Брутална сатира

Кон романот „Серотонин“ на Мишел Уелбек во издание на „Три“, Скопје, 2019

После култниот роман „Покорување“ кој предизвика бура реакции во Франција, Уелбек повторно се враќа со уште една страотна сатира која овојпат е тематизирана од областа на агрономијата. Базично едуциран како агроном и самиот Уелбек успева од своите биографски сублимати да исткае уште еден интересно, но и доста потресно четиво. Како и во другите негови романи и во овој роман имаме чудно чувство на лежерност во неговиот стил, но како се приближуваме кон неговите длабочини добиваме впечаток дека книжевната инспирација од депресивноста на неговиот лик добива фатални димензии.

Серотонин“ има некакво паралелно движење со биографијата на овој исклучително контраверзен автор. Не велам дека романот има автобиографски карактер затоа што тој биографските амалгами во него ги допира прилично тангенцијално – како реформирани факти. Но, сепак дозволува аналогија на неговата базична едукација како агроном, на неговата лична депресивност, на првата сопруга од главниот лик која е од источниот свет, со оглед на тоа што неговата трета сопруга е Кинеска, а е љубов која се случила преку студирање на неговите дела, нешто слично на Камил, првата љубов на главниот лик од романот. Но, таа биографска провиниентност и не е толку круцијална за овој роман колку што е важна неговата бруталност која, чинам, дека ја има најмногу за разлика од другите негови романи.

Лабруст, главниот лик, откако добива препорака и рецепт за засилување на „серотонинот“, после инспирацијата од телевизиски документарец за одлуката на некои луѓе да си заминат некаде без за тоа да кажат никому, едноставно исчезнувајќи од сечиј живот, тој си заминува од својата сексуално хиперактивна жена (Јапонка) која не можејќи да ја скроти својата желба за секс така што тоа го прави и со животни. Одовде почнува неговото суицидално патешествие низ кое Уелбек повторно го соочува француското општество со неизлечивите аномалии овојпат низ леќите на агрономијата. Лабруст својата депресија ја прекршува низ деструктивните инцијации кои континуирано го следат и формираат една друга паралела, а тоа е паралелата на ниво на приказна која авторот ја раскажува со неверојатна леснотија. Лабруст во духовна смисла жонглира со депресивноста и серотонинот кој му го препишува лекарот само ги разобличува формите на деструкција и уништување. Приказната која се движи на работ на апсурдот нуди и чудни решенија кои потсвесно Уелбек ги инфилтрира на многу малициозен начин како што е помислата за убиство на синот на Камил од друг маж, неговата младешка љубов како би и ја докажал неговата љубов кон неа. 

Бруталноста кај Уелбек има мелодраматски состојки, но тој неа стилски успева да ја модифицира во сатира. И тоа е целата мудрост на неговото авторско проседе. И во овој роман, како и во претходниот „Покорување“, Уелбек контраверзите ги тематизира како нус појави, додека оттуѓените ликови кои го водат дејствието емотивните пасажи, логиката на реализмот ја продаваат преку отровот на сатирата. Кога сме веќе кај нус појавите, во овој роман има и педофилија, а и бестијаност (еротоманија е мек израз) и тие вентили се патот низ кој депресивноста на оттуѓените отсликува „погрешно“ толкување на општествените движења. Во „Покорување“ стравот од потоморување на родовата еднаквост е слична на стравот на француските агрономи од глобализацијата. Но… и во двата романи има нешто што е многу индикативно, а тоа се состои во зборовите на Марин ле Пен после причитот на „Покорување“ дека е тоа „фикција која еден ден би можела да стане реалност.“ Во „Серотонин“ се поставува прашањето дали реалноста која толку фарсично и извртено ја прикажува Уелбек веќе се случила и дали овие карактери кои се, дефинитивно остатоци од луѓе веќе не одминале, дека всушност целото ова четиво е кондензат од веќе случени, но повторени во друг контекст настани?

Нихилистичкиот лакмус во овој роман е предаден на читателот во форма на сиров хумор. Настаните водат кон катастрофа, но овој роман не завршува како и другите романи – со можност за продолжување на дејствието. Овде Уелбек на некој начин става точка. Ја затвора приказната. Но, тоа не значи дека нема можност за отворање на нова приказна. Лабруст, Емерик, Јузу, Камил, се ликови кои обично не ги сретнуваме во животот, но се сенки на ликовите кои на некој начин продираат во нашите животи. За разлика од „Покорување“ каде што Уелбек ги користи имињата на во тоа време актуелните политички персони, овие ликови се толку многу измислени, што во некоја постдраматична визура се овде до нас и застрашуваат со својата бесчувстителност и бруталност. Овој автор, би рекол, има најчуден начин да го спои интимното со општественото, личното со политичкото. Дистописките елементи кои овде ги нема во експлицитна форма, но се присутни како сосотојби само го поттикнуваат тој нихилистички мирис кој над нас се извива како чад над оган и „серотонинот“ веројатно ќе биде она што најмногу ќе биде потребно за многу кратко време. 

Овој роман има призвук на елегија. Лабруст има силен наплив на сеќавање, што е ужасно контрадикторно со бруталноста на самата приказна, а и со сатиричниот стил на авторот. Да, елегијата е еден вид на свесност дека овде, или било каде се живеело поинаку. Се сакало, се дружело, се правеле општествено подобни работи, се егзистирало продуктивно. Тоа е еден сокриен утопистички свет на кој Лабруст помислува мигум и тоа е уште една контраверза низ која Уелбек не води додека ја гради таа темна кула на нихилизам и депресија. 

Глобалниот контекст низ визурата на агрономијата е „темната страна на Земјата“ и овој роман тоа не го доловува суптилно, туку напротив, во груби потези, со масовни протести и огромната трагедија на Емерик кој гине убивајќи се при судирот на фармерите со полицијата. Овој контекст генерира една сосотојба која Уелбек многу успешно ја доловува во сите свои романи, а тоа е дека во погубната глобализациска стварност нема победник, туку дека сите се губитници колку и да се импрегнира лажна надеж. 

Конечно, лажната надеж е утописката иднина на Мишел Уелбек, еден од најактуалните прозаисти во Европа, автор чија поетика на бруталност станува парадигматична, а чија сатира го има уникумот на црн хумот кој е типичен само за него.