПОЧНУВА ДА МАВТА СО НЕГО КОН ПУБЛИКАТА.) ОДЕТЕ СИ! ОДЕТЕ СИ БИДЕЈЌИ СО МЕНЕ НЕ СТЕ ПОВЕЌЕ СИГУРНИ. ЌЕ УБИЈАМ НЕКОГО!

СЕЕДНО КОГО… МОЖЕБИ НЕКОЈ ЌЕЛАВ СТАРЕЦ, ИЛИ ПАК НЕКОЈА ГРДА,БРЧКАВА И БЕНКИЧАВА ЖЕНА. МОЖЕБИ НЕКОГО ОД ПРВИОТ ИЛИ ПАК ОД ОСУМНАЕСЕТИОТ РЕД… ( ГО ФРЛА НОЖОТ.. ПОПОЛЕКА НЕГОВИОТ БЕС СЕ ПРЕТВОРА ВО БОЛНО СТЕНКАЊЕ. ПОЧНУВА ДА ПЛАЧЕ.) СЕПАК БИ ТРЕБАЛО ДА СИ ОДИТЕ. ОДЕТЕ СИ! МОИТЕ ЖИВЦИ, АХ МОИТЕ РАЗОРЕНИ ЖИВЦИ… (ПРЕСТАНУВА ДА ПЛАЧЕ, НЕНАДЕЈНО НЕШТО МУ ПАЃА НА ПАМЕТ .) НО, ДОБРО. ТОГАШ ОСТАНЕТЕ… ДА, ДА, ОСТАНЕТЕ, А МОЖЕБИ И ЌЕ ИМАТЕ ПРЕТСТАВА… СЕ РАЗБИРА ТАКА Е НАЈДОБРО. ВИЕ ЌЕ ЈА ИМАТЕ СВОЈАТА ПРЕТСТАВА, А ЈАС, ПАК ОЛЕСНУВАЊЕ. ВЕРОЈАТНО ТАКА И ЌЕ ЈА СТИШАМ МАЛКУ СОВЕСТА ЗА ПОТОА ДА МОЖАМ ДА ЗАСПИЈАМ. ДА ЗАСПИЈАМ ПОСЛЕ ТРИ НОЌИ НЕСОНИЦА, А И ПОСЛЕ ТРИ ДЕНА СЕ РАЗБИРА, ПЕКОЛНИ ТРИ ДЕНА. ЈАС ТРИ ДЕНА КАКО СПОУЛАВЕН ГИ ВЛЕЧКАМ ОВИЕ ДВЕ ЦРНИ, ПЛАСТИЧНИ ВРЕЌИ ЗА ЃУБРЕ. ГИ ВЛЕЧКАМ НАСЕКАДЕ ПО СЕБЕ, ДУРИ ДО ОВДЕ ГИ ДОВЛЕЧКАВ ВО ОВОЈ ТЕАТАР. И ТОКМУ КОГА ПОМИСЛИВ ДЕКА МОЕТО ВЛЕЧКАЊЕ ЌЕ ЗАВРШИ, ВИЕ СТЕ ТУКА, И ТОА УПОРНО СТЕ ТУКА… ПА ДОБРО, ЌЕ ВИ ЈА РАСКАЖАМ МОЈАТА ПРИКАЗНА. ТОА ЗА ВАС, НА ИЗВЕСЕН НАЧИН ЌЕ БИДЕ ПРЕТСТАВА. А ОД ДРУГА СТРАНА ПАК АКО УБАВО СЕ РАЗМИСЛИ И НЕМА ДА БИДЕ ПРЕТСТАВА, БИДЕЈЌИ ТОА ШТО СЕ СЛУЧИ МИ СЕ СЛУЧИ МЕНЕ… НЕ, НЕ МИ СЕ СЛУЧИ МЕНЕ, ТУКУ НЕЈЗЕ… ПОПРАВО НИ СЕ СЛУЧИ НА ОБАЈЦАТА. НО ПРАВО ДА ЗБОРУВАМЕ ВАЖНИ СЕ, ВЕРОЈАТНО САМО ОВИЕ ДВЕ ЦРНИ ВРЕЌИ ЗА ЃУБРЕ… (ЗАМОЛЧУВА ИЗВЕСНО ВРЕМЕ, ПОТОА НЕ­НАДЕЈНО ИЗВИКУВА.) СИ ЈА УБИВ ЖЕНАТА! НЕ ЈА УБИВ…

