Документ и бајка

кон документарно-играниот филм „Небеска тема“ приказна за Влада Дивљан

Моите животни текови последните две години во месец мај ме водат во Белград, работно. И гледај случајност, постживотните текови на Влада Дивљан исто така го враќаат истиот месец во Белград. Минатата година на 10 мај, музичарите од бивша Југославија го славеа роденденот на Влада пеејќи негови песни на концерт во Сава Центар. Оваа година, исто така на 10 мај се одржа премиера на филмот Небеска тема - приказна за Влада Дивљан, филм кој од 16 мај е на редовните репертоари во 3 кина во Белград. Кога имате вакво преклопување, имате исти иницијали а уште повеќе кога сте растени со музиката на главниот лик тогаш нема друго, освен да бидете сведоци и на двата настани.

Се упативме во Комбанк кино ние деветмина- по двајца од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и една литванка. Времето врнежливо и студено. Пред киното една повозрасна белграѓанка, дотерана и нашминкана ме прашува дали се прикажува некој шпански филм, гледајќи ја гужвата од луѓе. А јас по не знам кој пат си го поставувам прашањето дали е можно да личам на локалец и во Белград, Лисабон , Прага, Москва, Атина, Ница, и десетици други места, и на улица да ме прашуваат на локалниот јазик исклучиво за локални работи.
Нејсе, влегуваме во полната сала и уште кога ја видов првата сцена нешто во мене се стегна. Ме обли некоја емоција, слична на онаа кога си заминувате од летниот распуст од кај баба и дедо. Кога ве испраќаат на улицата пред куќа, вие се свртувате назад а тие со натажени лица и очи ви мавтаат со раце. Знаев, овде ќе има плачење. А сцената воопшто не беше тажна. Напротив.
Филмот хронолошки го претставува животот на Влада Дивљан од неговото детство па се до неговата смрт во 2015 година. Најчесто преку изјавите на неговите најблиски соработници, музичари со кои свирел (членовите на Идоли, Макс од Летно Кино и Филм, Гиле, Која, Дарко Рундек итн.), фотографи, новинари, глумци, пријатели и неговата жена и деца. Некои од нив гостуваат во фиктивна радио емисија каде зборуваат за Влада. Други свират и пејат негови песни, а трети шетајќи и сеќавајќи се на Влада по Брач, Ровињ, а пред сè Белград и Виена каде тој го живееше најголемиот дел од својот живот ја надополнуваат приказната. Дополнително, користејќи снимки од интервјуа, концерти, фотографии, режисерот Младен Матичевиќ создал еден топол омаж за Влада Дивљан пред сè како човек а потоа и како музичар.
Гледајќи го филмот, пред очи ќе ви излегуваат сите оние касети и ЦД-а од Идоли и Влада кои сте ги чувале и слушале, на кои сте играле, тагувале и заљубувале. Ќе ви се завртат во глава и некои журки во Зизи, Лајка… како и многу други, само вам познати моменти од вашиот живот, кој полека изминува а вие станувате свесни за тоа, како и дека сте имале неверојатна среќа да живеете во ист период кога овој рок џентлмен творел музика. Ќе се раскажат многу случки и спомени, интересни и помалку интересни. Влада бил подеднакво популарен и во Белград, Загреб, Љубљана, Скопје итн, бидејќи неговиот свет го надминувал националното. Затоа и си заминува од овој регион кога започнува војната во СФРЈ, живеејќи најпрво 6 години во Сиднеј, а потоа до крајот на својот живот во Виена. Слушнавме дека најлошата работа што би можела да ви се случи е да ви раскинат на концерт на Идоли додека ја свиреле Малена, исто така дека Влада за малку… не , нема да ви откријам сè, ќе си го гледате филмот.

А зошто ни е толку значаен Влада Дивљан?
Затоа што во неговите стихови се наоѓаше сè, сета наша младост, сите наши очекувања и надежи од животот кој беше пред нас. Во тие времиња кога твореше Влада, ние го откривавме светот, културно, сетилно па дури и географски токму преку музиката. Затоа таа многу ни значеше. А Влада, кој беше голем љубител на патувањата, пацифист, антинационалист, како и чувствителен човек, лесно заљубљив, добро воспитан, образован и културен дечко, знаеше многу добро да ни го претстави и приближи тој свет.
Затоа последните 20 минути од филмот сите плачевме. Без оглед од која земја бевме и колку сме возрасни. Сепак, нам кои што живеевме во некогашна Југославија и растевме со музиката на Влада, нам солзите ни беа покрупни и потешки.
Небеска тема, филм за Влада Дивљан е документ и бајка, урбан и емотивен и романтичен филм. Таков, како што беше и Влада.