Летечки Пекинезери

Dog Show

pekinezeribw

Летечки пекинезери се специфична група музичари со легитимно образование, со години минати во слушање и суштинска анализа на тон албуми и пристојно свирачко искуство. Разигран ансамбл кој што дава впечатливи и препознатливи резултати. Пекинезери имаат свој тертип на работа, каде ограничувањата се минимални, хиерархија практично не постои, а потенцијалот на талентот е неограничен.

Во заебана задача да пишам рецензија на последниот албум на Летечки пекинезери, ќе се обидам да дадам осврт на второто нивно издание под етикетата на Скопје џез фестивал рекордс. Зошто заебана? Бидејќи од почеток го следам проектирањето на Летечки пекинезери и го сведочам изведувањето на целата замисла, што ми дава одлична позиција за увид во многу аспекти од нивната работа, а со тоа и пријатна одговорност. Потоа, за мене бескрајно важното другарство кое се наоѓа во класата – сито решето. Последнава причина е опасна бидејќи лесно можам да зајдам во пристрасност и надуено воспевање, кое ќе нанесе штета и ќе го релативизира убавото во музиката. Тоа го оставам на вашиот суд.

Сé започнува пред 10 години, кога Бојан Петков (понатаму Шамба) и Иво Солдатовиќ (понатаму Сол) ги смислија Пекинезери и како дует свиреа во Чакра во Козле. Па станаа заебантски бенд, па Шамба отиде да учи на Беркли, па се врати, па пораснаа во солиден кафански џез состав, во меѓувреме се вклучија и исклучија неколку членови, за сегашната зрела петорка да остане непроменета 4 години.

 

 

На второто ЦД, освен една традиционална тема, има 10 нови авторски песни, што и без наклонетоста кон моиве пајташи, заслужува ракоплескање. Не мора да се сложите, но по мене, секое претставување на нова и издржана македонска музика повлекува поздрави. Концептот на “Дог шоу” функционира на џезерска територија, што не е причина да избрзате и да ја класифицирате плочата во изолиран жанровски отсек.

Неслучајниот редослед на песните ќе ве впие со заразната и пријатна тема “Шамба самба,” за со следната, “Ритам шулунг” да сфатите дека Пекинезери се сами дома и не им е страв да киднат од час. Во “Кода хумореске” ќе ја воочиме одличната комуникација на бендот, особено меѓу дувачите, а кај четвртата “Есен” е веќе јасно дека Пекинезери се супер белечки џез состав.

“Лејди Дракула” е заводлива до безобразна и го одредува патот до магливиот “Валцер валцер валцер.” Кратката, отмена и јасна “Џез 2012” ќе не доведе до шизичката “Лук ет ми,” каде топката за момент се спушта. Веќе навлезени во албумот, се среќаваме со “Пембе пембе,” македонското народно оро кое во дадениот аранжман сосема природно си го наоѓа своето место на “Дог шоу,” и е последната динамична тема пред завршните две. “На село” милува со својата оригиналност и релаксиран амбиент, а “Полжав” ја калибрира одјавата. Бавен ама со бујна фантазија, “полжавот” наметнува чувство на крај, но не како разделба, туку како логична завршница на едно музичко издание, па и на едно општо чувство.

 

 

Шамба напиша 9 од 11 песни на “Дог шоу,” неговите композиции доминираат и на првиот албум и тој е ѕидар на карабината, т.е. на предвидениот простор за целиот музика. Негова е и гитарата, која што со јасни форми, паметни низи и одличен тон е клучен дел во ритам секцијата. Бојата и соло фрагментите на гитарата се стилизирани, убедливи и квалитетни. Кларинетот на Сол е неизбежен белег на Пекинезери, кај него се крие бесна емоција и строго дефиниран вкус, а и го личи на сцената. Солдатовиќ е потпишан како автор на “На село.”

Кирил Туфекчиевски е басист со две музички академии, има снажен и прецизен тон, остро ама внимателно лизга по грандиозниот инструмент и е многу битен за сериозниот свинг тон на ритам секцијата, која ја комплетира Славчо Коцев. Педантно, чисто и ненаметливо експлоатирање на тапани. Бате Славе свири пропорционално и внимателно, иако во последно време покажува разумна дрскост која се слева по еуфоричните Пекинезери на сцена. За озонот да не остане непробиен се грижи Петар Христов на тенор саксофон. Музикалноста и дарбата на Пецка оплеменуваат, влечат насмевка и ја истакнуваат мистичната радост што се крие зад секоја убава песна.

Летечки пекинезери се од Македонија, (по редот од горе, тројца од Скопје и по еден од Велес и Битола,) популарни се во истата, а од настапите во странство се издвојуваат свирките во Америка, Луксембург, Словенија, Косово и Албанија.

Како и на првиот албум од 2011-та – “Летечки пекинезери,” по мене, најсилен адут на бендот е формата. Иако дотерани во различни костими, 40-те минути од “Дог шоу” се фино замислена и стокмена целина. Но, сосема малку под површината, градбата на песните крие возбудливи формации кои содржат многу смисла и на крајот на краиштата, интелигентна музика што шишти со енергија.

По возењето ќе препознаете дека сте на инфраструктура поставена некаде во минатото кога работите се правеле построго и со повеќе грижа, и кога наспроти ограничувањата, креативноста и генијалноста наоѓале начини да експлодираат и создадат нешто вечно. Но тука нема да ви замириса на старо туку ќе препознаете свежина која достојно флертува со модели и финти кои се погодиле, ете баш на Пекинезери да им бидат најдраги. Тука нема да чуете супериорен и првокласен џез со револуционерен ефект, кој е прашање дали воопшто постои во светов во изминативе децении, но ќе препознаете оригинална постава што создава несекојдневна и жива музика.

Начинот на кој што албумот е снимен и реализиран, природно, се должи на афинитетите и карактеристиките на петорката. Но ликот на крајниот производ би бил послаб без фанатизмот и знаењето на Ален Хаџи-Стефанов, кој го сними и заедно со Пекинезери го продуцираше албумот. Влијае и самиот простор на Империјал салата во МОБ, кој е идеален за распостилање на играта на Пекинезери. Прекрасни околности во кои заспа и дизајнот на Руки, со што се затвори албум кој не треба да побара внимание за да го добие.

Ете… им посакувам непречено да креираат, почесто да издаваат и самоуверено да ја развиваат мислата во правец кој што ќе им го наложи срцето, без никакво влијание од надворешни услови. Без компромиси браќа… нека биде летот до небесата!