ВСУШНОСТ ЈА УБИВ СОСЕМА СЛУЧАЈНО ПА ЗАТОА ТОА НЕ Е УБИСТВО ОНАКА КАКО КОГА ЧОВЕК САКА ДА УБИЕ СОПСТВЕНА ЖЕНА. СОСЕМА СЛУЧАЈНО, НО ЈА УБИВ СВОЈАТА ДРАГА ЖЕНА, СВОЈАТА САКАНА И МИЛА ЖЕНА… И СЕГА ТАА Е ТРУП, НАПОЛНО МРТОВ ТРУП КОЈ ВЕЌЕ ПОЧНУВА ПОМАЛКУ ДА НАМИРИСУВА, МИСЛАМ ДА СМРДИ ОНАКА КАКО ШТО СМРДАТ СИТЕ ТРУПОВИ. А МОЖЕБИ И НЕ СОСЕМА ТАКА ЗАТОА ШТО ОВА Е ТРУП НА МОЈАТА ПРЕКРАСНА ЖЕНА. ДА, ДА, ЈАС СУМ НИКАКВЕЦ И УБИЕЦ, И ТОА УБИЕЦ НА СОПСТВЕНАТА ЖЕНА. МОЕТО УБИСТВО НЕ БЕШЕ СО УМИСЛА. МОЕТО УБИСТВО НЕ БЕШЕ ТАКВО. ЈАС НЕСАКАЈЌИ ЈА УБИВ СОПСТВЕНАТА ЖЕНА… ВИ ТВРДАМ, НИ ЕДЕН ОД ВАС НЕМА ТАКВА ЖЕНА. ЕТЕ, ПОГЛЕДНЕТЕ ГИ И РАЗМИСЛЕТЕ КОЈА ОД НИВ Е ПОДОБРА ОД МОЈАТА, КОЈА СЕГА Е ТРУП КОЈ ВЕЌЕ ПОЧНУВА ДА МИРИСА НА ТРУЛЕЖ… ( ИЗВЕСНО ВРЕМЕ МОЛЧИ, ПОТОА НЕНАДЕЈНО.) СИГУРНО ГО ЗНАЕТЕ БИФЕТО НА ТЕАТАРОТ. ТОА СЕ НАОЃА ТУКА ВО БЛИЗИНА… Е ТОКМУ ВО ТОА БИФЕ И ТОКМУ ПРЕД ТРИ ДЕНА КОГА ГИ ЗЕДОВМЕ ПЛАТИТЕ И КОГА ПРОБАТА БЕШЕ ОДЛОЖЕНА, ЈАС И МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ ОД ИЗУТРИНА СИ СЕДЕВМЕ НА НАШАТА МАСА. И ТОЈ МЕНЕ МИ ВЕЛИ, МИ ВЕЛИ МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТ КОЈ ДОБИ ДИЛИРИУМ ТРЕМЕНС И ЗАРАДИ КОГО ВЕЧЕРАШНАВА ПРЕТСТАВА Е ОДЛОЖЕНА:- ”ДА СЕ НАПИЕМЕ ПО ЕДНА МИ ВЕЛИ И ОБЈАСНУВА ПОНАТАМУ, ДОБРО Е ТОА НА УТРО ЗАРАДИ ЦИРКУЛАЦИЈА”. И СЕ РАЗБИРА СЕ НАПИВМЕ ПО ЕДНА, КАКО И НЕ БИ СЕ НАПИЛЕ КОГА ТОЈ, МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ ТОЛКУ УБАВО МИ ЈА ОБЈАСНИ КОРИСТА ОД УТРИНСКАТА ЧАША…

ТАКА ПОЧНА ДА СЕ ОТПЛЕТКУВА ТОЈ ДЕН,ТОЈ ГРОЗЕН И КОБЕН ДЕН ВО КОЈ СИ ЈА УБИВ СОПСТВЕНАТА ПРЕКРАСНА ЖЕНА?. ДА СЕ ОТПЛЕТКУВА ВЕЛАМ, ЗАТОА ШТО НИЕ НЕ СЕ ЗАДРЖАВМЕ САМО НА ПО ЕДНА. А И НЕ МОЖЕВМЕ ДА СЕ ЗАДРЖИМЕ БИДЕЈЌИ ПРОБАТА БЕШЕ ОДЛОЖЕНА. ДИРЕКТОРОТ БЕШЕ ОТСУТЕН, КАКО И ОБИЧНО, А ЈАС И МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ ТОКМУ ШТО ЗЕДОВМЕ ПЛАТА И ТОКМУ ШТО ПОЧНАВМЕ ДА РАЗГОВАРАВМЕ ЗА ТАА ОДВРАТНА СВИЊА ДРАМА­ ТУРГОТ:- “СВИЊА Е ТОЈ- МИ ВЕЛИ МЕНЕ АРТИСТОТ, И ПОСТОЈАНО СЕ ПРЕВИТКУВА ПРЕД ДИРЕКТОРОТ, А ЗГОРА НА ТОА НЕМА ПОИМ ШТО Е ТОА ТЕАТАР И ВООПШТО ШТО ЗНАЧИ НАШАТА УМЕТНОСТ И КОЈА Е НЕЈЗИНАТА ВОЗВИШЕНА СМИСЛА. ЕДИНСТВЕНО ШТО ЗНАЕ Е САМО ДА ПРЕДЛАГА ДА МЕ КАЗНАТ МЕНЕ И ТОА НАЈСТРОГО ДА МЕ КАЗНАТ ЗА ТАКА НЕ ВАЖНИ НЕШТА”. СИ ГО ПИЕМЕ НИЕ ПИЈАЛОКОТ, ДОДЕКА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ ПРОДОЛЖУВА СПОКОЈНО И УМНО:- “ ШТО СУМ ТИ СТОРИЛ ЈАС ТЕБЕ – МЕ ПРАШУВА МЕНЕ АРТИСТОТ – ШТО ДОБИВ ОВОЈ ПАТ ТРИЕСЕТ ПОСТО ПОМАЛКУ . НИШТО, СЕ РАЗБИРА ОСВЕН ШТО ТРИПАТИ ЗАДОЦНИВ НА ПРОБА, ЕДНАШ НЕ ДОЈДОВ НА ПРОБА ЗОШТО БЕВ МАМУРЕН И ДВА ПАТИ БЕВ МАЛКУ ПОДНАПИЕН НА ПРЕТСТАВА, ТА НЕЛИ СУМ И ЈАС ЧОВЕК. ИМАМ ПРАВО ОД ВРЕМЕ НА ВРЕМЕ ДА ПИВНАМ ПО НЕКОЈА. “ И УШТЕ ДОЛГО СИ ГО ИСПИВАМЕ НИЕ ПИЈАЛОКОТ И РАЗГОВАРАМЕ ЗА МОЈОТ ШЕФ, ЗА ГАРДЕРОБЕРКИТЕ, ЗА ДЕБЕЛАТА КАСИЕРКА… КОГА НЕНАДЕЈНО ВЛЕЗЕ ТАА. НЕ ВЛЕЗЕ, ТУКУ ДОПЛИВА НОВОПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА. ЈАС ВО ТОЈ МИГ СЕ СКАМЕНИВ, НЕШТО МЕ СТРЕСЕ, ПОТОА МЕ ОБЛЕА ЛАДНА, А ЖЕШКА ПОТ И НА КРАЈОТ СЕ ВКОЧАНИВ. СЕ ВКОЧАНИВ КОГА ВИДОВ ДЕКА ТАА ДОАЃА НА НАШАТА МАСА. МЕ ГЛЕДАШЕ ТАА МЕНЕ, МЕ ГЛЕДАШЕ НЕКАКО ПРОДОРНО… ОНАКА КАКО ШТО ГЛЕДА ТАА НОВОПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА… И СЕДНА, СЕ РАЗБИРА, НАСПРОТИ МЕНЕ. АРТИСТОТ ТОА НЕ ГО ЗАБЕЛЕЖА. НЕМУ ТОА НИШТО НЕ МУ ЗНАЧЕШЕ. ОЧИТЕ И БЕА ГОЛЕМИ. И НЕ САМО ОЧИТЕ. СЕ ДРУГО НА НЕА БЕШЕ ГОЛЕМО, ОБЛО И ЦВРСТО. МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТ НЕШТО МЕ ПРАША, НО ЈАС НЕ ЧУВ. А КАКО МОЖЕВ ДА ЧУЈАМ КОГА ТАА СЕДЕШЕ НАСПРОТИ МЕНЕ И КОГА ПОБАРА ДА И ПОРАЧАМ ПИЈАЛОК. СЕ ЧУВСТВУВАВ ЧУДНО. ПА ТОКМУ ЗАТОА ЈА ГЛЕДАВ И ЈАС НЕА… ПОТОА ОДЕДНАШ ПОЧУВСТВУВАВ ДЕКА ЌЕ МИ СЕ СЛУЧИ НЕШТО ЧУДНО, НЕ БЕВ ПОТПОЛНО СИГУРЕН… МОЖЕБИ БЕШЕ ТОА САМО ПРЕТЧУВСТВО. НЕШТО ТЕМНО И ГРОЗНО МИ ЈА ЗАФАТИ ДУШАТА ДОДЕКА ТАА БЕШЕ ТУКА И ГО ПИЕШЕ СВОЈОТ ПИЈАЛОК. ТЕМНО, ГРОЗНО , А МОЖЕБИ И СТРАШНО.

