Длабока неореалистична вертикала

кон романот „Аб’т“ од Оливера Ќорвезироска во издание на Или-Или, Скопје, 2019

Бунарот е потајно библиско место. Темно архаично засолниште на древни копнежи и проклетства. Многу цивилизациски важни личности го барале тој бунар на вечната младост и среќа, многу историски значајни заедници се обидувале да ги симнат проклетствата токму преку ритуали поврзани со бунарот. Бунарот во себе крие мрак и вода. Неискажливо длабока вода. Оливера Ќорвезироска својот последен роман го гради низ таа сонда: есенцијата на семејното страдање преку семантиката на аб’т, растение кое е инаку познато како див бозел, а српската верзија му е „авдика“. Аб’т е пророчко растение кое кажува дека на тоа место треба да има бунар.

Но, бунарот на Оливера Ќорвезироска е празен, сув. Нема вода, но има една заумна самотија која таткото ја претвора во симулиран живот. Од оваа ситуација оваа исклучително мудра прозаистка ја отвора елепсата на неореалистичките состојби во овој роман. Раскажувајќи семејна приказна која веројатно има во себе интгрирани молекули од нејзиното интимно животно искуство, таа се завлекува под значенските пластови на реалистичкото толкување на семејните тајни. Таа, како искусна писателка добро знае дека секое семејство има тајни и дека голем број од нив се кобни. Бунарот и аб’т се мултизначната траекторија на нивното естетско толкување. 

Романот „Аб’т“ има три дела и она „останатото“ што авторката го нарекува „ресло“. Целата семејна историја раскажана во трите дела е натопена со апсурдот на зачкорувањето надвор од јадрото на генеалошката припадност. А вертикалата која ја нуди бунарот како генетички и социјален егзодус се отвора како бекетовско собитие од кое нема излез. Ќорвезироска преку сочниот дијалог и исклучително богатата лексика гради приказна која има и формална зачудност предизвикана од играта со времето на збиднување. Целиот тој процес, целиот тој романескен антагонизам авторката го апострофира низ два антиподи кои едноставно се формулираат како „горе“ и „долу“. Горе е реалистичниот микрокосмос каде го сретнуваме сето она што значи наше, нејзино, а и сечие животно искуство: едно секодневие во чија перисталтика полека почнува да за’ртува неспокојот и неверата чии последици стануваат фатални. Долу е ригидниот свет на таткото кој го населил тоа тихување кое не е самоказнување, туку во некоја смисла е и прочистување. Овие два света се сретнуваат точно пред миракулното растение, тој „аб’т“, бурјанот чија симболика на некој начин ги впива сите причини и последици од судбинското семејно неодразбирање и, се чини дека тоа е неореaлистичниот контекст во кој e исткаена целата оваа приказна. 

Романот „Аб’т“ има еден умно дозиран лакмус на маѓиски реализам и таа стилска мрежа Ќорвезироска ја нафрла врз сижето многу суптилно, со сјајната кумановска дијалектна глазура колку само преку локализирањето да ја потенцира универзалноста на целиот заплет, да ги потцрта сочните ликови на мајката,  таткото, баба Горка, Добрица, Час, Боца, Живко Гагула, Тане, Миле и кого уште не. Но, овој роман целата таа дијалектна зафатнина на читателот ја понудува и како лингвална студија за ресло, за дипе за фистоните, но и за Алина. Алинка е лик во романот, но Алина е и ветер кој во Куманово е познат под тоа име и ова маѓиска конвергенција е еден од најубавите зачини кои како и кратките студии повремено ја прелапнуваат приказната за таа понатаму да продолжи со поголема динамика. Велам ја прелапнуваат, а не ја запираат затоа што тие прелапнувања се многу потребни диссеминизирања на генералната тема чија сугестибилност го вовлекува читателот во непоходната значенска гама и на настаните и на ликовите. Токму затоа „Аб’т“ е многу оригинален роман. Стилската специфика и дијалектниот уникум ја превртуваат самата приказна исцедувајќи ја од неа целата апсурдност која во принцип ние и ја живееме во овој знаковно пренатрупан дваесет и први век. „Аб’т“ е роман кој пулсира. Пресемантизираниот животен циклус, она секојдневие кое наликува на секое друго, но како завлегуваме во приказната се повеќе имаме чувство дека не сме виделе такво, ни се враќа како déjà vu, целата лага во чија илузија сите живееме и на која и ги подаруваме сите наши копнежи и желби. 

Авторката во обличјето на главниот, машки лик, многу искрено вели: „Ништо не знаев за овој свет долу. Се обидував да се сетам на описите на мама, дента кога излезе од бунарот пред многу години. Да препознам нешто од тоа. Или од што и да е друго.“ И тоа е точно. Ние ништо не знаеме за тој свет таму долу. И веруваме на лагата која ја преинсталираме во фикција и ја залепуваме за нашите страдања и обратно, за нашите желби. Овој роман нема ништо позитивистичко со духовното, но има многу есенцијално со мрачните сили чии духови не следат како сенка и го растураат системот на семејниот растеж. Помислувам на тоа дека „Аб’т“е роман-деконструкција, расклопена нарација која во своето „ресло“ ги наслојува мотивските кондензати кои се пластат како што се пластат годините врз лицето набирајќи брчки. Овој дел е и графички одвоен, изброен во страници со римски бројки и нам на читателите ни делува како далечни призвуци на нешто што требало да биде семејство, на духовна урнатина каде она што не го забележуваме го носиме како предупреување дека крајот ни се ближи. Се чини, дека токму таа констатација, можеби тој страв била причината за симнувањето на таткото во бунарот, во мракот на проклетството кој тој многу успешно го победува со апсурдот, а пак, кој од друга страна се прелева и таму горе, па всушност никој од ликовите не знае од каде сите недоразборања и исчекори од семејното јадро. 

Повторно ќе се вратам на тој неореализам кој ја поместува целата приказна и правејќи ја неизживеана, повремено ја подава на читателот како игра. Затоа мајката влегува и излегува од бунарот, затоа паричникот маѓично исчезнува после смртта на таткото за кога ќе се најде тој да ги погледне за последен пат сите од таа слика во него, затоа и другите сцени лесно поместени во својата зачудност. Таа игра на ликовите иако со поврмени хуморни и натуралистични салви, повремено се претвора во книжевен danse macabre во кој главен победник е смртта. 

Сондите на овој роман не се во инспирацијата која се протега низ неговите страници. Ќорвезироска својот книжевен опус го обмислува во континуитет, па така овој роман за свои книжевни претци ги има двата кратки раскази „Бунар“ и „Алина“ во збирката раскази „Сошиени раскази“. Возбудата во оваа неореалистична сторија е токму во аналитиката на нивните последици. 

„Аб’т“ е еден и единствен роман во македонската литература, колку и да звучи сето ова симплифицирано. Неговата уникатност е своевидна дисперзија на инспирација и сигнификнтност, а приказната за оваа семејна драма е на завидно ниво на парадигма.