Beach House

Depression Cherry

За нас, што газиме по погрешната страна од четвртата деценија, слушањето на музиката од Depression Cherry, новиот албум на Beach House, немилосрдно пробудува асоцијации на излегувањето од некое кино (нека биде Кино Вардар) по гледањето некоја холивудска мелодрама од 80-те со, да замислиме, Кели Мекгилис или Џенифер Билс во главната улога. Што е доволна причина за трошка среќа.

За нас, идолопоклониците на вокалистката на Beach House, Викторија Легранд, многу поголема причина за среќа е објавувањето нови девет песни со кои таа повторно го овекувечува своето гласовно присуство во неколку нежни милувања за нашите кревки души. Вештото мануфактурно ткаење на нејзиниот полифоничен разбој ја создава магичната меланхолична постелнина во која можеме долго да си ја топлиме душата.

bh2

Во координатната површина на развојот на музиката на Beach House петте точки на апцисата и ординатата создаваат линија која во првите три точки расте во освојувањето нови музички територии, а во последните две стагнира, како да се двоуми дали да расте со многу послаб интензитет или да се врати на почетната точка.

Во претходниот албум Bloom (Sub Pop, 2012) овој бенд од Балтимор го носеше товарот од комерцијалниот успех на Teen Dream (Sub Pop, 2010), кој беше нивен голем пробив во музичката индустрија и регрутна база на милиони фанови. Во четвртата точка од развојот беа прилично внимателни во однос на иновациите и не се охрабрија да одат на премногу несигурен терен. Имаа потреба да звучат цврсто и гласно и да го презентираат тој звук во живо пред бројна публика, која сака да танцува и да се гушка на нивните концерти додека Викторија ја изведува својата сугестивна ритмична кореографија на танц со нејзините клавијатури.

Осмелувањето да се впуштат во понесигурен терен се случи со овој нов албум Depression Cherry и затоа звучат сосема неоптоварено од претходното свое дело. Ова е на некој начин нивен нов почеток, ново трагање по звукот. Ако судиме од овие девет песни логично би било тоа трагање да ги однесе во некои езотерични предели, можеби дури и кон готиката или духовната музика.

Првиот сингл Sparks е без сомнение омаж на делото на My Bloody Valentine, а и останатите песни од овој албум ве префрлаат кон некои простори во кои можеби некогаш ве однеле Cocteau Twins, Slowdive, Lush, Pale Saints или некои од дузината помалку познати дримпоп/шугејз бендови од крајот на 80-те и почетокот на 90-те кои гравитираа најчесто околу издавачката куќа 4AD.

 

Прилично непретенциозни, неоптоварени од жанровите или патетиката, текстовите и мелодиите на речиси сите песни илустрираат една совршена целина  која може да биде саундтрак и за филмови на, да замислиме, Софија Копола или Вонг Кар Ваи, во кои би се раскажала љубов која требала, но не морала да се реализира.

Но, изненадувањето, или црешата на депресивниот шлаг, доаѓа од песната Days of Candy, која го затвора албумот. Таа е врвното достигнување во оваа меланхолична музичка сликовница, во која вокалите на Викторија формираат една потресна звучна драма, во која како да прозвучуваат и ехата на Лиза Џерард и Елизабет Фрејзер, две исклучителни вокалистки од богатиот 4AD расадник, две креативни индивидуи кои постојано ги истражуваа музичките форми, често инспирирајќи се и од спиритуалните музички наследства од разни краеви од светот. Во оваа песна доминантната музичката форма има токму таква, духовна сила и не би ме зачудило некогаш во некој храм, во придружба на некој соодветен хор, да видиме и слушнеме како звучат стиховите од оваа песна.

Дотогаш, може да се искористи шансата да се слушне оваа и многу други песни на Beach House во автентичната верзија во живо. Есенва ќе настапуваат низ европските центри, па може да се провери зошто нивната меланхолична музика ги прави луѓето среќни.