ТОГАШ МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ МИ РЕЧЕ: “НАЈДОБРО БИ БИЛО СЕГА, ТОКМУ СЕГА ДА И ЈА ПОДАДЕШ РАКАТА. НЕ ЗНАМ ЗОШТО ТОА МИ ГО РЕЧЕ МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ. МОЖЕБИ ЈА ЗАБЕЛЕЖА ТЕМНИНАТА И ГРДОТИЈАТА НА МОЕТО ЛИЦЕ, А И НАСЕКАДЕ ПО БИФЕТО КАКО ДА СЕ НИШАШЕ НЕКАКВА ТЕМНИНА И НЕШТО ГРДО. НО ЈАС И ПОКРАЈ ТОА И ЈА ПОДАДОВ РАКАТА, А ПАК ТАА ЈА ПРИФАТИ ВО СВОЈАТА. НЕЈЗИНАТА РАКА БЕШЕ ДОЛГА И МЕКА И СОСЕМА ЖЕШКА… НИЕ ТАКА ПРОДОЛЖИВМЕ ДА ГО ИСПИВАМЕ ПИЈАЛОКОТ И СЕ БЕШЕ УБАВО ДОТОГАШ ДОДЕКА НЕ СЕ ПОЈАВИ ДРАМАТУРГОТ. ТОГАШ МЕНЕ МИ СТАНА ОДВРАТНО, НО ТОА МОЖЕБИ НЕ Е НИ ТАКА ВАЖНО… ПРИКВЕЧЕРИНАТА, КОГА ВЕЌЕ БЕВМЕ ДОВОЛНО НАПИЕНИ, ДОЈДЕ КЕЛНЕРОТ, ГЛУПАВО НЕКОЕ ЧОВЕЧЕ И НИ РЕЧЕ ДЕКА ПОВЕЌЕ НЕМА ДА НИ ДАВА ПИЈАЛОК БИДЕЈЌИ СМЕ ПРЕТЕРАЛЕ И СМЕ МУ ДОШЛЕ ПРЕКУ ГЛАВА. НАМ НЕ НИ ПРЕОСТАНА НИШТО ДРУГО ОСВЕН ТОА ДА ВЛЕЗЕМЕ ВО БИФЕТО ОД СПРОТИВА…

МЕНЕ И ТАМУ СЕ УШТЕ МИ БЕШЕ ГРОЗНО ЗОШТО ГО ИМАВ СТРАШНОТО ПРЕ­ТЧУВСТВО КОЕ МИ ВЕЛЕШЕ ДЕКА ЌЕ СЕ СЛУЧИ НЕКАКВА НЕСРЕЌА. И ПОКРАЈ МОЈАТА ГРОЗОМОРНА СОСТОЈБА САКАВ НЕШТО ДА И РЕЧАМ НА НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА, НЕШТО ШТО ЌЕ ГО ПОМНИ, НЕШТО СООДВЕТНО, НО НЕ МОЖЕВ НИШТО ДА СМИСЛАМ. И ТОКМУ ТОГАШ, КОГА ТИЕ МИСЛИ МИ СЕ ВРТЕА НИЗ ГЛАВА, МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ КАКО ШТО САМО ТОЈ УМЕЕ МЕ ПРАША:- “ А ЗОШТО ТИ НЕ БИ СЕ ОЖЕНИЛ СО НЕА? “ АРТИСТОТ КАКО ДА МИ ПОСТАВИ СУДБОНОСНО ПРАШАЊЕ… ЈАС СЕПАК СЕ НАПНАВ, МИСЛАМ БРЗО ПОЧНАВ ДА РАЗМИСЛУВАМ, ЗОШТО НЕ БИ ТРЕБАЛО ДА НЕ ЈА ЗЕМАМ ЗА ЖЕНА? НО, ИАКО ЗНАЕВ ДЕКА ИМА ПРИЧИНА, НЕКОЈА ГОЛЕМА, НЕПРЕМОС­ТИВА, НЕПРЕСКОКЛИВА ПРИЧИНА ШТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ ЗАОБИКОЛИ, НА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ МУ ОДГОВОРИВ МОШНЕ ВОЗБУДЕНО… ЌЕ ЈА ЗЕМЕМ, МУ РЕКОВ. ТОГАШ, МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ, СЕ СТРУПОЛИ ПОД МАСА. Е ТОКМУ ТОА МЕ НАТЕРА СОСЕМА ДА БИДАМ СИГУРЕН ВО СВОЈАТА ОДЛУКА, ДА ЈА ЗЕМАМ НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА ЗА ЖЕНА. НА ПАМЕТ НЕ МИ ДОАЃАШЕ ДЕКА ЈАС ВЕЌЕ СУМ ЖЕНЕТ, ДЕКА ЈА ИМАМ МОЈАТА МИЛА И ПРЕКРАСНА ЖЕНА И ДЕКА ТАА МЕ ЧЕКА И ТОА ТРПЕЛИВО МЕ ЧЕКА.? ПОТОА ГО КРЕНАВМЕ ЈАС И БАЛЕРИНАТА АРТИСТОТ И НЕКАКО ГО ДОВЛЕЧКАВМЕ ДО ПОРТИРНИЦА­ТА НА ТЕАТАРОТ КАДЕ ШТО ТОЈ ЧЕСТО ГИ ПОМИНУВАШЕ НОЌИТЕ… И ТРГНАВМЕ ДРЖЕЈЌИ СЕ ЗА РАКА, А МОЖЕБИ И ПРЕГРНАТИ.

