Денот да е радосен

документарен филм за Културно Уметнички Работници

KUR

Пред вас е документарниот филм за Културно Уметнички Работници. Да потсетиме: групата постои од март 1999 година. Формирањето на овој состав е резултат на големото дружење во кафе барот “Браво” помеѓу членовите на групите “Тотално Опуштање”, “No Name Nation”, “Бомбашки Процес”, “Жолтица на Бродот Баунти” и “Рок Агресори”. Имено, членовите на овие групи решија да се состават во една дива орда и со здружени сили да се борат за ширење на рок културата.
Од 1999 година, кога е формирана, па се до сега, групата К.У.Р. има одржано голем број на самостојни концерти и има свирено на сите позначајни фестивали во Македонија и регионот. Меѓу најзначајните настапи се вбројуваат  оние на Exit Festivalot 2008 каде што настапија на Exit Live Music сцената, Alarma Punk Jazz фестивалот во Софија во 2009, Гитаријадата во Зајечар 2005 година, Pivo Lend Фестивалот во Скопје 2008, Првото издание на фестивалот Таксират 1999, Фестивалот Аларм во Љубаниште 2002, Fusion фестивалот во 2003, Rock Fest итн.
Досега ја делеле сцената со бендови како: Бадмингтонс, Kud Idijoti, Let 3, Rambo Amadeus, Забрањено пушење, Рибља чорба, Darko Rundek, Група твог живота, No Name Nation, Тотално Опуштање, Лоши Деца, Fighting Windmills, New Police State, Defekt итн.

Документарецот е напишан и режиран од Љубица Поповска, а премиерно е прикажан минатата година на фестивалот Cinedays.

Наоколу постојано се потенцира прашањето дали е панкот мртов? Што е панк и дали овој или оној е доволно „панк“? „Денот да е радосен” е филм – доказ за постојаното инаетење на неколку музички поединци да не навлезат во кошот наречен музика за некаква намена, со некаков жанр, за некаква цел, за некаков надоместок.
Преку бендот Културно Уметнички Работници како главни протагонисти во овој документарен филм се открива една интимна конверзација на дел од најбитните ликови од македонската алтернативна музика. Какво е значењето на терминот „сват“? Колку е позначаен денот четврток од сите други во неделата и кој во бендот е одговорен за туршија, а кој за ракија низ 15-те години музицирање.
Едно е сигурно: дека во К.У.Р. е лесно да се влезе, ама е потешко да се излезе.
Затоа, Денот да е радосен!