Krešo i Žuvi

Brokva

Сигурно имињата Крешо и Жуви ништо не ви значат. Така и на мене, кога првпат го пуштив албумов воопшто не знаев кои се, какви се и што снимаат. Потоа се испостави дека Крешо е златната резерва во бендот Dječaci, но и мастермајндот зад проектот Kiša Metaka.

Сплитска екипа, од која најпознатите претставници се Dječaci. Пораснаа, се уозбилија децата, но сепак во нив има уште тоа детско што не успеаа да го кажат па скоро истата екипа го направи проектот Kiša Metaka. Е сега, и Kiša Metaka не му е доволно на Крешо, па реши да сними уште еден албум со другарчето Жуви. Жуви е нов лик на сцената и пред овој албум нема никакво издание, освен пар траки.

kreso-i-zuvi-mirela-holy

Инаку, се работи за двајца урбани ликови, кои живеат како и било кој друг урбан лик; рокенрол, секс, дрога, рулет, fuck the system, acab, Далмација, итн, па тоа и го пишуваат. Инструменталите се дело на Крешо, микс и мастер на DJ Vrh. Музички гледано, има само две опции околу инструменталите, некој да е скроз ненормален и да сака вакви инструментали, или да е скроз антиталент за музика и да дава сé од себе мислејќи дека прави некое опасно техно, но (за жал), по се изгледа е првото. Ќе чуеш сé и сешто, од транс, техно, електро од 80-ти до бум бап инструментали, и сето тоа склопено толку добро да повеќе не ти е ни битно каков е типот што ги прави, сосема сеедно.

Текстуално, темите варираат од проблеми со локалните дилери, преку сајд ефекти од конзумирање спид, до секојдневието на еден билдер и бизнисот со продавање старо железо, сето тоа кажано на сплитски дијалект и склопено со инструменталите дава албум кој е уникатен и тешко дека некој во друг град направил или ќе направи сличен, претпоставувам првично поради климата, потоа сé друго.

Има 10 песни, трае околу 30 минути и се слуша 2 пати еден по друг, заради тоа што е скоро невозможно да успееш да ги испратиш од почеток до крај, сигурно ќе ти летне паметот на некоја твоја слична ситуација.

Сума сумарум, за мене албумот излезе како најголемо (и големо позитивно) изненадување оваа година, и кога веќе се прават топ листи, ова е албумот на годината според мене од екс-Ју артистите… Реализоран е како он-лајн издание, за бесплатно симнување, па воопшто не би ви било на одмет да дадете шанса на албумов.