DT_2

ТРГНАВМЕ КОН ДОМА. ДА КОН МОЈОТ ДОМ ВО КОЈ МЕ ЧЕКАШЕ МОЈАТА ЖЕНА НА КОЈА ЈАС НАПОЛНО БЕВ ЗАБОРАВИЛ. СЕ ДВИЖЕВМЕ ТАКА ДОЛГО ПОМАЛКУ НИШАЈЌИ СЕ, А ПОВРЕМЕНО ТАА МИ КАЖУВАШЕ НЕШТА КОИ МЕНЕ МЕ ИЗБЕЗУМУВАА. А УШТЕ ПОВЕЌЕ МЕ ИЗБЕЗУМУВАШЕ НЕЈЗИНИОТ ЛЕПЛИВ ГЛАС ОД КОГО САМО БЕЗУМИЕ СЕ ЦЕДИ. ПОВРЕ­ МЕНО ЈАС И КАЖУВАВ НЕШТО ШТО НЕЈЗЕ ЈА ВОЗБУДУВАШЕ… И СТИГНАВМЕ ДО МОЈОТ ДОМ. МЕНЕ И ТОГАШ КОГА ВИДОВ ДЕКА ПРОЗОРЕЦОТ Е ОСВЕТЛЕН, НЕ МИ ПАДНА НА ПАМЕТ ДЕКА ТАМУ Е МОЈАТА ПРЕКРАСНА ЖЕНА КОЈА МЕ ЧЕКА. МЕ ЧЕКА И ПЛЕТИ И ИМА ПАПИЛОКНИ И ПО НЕКОЕ СТАРО КРПЧЕ ВО КОСАТА, И МИРИСА МОЈАТА ЖЕНА НА КРОМИД ИЛИ НА НЕШТО ДРУГО…? ВЛЕГОВМЕ ВО ДВОРОТ ВО КОГО ИМА СТАРА ЈАБОЛКНИЦА НА СРЕДИНАТА. ВО ДВОРОТ НА ДЕДО МИ, ПА ПОТОА ВО ДВОРОТ НА ТАТКО МИ, ПА ПОТОА ОТКАКО И ТОЈ УМРЕ, ВО МОЈОТ ДВОР… БЕВ ПОТПОЛНО СПОКОЕН КОГА ЈА ОТВОРИВ ВЛЕЗНАТА ВРАТА. БЕВ СПОКОЕН И КОГА ПОМИНУВАВ СО НЕА НИЗ МРАЧНИОТ ХОДНИК. ДУРИ БЕВ СПОКОЕН И КОГА ЈА ОТВОРИВ ВРАТАТА ОД КУЈ­НАТА… А ТАМУ, ЗАД ГОЛЕМАТА МАСА КОЈА БЕШЕ ОЦРНЕТА ОД МАСНОТИИТЕ И ПРЕПОЛНА СО ПОДМУВЛОСАН КРОМИД И ПОДРАСИ­ПАНО МЕСО, СЕДЕШЕ МОЈАТА ПРЕКРАСНА ЖЕНА. СЕДЕШЕ И ПЛЕ­ТЕШЕ… ЈАС ДУРИ ТОГАШ СФАТИВ ЗОШТО ГО ИМАВ ТОА ЗЛОКОБНО ПРЕТЧУВСТВО, ПОПРАВО СФАТИВ ДЕКА ЈАС ЕДНАШ ВЕЌЕ БЕВ ЖЕНЕТ…

СЕ СТАПИСАВ, ТУКУРЕЧИ СЕ СКАМЕНИВ И МИ ПОМИНАА МОРНИЦИ ПО КОСКИТЕ… ЖЕНА МИ СВРЕСКА. РИКНА НЕКАКО ПОДМОЛНО И КАКО ОД ДЛАБОЧИНА И ГО ГРАБНА ОВОЈ ИСТ НОЖ, ОГРОМЕН И ОСТАР, ВАЛКАН И ЦРН, ОВОЈ НОЖ ШТО МИРИСА НА КРОМИД И ПОДРАСИПАНО МЕСО, ЈА ПРЕСКОКНА МАСАТА И СЕ ВТУРНА КОН МЕНЕ… ЈАС СЕ СВРТИВ И ПОЧНАВ ДА БЕГАМ КОН ДВОРОТ. БЕГАЈЌИ УДРИВ НЕКОЛКУ ПАТИ ВО ЅИДОВИТЕ ОД ХОДНИКОТ НО СЕПАК СРЕЌНО СТИГНАВ НАДВОР. ЖЕНА МИ НЕ МЕ СТИГНА ДО ДВОРОТ, А НЕ МЕ СТИГНА НИ ПОТОА ЗОШТО ЈАС БРЗО, БРЗО СЕ ИСКАЧИВ НА ПРВАТА ГРАНКА ОД СТАРАТА ЈАБОЛКНИ­ ЦА… А ЗНАЕТИ ЛИ ШТО СЕ СЛУЧИ СО НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА?

