The Notwist

Close to the Glass

Требаше да поминат цели шест години од последната плоча на The Notwist (The Devil, You + Me) за да дојдеме до новиот албум Close to the Glass. Од гледна точка на нас, фановите, вредеше да се чека. Овој албум отвора ново поглавје за групата. Иако меланхоличната атмосфера на песните не излегува од рамките на нивниот препознатлив стил, во исто време на звучен план тие се многу повеќеслојни и подлабоки од порано. Како последица на тоа, звукот е изразито модерен и иновативен.
Музиката на The Notwist во последниве петнаесетина години се означуваше со терминот indietronica (што очигледно претставува органски спој на инди + електроника), но со овој албум тие дефинитивно излегуваат од рамките на овој опскурен жанр. За волја на вистината, музиката е сè уште неодвоива од милјето на германската инди сцена – и според гамата на емоциите, и според начинот на користење на електрониката. Ако порано за електронскиот дел беше најзаслужен клавијатуристот Мартин Гречман (aka Console, aka Acid Pauli), на овој албум во тоа се вклучени сите членови на групата. Слично на начинот на кој функционираат Animal Collective, на последната плоча буквално сите музичари свират сè – од класични рок инструменти, преку перкусии (многу, многу вибрафони), до семплови и сите можни видови на електронски помагала.
Креативното користење на технологијата е карактеристично за оваа плоча. Квантитетот преминува во квалитет, слично како во филмот Enter the Void (2009). Во него, материјалот снимен со камера е дополнително процесиран до точка што нема ниеден кадар без дигитална интервенција, што во комбинација со бизарниот заплет во филмот доведува до уникатен хипнотизирачки ефект. Во случајот на Close to the Glass, само по неколку минути слушање станува јасно дека звукот е комплетно дигитално дообработен и збогатен и повторно доаѓаме до сличен ефект кој го мултиплицира емотивниот набој на музиката и на текстот.

NOTWIST

Само што сето тоа доведува, како и во случајот на споменатиот филм, до чувство на бескрајна тага. На овој албум The Notwist најхрабро досега се нурнуваат во океанот на безнадежноста. Најтипична за ова е Casino, квази-поп песна за еден пар што со години живее во коцкарниците. Замислете го саундтракот на романот „Коцкар“ на Достоевски – е, тоа. Пејачот и текстописец Маркус Ахер, сосем отворено и храбро зборува за мрачните емоции, за она што нè прави луѓе. Овој степен на отвореност во изразувањето на овие емоции се споредува само со една плоча на New Order од 80-тите, Low Life. Постојано очекувам The Notwist да ја снимат онаа плоча што требаше да следува по Low Life (бидејќи, нели, по неа New Order неочекувано запловија во повесели води). Но, и покрај сите можни споредби, по Close to the Glass веќе никој не може музиката на The Notwist да ја стави во фиока на одреден жанр – тие конечно станaа жанр сам за себе.