Денес започнува Скопскиот викенд на гордоста

7-9 14-15 јуни 2010 МСУ МКЦ Кино Култура Станица 26 ShortBus

Денес во Скопје започнува седмиот по ред „Викенд на гордоста“, фестивал за квир-култура и уметност. Носечката идеа за овогодинешниот викенд, кој ќе се одржува во периодот 7 до 9 јуни и 14 и 15 јуни е „Светкави рани“ (Glittering Wounds).

Почетокот е закажан во 21 часот во Музејот на современата уметност со перформансот на Рон Ејти – „Акефално чудовиште“. Рон Ејти е култен уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со своите перформанси во рамките на изведувачките уметности и телесните уметности. „Акефално чудовиште“ е соло перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук. Најдобро познат по екстремното телесно осакатување, Рон Ејти, се занимава со трансцендентното и возвишеното повеќе од три децении. По „Смртта на Бог“ (познатиот проглас на филозофот Ниче во исчекување на крајот на религијата во западното општество), Ејти верува дека една од улогите на уметникот е да смислува нови форми на ритуал и славење, да го повика светото како противотров за празниот индивидуализам на современиот живот. Во своето ново дело, „Акефално чудовиште“, Ејти се повикува на Акефал, обезглавениот маж, кој послужи како инспирација за истоименото тајно општество на Жорж Батај во борбата против нихилизмот и фашизмот пред Втората светска војна во Франција. Безглавиот или обезглавениот маж претставува моќен симбол за радикална трансформација, водечка сила во сите перформанси на Ејти во кои се залага кон спој на човекот и боговите.

Овој и наредниот викенд ќе можеме да ги видиме и некои од најзначајните совремни уметници, преку разговори, изложби и перформанси: Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкра, It could be something very minimal, BOYCHILD, Дел Лагрејс Волкано. Следи и дрег-шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и од Скопје, како и уште едно издание на СРАМОТА на Пич Прич.

Исто така, во рамки на фестивалот ќе се одржи и промоција на постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата „Како да се биде геј“, на еден од основоположниците на квир-теоријата – Дејвид Халперин. Книгата е во издание на Темплум во соработка со Коалиција Маргини. Промоцијата, која ќе биде проследена со предавање на Дејвид Халперин, ќе се одржи во супкултурниот центар „Shortbus“ утре, сабота 8 јуни, во 13.30 часот. Извадоци од книгата можете да прочитате на Окно.

Славчо Димитров, куратор на фестивалот, за носечката идеа ќе напише:
„Со оваа идеја сакаме да ги истражиме и да ги проблематизираме современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија. Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме разни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на настраните и жените како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста отаде идентитетската препознатливост.“

„Годинашната фестивалска тема произлегува од погледот кон историјата на квир (настраните) животи како историја на солзи. Квир историјата е историја на загуби. Историја на срам, исклучување, хомофобија, трасфобија, оплакувања, страдање, болка, депресија, меланхолија, страв и загуба. Сето ова е впишано во името – настрани (queer). Она што е означено кога реферираме на историјата на загуба е телесната изложеност и лишувањето од она што претставува најсвојствен извор на бивствувањето – релациите. Историјата на загуба е и поништувањето, бришењето и прекинувањето на квир релациите од историографијата. Загубата е загуба на еднаквиот пристап до релации со и на сопственото тело, на телото со светот што го споделува и чијшто дел е, на телото со целиот спектар на културни означители, комодитети и производи на човековиот труд. Загубата е загуба на можностите за изненадувачко изложување и влегување во релации и учество во споделениот и заеднички свет. Она што овие загуби го изложуваат е нееднаквата експлоатација и насилството врз телесната изложеност, што е конститутивна за сите нас еднакво, односно како врз нечија телесна отвореност е впишана средината во која живее. Идентитетот е, одовде, ретроспективна рекуперација на телесните и психички штети и можности што ја рефлектираат цената на општествената исклученост или, пак, вклученост, знак на неуспешните и остварени релации смрзнати во рамките на препознатливоста. Следствено, и квир идентитетот не го гледаме како израз на вистинско сепство и суштина, туку како слика на релациските траги, генеалогија на контакти, средби, допири и граничења со другите тела и како отворена можност за нови и идни средби и настанувања.“ Повеќе може да прочитате во каталогот.