НЕ ЗНАЕТЕ? Е ПА НЕ ЗНАМ НИ ЈАС. НЕА ЕДНОСТАВНО ЈА СНЕМА, КАКО И НИКОГАШ ДА НЕ БИЛА… КОЈ СЕГА МОЖЕ ДА ЗНАЕ, МОЖЕБИ И НИКОГАШ НЕ ПОСТОЕШЕ НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА. НО СЕ ЕДНО ТОА И ТАКА СЕГА НЕ Е ВАЖНО… ВАЖНО Е САМО ТОА ДЕКА ЖЕНА МИ СТОЕШЕ ПОД МЕНЕ И МАФТАШЕ СО НОЖОТ И НЕШТО ВИКАШЕ. ПОПРАВО ВИКАШЕ ЗА ТОА ДЕКА СУМ И ГО УНИШТИЛ ЖИВОТОТ, ДЕКА СУМ БЕЗОБРАЗЕН И УШТЕ КОЈ ЗНАЕ ШТО ВИКАШЕ ПО МЕНЕ И МИ СЕ ЗАКАНУВАШЕ. ОД СЕТО ТОА ОЧИГЛЕДНО БЕШЕ ДЕКА МОЈАТА ПРЕ­КРАСНА И МИЛА ЖЕНИЧКА САКА ДА МЕ УБИЕ. СЕПАК ЈАС БЕВ БЕЗБЕДЕН НА СТАРАТА ЈАБОЛКНИЦА И НЕ МИ БЕШЕ ТОЛКУ ВАЖНО ШТО ТАА МИ СЕ ЗАКАНУВАШЕ. МИ БЕШЕ ПОТПОЛНО СЕЕДНО ПА ДУРИ И ЗА НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА МИ БЕШЕ СЕЕДНО И ЗА МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТ. МОЖЕБИ ДУРИ И МИ СЕ ПРИСПА И ЌЕ ЗАСПИЕВ АКО НЕ СЕ СЛУЧЕШЕ ТОА ШТО СЕ СЛУЧИ. ПОТОЧНО АКО НЕ СЕ СКРШЕШЕ ГРАНКАТА НА КОЈА ЈАС СЕДЕВ И АКО, СЕ РАЗБИРА ЈАС НЕ ПАДНЕВ И ТОА ВРЗ МОЈАТА ЖЕНА… ПАДНАВ ВРЗ НЕЈЗИНАТА ГЛАВА НА КОЈА ИМАШЕ ПАПИЛОКНИ И СТАРИ КРПЧИНА, И И ГО СКРШИВ РБЕТОТ И СЕ РАЗБИРА ТАА ВО ТОЈ МИГ БЕШЕ МРТВА… ПОТОА ЈАС ПОЧНАВ ДА ПЛАЧАМ, ПЛАЧЕВ ТИВКО. БЕВ ОЧАЕН И ЈА ОДНЕСОВ МОЈАТА МРТВА ЖЕНА ВО МОЈОТ ДОМ. ЈА ПОЛОЖИВ НА МАСАТА НА КОЈА ИМАШЕ ПОДМУВЛОСАН КРОМИД И ПОДРАСПАНО МЕСО… ТОГАШ СФАТИВ ОТИ СУМ БЕСПОМОШЕН. НЕ, НЕ СЕ ИСПЛАШИВ, САМО БЕВ БЕСПОМОШЕН ЗАТОА ШТО ТАА НЕ БЕШЕ ТУКА ПОПРАВО ТАА БЕШЕ ТУКА, НО МРТВА… И ТОГАШ РЕШИВ ДА СЕ САМОУБИЈАМ, НО НЕ ЗНАЕВ КАКО. ГО ИМАВ САМО ОВОЈ ГОЛЕМ НОЖ СО КОГО СИГУРНО НЕ МОЖЕВ ДА СЕ САМО­ УБИЈАМ. ПОТОА СЕ СЕТИВ. ПРОНАЈДОВ ЕДНА ОГРОМНА ШАЈКА, ГО ЗЕДОВ ГОЛЕМИОТ ЧЕКАН ОД ВИЗБАТА И ЛЕГНАВ НА ПОДОТ. (ЛЕГНУВАНА ПОДОТ И ПОЧНУВА ДА ГО ИМИТИРА НАЧИНОТ НА КОЈ САКАЛ ДА СЕ САМОУБИЕ)

ЈА НАМЕСТИВ ШАЈКАТА МЕЃУ ДВЕ РЕБРА, ТАМУ КАДЕ ШТО ПРЕТПО­СТАВУВАВ ДЕКА МИ СЕ НАОЃА СРЦЕТО, И УДРИВ СО ЧЕКАНОТ… НО ПРОМАШИВ. САМО СИ ГО СЛОЧКАВ ПАЛЕЦОТ. ПРОМАШИВ, СЕ РАЗБРИРА ЗАТОА ШТО РАЦЕТЕ МИ СЕ ТРЕСЕА ОД ВОЗБУДА, ЗАРАДИ ТРУПОТ НА ЖЕНА МИ, А МОЖЕБИ И ЗАРАДИ АЛКОХОЛОТ. ПОТОА ВЕЌЕ НЕМАВ ЖЕЛБА ДА СЕ САМОУБИЈАМ, ТУКУ РЕШИВ ДА ГО ЗАСОЛНАМ НЕКАДЕ ТРУПОТ. ПОВТОРНО СЕ СИМНАВ ВО ВИЗБАТА И ЈА ЗЕДОВ СТАРАТА ЗАРЃАНА ПИЛА, ПА СО НЕА ЈА ПРЕПОЛОВИВ МОЈАТА ЖЕНА. НА ЕДНА СТРАНА БЕА НЕЈЗИНИТЕ УБАВИ НОЗЕ, А НА ДРУГА СТРАНА СТОМАКОТ И СЕ ДРУГО НАГОРЕ, И ГЛАВАТА. ДВАТА ДЕЛА ГИ СТАВИВ ВО ДВЕ ЦРНИ, ПЛАСТИЧНИ ВРЕЌИ ЗА ЃУБРЕ… И ЕВЕ ЈА СЕГА ЖЕНА МИ… ТРИ ДЕНА ВЕЌЕ ЈА ВЛЕЧКАМ, КАКО ЗАМАЕН, КАКО СПОУЛАВЕН ЈА ВЛЕЧКАМ И НЕ ЗНАМ ШТО СО НЕА. НЕ ЗНАМ КАДЕ ДА ЈА ЗАСОЛНАМ. ПА ТАКА РЕШИВ ДА ЈА ДОНЕСАМ ОВДЕ, ВО ОВОЈ ТЕАТАР, ДА ЈА ЗАКОПАМ ДЛАБОКО ПОД СЦЕНАТА ЗА ДА БИДЕ ТУКА КОГА ЌЕ ПОМИСЛАМ НА НЕА. (КАКО И ПРЕДХОДНИОТ ПАТ ВТРЕНЧЕНО ГЛЕДА КОН ПУБЛИКАТА СЕ ДОДЕКА ТОА НЕ СТАНЕ НЕПРИЈАТНО.)

А ВИЕ СТЕ СЕУШТЕ ТУКА. СЕДИТЕ И НЕ МИ ДОЗВОЛУВАТЕ ДА ЈА ЗАВРШАМ СВОЈАТА РАБОТА, ДА ГО ЗАСОЛНАМ ТРУПОТ, ДА ЈА ЗАСОЛНАМ МОЈАТА ПРЕКРАСНА ЖЕНА, ДА ЈА ЗАСОЛНАМ ЉУБОВТА МОЈА И ДА ЛЕГНАМ ДА СПИЈАМ. (ПОЧНУВА НЕРВОЗНО ДА СЕ ДВИЖИ ПО СЦЕНАТА. НЕНАДЕЈНО НЕОБИЧНО ГЛАСНО СЕ ЗАСМЕЈУВА. НИЗ СМЕА.) ДА СПИЈАМ СЕЕДНО КАДЕ ЗА ДА ПРЕСТАНЕ МОЈАТА МАКА И ДА ЗАБОРАВАМ НА ТРУПОТ ОД МОЈАТА ЖЕНА И НА НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА. ТУКУ НА НЕА НЕ… ПА СЕ РАЗБИРА СЕГА НЕ МИ ПРЕЧИ НИШТО, НИШТО НЕ ЈА СПРЕЧУВА НАШАТА ЉУБОВ НИТУ МОЈОТ ПРИ­ ЈАТЕЛ АРТИСТОТ КОЈ Е ВО БОЛНИЦА И КОЈ ШТО ДОЛГО ЌЕ ОСТАНЕ ТАМУ… (МОЛЧИ.) НЕ, НЕ МОЖАМ ПОВЕЌЕ, ОВА Е ОДВРАТНА ПРИКАЗНА ТАКА ЖАЛОС­НА ИЗМИСЛИЦА. МОЈАТА СОВЕСТ СЕ БУНИ. ТОЛКУ ДОЛГО СЕ КОЛЕБАВ, НО СЕГА РЕШИВ ОВА ПОВЕЌЕ ДА НЕ ГО ИГРАМ. НИКОГАШ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА РАСКАЖАМ ЗА ПРЕПОЛОВЕНИОТ ТРУП, А КОБАЈАГИ ПРЕКРАСНАТА ЖЕНА, ЗА НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА И ЗА СЕ ДРУГО. НИКОГАШ ПОВЕЌЕ БИДЕЈЌИ Е ГРОЗНО… ИАКО ТОА Е САМО ПРИКАЗНА, ИАКО ЈАС СУМ САМО АРТИСТ ВО ОВОЈ ТЕАТАР, А НЕ СЦЕНСКИ РАБОТНИК СЕПАК НЕМА ПОВЕЌЕ НИ НА НИЕДНА ПУБЛИКА ДА И ЈА РАСКАЖАМ ОВАА ПРИКАЗНА… ДА, ДА НЕ ПОСТОИ НИКАКВА МРТВА ЖЕНА, А НАЈМАЛКУ ОД СЕТО ТОА МОЈАТА ПРЕКРАСНА ЖЕНА… ЈАС, СЕ РАЗБИРА ИМАМ ЖЕНА, ИМАМ ПРЕКРАСНА ЖЕНА И ТАА Е СОСЕМА ЖИВА, ТАА ПОСТОИ ДУРИ МОЖЕБИ Е СЕГА ТУКА МЕЃУ ВАС. ВЕРОЈАТНО Е И НА СЦЕНАВА. (ПОЧНУВА ДА СЕ ДВИЖИ ПО СЦЕНАТА МОЛЧЕЈЌИ.) ПА СЕ РАЗБИРА ДЕКА Е НА СЦЕНАВА. ЕВЕ ЈА ТУКА ПРЕПОЛОВЕНА ВО ОВИЕ ДВЕ ВРЕЌИ! ЈАС СУМ ТОЈ ГНАСЕН УБИЕЦ! И ЕДИНСТВЕНО ШТО Е ИЗМИСЛЕНО ВО ОВАА ПРКАЗНА Е ТОА ДЕКА ЈАС ПАДНАВ ВРЗ НЕА. НЕ, НЕ НО НАПРОТИВ. ГО ЗЕДОВ НОЖОТ И ЈА РАСПАРАВ ОД ПАПОКОТ ДО ГРЛОТО. ЈАС НЕ СУМ НИКАКОВ АРТИСТ, НО ЈАС СУМ ОБИЧЕН РАБОТНИК. И ТАА НЕ БЕШЕ ПРЕКРАСНА ЖЕНА, НО БЕШЕ ЕДНО ИЗВАЛКАНО И ГРДО СУШТЕСТВО КОЕ МОРАВ ДА ГО УБИЈАМ.

DT_3

МОРАВ ДА ГО ПРЕКИНАМ НЕЈЗИНИОТ БЕСКОРИСЕН ЖИВОТ, ШТЕТЕН ПО МЕНЕ. НЕ МОЖЕТЕ НИШТО ДА ПРЕТПОСТАВИТЕ ШТО СО МЕНЕ СЕ СЛУЧУВАШЕ, НА КОИ МАКИ БЕВ ИЗЛОЖЕН И НА КОИ СТРАДАЊА. НЕ МОЖЕТЕ НИТУ ДА ПРЕТПОСТАВИТЕ КОИ БЕА НЕЈЗИНИТЕ МЕТОДИ, ШТО СЕ НЕ СМИСЛУВАШЕ ЗА ДА МИ ГО НАПРАВИ ЖИВОТОТ ПОГОРЧЕЛИВ, ДУРИ И МЕ ТЕПАШЕ КОГА СЕ ВРАЌАВ НОЌЕ МАЛКУ ПИЈАН, А ПОТОА МЕ ПРИЈАВУВАШЕ ВО ПОЛИЦИЈА ЗА ДА МЕ ТЕПААТ И ТАМУ.

МОРАВ ДА ЈА УБИЈАМ И ЗАРАДИ ТОА ПРЕКРАСНО СУШТЕСТВО, НОВОПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА. А И МОЈОТ ПРИЈАТЕЛ АРТИСТОТ И НЕГО ЌЕ ГО УБИЈАМ И ЌЕ ГО ЗАСОЛНАМ ПОД СЦЕНАВА ЗА ДА БИДЕ ТУКА КОГА ЌЕ СЕ СЕТАМ НА НЕГО… ТОЈ СПИЕШЕ СО БАЛЕРИНАТА, БЕССРАМНО ВОДЕШЕ ЉУБОВ, ТОКМУ ЗА ТОА ЌЕ ГО УБИЈАМ… А И ДРАМАТУРГОТ ЌЕ ГО УБИЈАМ, МОЖЕБИ И ДИРЕКТОРОТ… ЌЕ СМИСЛАМ ПОДМОЛЕН НАЧИН, НЕШТО СТРАШНО ЌЕ СМИСЛАМ, НЕКАКВА НЕСНОСЛИВА СМРТ ЗА ДА ВРЕСКААТ КОГА ЌЕ УМИРААТ И ДА ЗНААТ ОТИ ЈАС ГИ УБИВАМ. ПОТОА СИТЕ ЌЕ ГИ ПРЕПОЛОВАМ И ЌЕ ГИ ЗАСОЛНАМ ПОД СЦЕНАВА. ТАМУ КАДЕ ШТО ВЧЕРА ЈА ЗАСОЛНАВ МОЈАТА ЖЕНА. СИТЕ ЗАЕДНО ДА СКАПУВААТ, ДА СЕ РАСПАЃААТ СЕ ДОДЕКА НЕ ИМ ПОБЕЛАТ КОСКИТЕ… ЌЕ УБИЈАМ УШТЕ НЕКОГО, СЕ УШТЕ НЕ ЗНАМ КОГО, НО ЌЕ УБИЈАМ. ЌЕ УБИВАМ СЕ ДОТОГАШ ДОДЕКА ИМА МЕСТО ЗА ТРУПОВИ ПОД ОВАА СЦЕНА , СЕ ДОДЕКА ИМА МЕСТО И ДОДЕКА ИМА ЦРВИ ШТО ЌЕ ГИ РАЗЈАДУВААТ. И НЕКА СМРДИ НА ГНИЛЕЖ, НА РАСПАДНАТО ЧОВЕЧКО МЕСО КОГА ЈАС ЌЕ ДОАЃАМ ВО ОВОЈ ТЕАТАР И КОГА ЌЕ СЕ КАЧАМ НА ОВИЕ ШТИЦИ.

НЕКА СМРДИ, НЕКА СЕ ДИГА РЕА, НЕКА СЕ РАСПРОСТИРА ОКОЛУ, ДО ВАШИТЕ НЕСОНИЦИ, НЕКА СЕ РАСПРОСТИРА И ТОГАШ ВИЕ ЌЕ ЈА ИМАТЕ НАЈГОЛЕМАТА ПРЕТСТАВА, ВИЕ ГНАСНА ПУБЛИКО… ДА, ДА ГНАСНА ПУБЛИКА, А ШТО ДРУГО МОЖЕ ДА СЕ КАЖЕ ЗА ВАС КОГА ДОАЃАТЕ СЕКОЈА ВЕЧЕР ДА ПРИСУСТВУВАТЕ НА ТУЃИТЕ ИЗМИСЛЕНИ СМРТИ. ПЛУКАМ ВО ВАС. (ВИКА.) ЌЕ УБИЈАМ НЕКОГО ОД ВАС, НЕКОГО ОД ПРВИОТ РЕД, МОЖЕБИ ОД ПЕТТИОТ ИЛИ СЕ ЕДНО ОД КОЈ РЕД! ЌЕ УБИВАМ СЕ ДОДЕКА НЕ МИ СЕ ПРЕМОРАТ РАЦЕТЕ. ДОДЕКА ЦЕЛИОТ

НЕ БИДАМ НАТОПЕН СО КРВ, ДОДЕКА НЕ СЕ НАСИТАМ ОД ГЛЕДАЊЕ НА РАСКИНАТО МЕСО. ( ГО ЗЕМА НОЖОТ И СО НЕГО МАФТА КОН ПУБЛИКАТА. ВИКА) ЌЕ УБИВАМ… ИЗЛЕГУВАЈТЕ, НАПУШТЕТЕ ЈА ВЕЌЕ ЕДНАШ ОВАА САЛА. ИЗЛЕГУВАЈТЕ ЗАТОА ШТО И ТЕАТАРОТ ЌЕ ГО УРНАМ, ЌЕ ГО ПОДРИЈАМ, ЌЕ ГО ПОТКОПАМ ОД СИТЕ СТРАНИ. (ПАЃА НА КОЛЕНА И ГО ЗАКАЧУВА НОЖОТ НА ПОДОТ ДО СЕБЕ.) ЌЕ КОРНАМ СО ОВИЕ РАЦЕ, СО НИВ И ЌЕ ДАВАМ, ЌЕ ГМЕЧАМ, ЌЕ РАСКИНУВАМ, ЌЕ ТОЛЧАМ, ЌЕ ДРОБАМ. (ПАЃА СО ЛИЦЕТО КОН ПОДОТ. ИЗВЕСНО ВРЕМЕ Е НЕПОДВИЖЕН. СТАНУВА И ВЧУДОНЕВИДЕНО ГЛЕДА КОН ПУБЛИ­КАТА, СЕ ДОДЕКА ТОА НЕ СТАНЕ НЕПРИЈАТНО.) ГЛУПОСТИ… ОВА НЕ Е НИШТО ДРУГО ОСВЕН ЕДНА ОДВРАТНА ГЛУПОСТ. ЈАС ВЕЌЕ, КОНЕЧНО, ОДБИВАМ ДА УЧЕСТВУВАМ ВО ОВАА ГНАСНА ЛАГА. ВО ОВАА БЕЗДУШНА ПРИКАЗНА. ЈАС НЕ САКАМ ДА СЕ ИЗЕДНАЧАМ СО НИКАКОВ СЦЕНСКИ РАБОТНИК, СО НИКАКОВ ХИСТЕРИЧЕН УБЕЦ, КОЈ Е ПОТПОЛНО ЛУД. НЕ МИ Е ЈАСНО КОЈ Е ТОЈ УМ И КАКОВ Е. НА КОГО МУ ПАДНАЛО НА ПАМЕТ ДА ИЗМИСЛИ ВАКВО ЧУДОВИШТЕ. НЕ, НЕ ЈАС НИКОГАШ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ГО ИЗГОВОРАМ ОВОЈ ТЕКСТ НИКОГАШ И ПРЕД НИЕДНА ПУБЛИКА. ЗНАЕВ ДЕКА МОЈОТ НЕРВЕН СИСТЕМ ЌЕ СЕ ПОБУНИ.

ПА ЈАС СУМ САМО ОБИЧЕН АРТИСТ И ОБИЧЕН ЧОВЕК КОЈ САКА ДА СЕ РАДУВА, КОЈ САКА ДА ВЕ РАДУВА ВАС ЗАТОА ШТО И ВИЕ СТЕ ЕДНА НОРМАЛНА ПУБЛИКА НА КОЈА И ТРЕБА ЗАБАВА. А НЕ КАКО СЕГА ДА ВИ СЕ ЗА­КА­НУВА НЕКОЈ СО НОЖ , ДА ВЕ НАВРЕДУВА И ДА ПЛУКА НА ВАС. ПА НЕЛИ НА КРАЈОТ НА КРАИШТАТА СТЕ ПЛАТИЛЕ БИЛЕТ, СЕ НАДЕВАМ, ЗА ДА ВИ БИДЕ УБАВО. ЈАС САКАМ ДА ИГРАМ СРЕЌЕН ЉУБОВНИК ИЛИ СЕЕДНО КОЈ , САМО НЕ ОВОЈ СЦЕНСКИ РАБОТНИК КОЈ СИ ЈА ПРЕПОЛОВИЛ СОПСТВЕНАТА ЖЕНА… МЕ РАЗБИРАТЕ ЛИ? САКАМ ДА БИДАМ КЛОВН, ПАЛЈАЧО, АРЛЕКИН, СЕ СОГЛАСУВАМ ДА БИДАМ И ДВОРСКА БУДАЛА, САМО НЕ ОВОЈ СПОУЛАВЕН СЦЕНСКИ РАБОТНИК. ( ВИКА) САМО НЕ

ОВАА ЧОВЕЧКА НИШТОЖНОСТ! НЕ, НЕ И НЕ! ЈАС НЕ УБИВ НИКАКВА ЖЕНА И НЕ САКАМ ДА УБИЈАМ НИКОГО, НИТУ НА СОН… ЈАС НЕ СУМ УБИЕЦ… МОЈАТА ЖЕНА Е ДОМА, СЕДИ И ПЛЕТИ И ИМА ПАПИЛОКНИ И ПО НЕКОЕ СТАРО КРПЧЕ ВО КОСАТА И МЕ ЧЕКА ДА СЕ ВРАТАМ КОГА ЌЕ ЗАВРШИ ОВАА ПРЕТСТАВА. (СЕ СМЕЕ) ПА СЕ РАЗБИРА ОВА Е САМО ПРЕТСТАВА ВО КОЈА Е СЕ ИЗМИСЛЕНО. ИЗМИСЛЕНО Е И ТОА ДЕКА ПРЕТСТАВАТА Е ОДЛОЖЕНА, ДЕКА НЕКОЈ АРТИСТ ДОБИЛ ДИЛИРИУМ ТРЕМЕНС, ИЗМИСЛЕНА Е И НОВО ПРИМЕНАТА БАЛЕРИНА, ЗАТОА ШТО ОВА Е САМО ТЕАТАР, ТЕАТАР ВО КОГО ЈАС ПОВЕЌЕ НЕ САКАМ ДА УЧЕСТВУВАМ! ИЗМИСЛЕН Е И ДИРЕКТОРОТ И ДРАМАТУРГОТ.

ОВИЕ ДВЕ ЦРНИ ОДВРАТНИ ПЛАСТИЧНИ ВРЕЌИ ЗА ЃУБРЕ СЕ ПОЛНИ СО ПАРТАЛИ И СУНЃЕР. ВО НИВ НЕМА НИКАКОВ ПРЕПОЛОВЕН ТРУП… ( ВИКА) РАЗБИРАТЕ ЛИ ? НИКАКОВ ТРУП! ВРЕЌИТЕ СЕ САМО РЕКВИЗИТ. ( ГО ЗЕМА НОЖОТ.) ЕВЕ ПОГЛЕДНЕТЕ… ( СО НОЖОТ РАСПАРУВА ЕДНА ОД ВРЕЌИТЕ. ОД НЕА ИСПАЃА КРВАВА ЖЕНСКА РАКА. ИЗВЕСНО ВРЕ­МЕ ВЧУДОНЕВИДЕНО ГЛЕДА ВО НЕА. ПОТОА СИЛНО КРИКНУ­ВА И ТРЧАЈЌИ ЈА НАПУШТА СЦЕНАТА.)

 

К  Р  А  Ј