Должност за мене и за човештвото е да го исполнам својот потенцијал | Интервју со Michael Gira, Swans

 

michael-gira-by-jennifer-church

 

Како тече турнејата?

Сѐ е во ред. Секако е интензивна, ама тоа за нас e сосема нормално. Концертите траат по два и пол часа и се добро прифатени.

Сите членови од бендот делуваат цврсто поврзани меѓусебно, скоро како фамилија. Што значи да се биде член на SWANS?

Па, сите спиеме во ист кревет (смеа) и ги делиме храната и жените. Слични сме со Hell’s Angels.

Два и пол часа долг настап е интензивен за публиката, претпоставувам и за вас. Како ја оддржувате искрата што ги прави SWANS толку интензивни на секој концерт?

Така што јас секој ден му се молам на Господ.

Дали некогаш се чуствуваш толку исцрпено, што би прекинал да  свириш?

Секој ден.

Читав дека тонските проби претставуваат кошмар. Со какви проблеми се соочуваш?

Не, во суштина тој проблем го решивме. Скоро и да немаме веќе тонски проби. Нашиот тонец, најчесто го мести звукот баш како што треба. На турнеја има толку многу време, за да разбере како треба. Сега на тонска го местиме само тонот на инструментите, и тоа е тоа. Меѓутоа, понекогаш кога имаме нов материјал, се случува да поминеме подолго време на тонска проба. Моментално, ги развиваме песните на настапите во живо, така што сега не се неопходни тие тонски.

Како знаеш дека звукот на бина е баш оној вистински соничен бран  што ти го бараш.

Ако има вкус на млеко од мајчини гради, знам дека звучи добро.

Што мислиш за употребата на модерната технологија во музиката, дали ја користиш?

Ја користам секоја корисна технологија, ама не и онаа која го извитоперува звукот на виталните човечки квалитети. Суштината на музиката е во тоа што, луѓето создаваат звуци. Ако ја редуцираме до нејзината наједноставна форма, тоа е звук од ударот на два камења и пеење. Најверојатно и така настанала. За мене, физичкото создавање на звукот е суштината на звукот.  Затоа немам никаков страв или грижи пред да ја користам технологијата, сѐ додека не го попречува овој “плен“.

Тишината и буката, ми се чини, се вашето креативно засолниште. Бука и тишина, на кои повеќето луѓе се чуствуваат непријатно…Зошто мислите дека сѐ повеќе се привлечени од музиката на Swans?

Не знам како размислуваат другите. Тоа е нивна работа. Мислам… многу сме среќни дека сѐ повеќе луѓе доаѓаат на нашите концерти.  Ама тоа и не беше така лесно да се постигне. Јас создавам музика веќе 30 години. Својот прв панк рок бенд  (Circus Mort) го имав во 1978. И тоа е добредојдена промена, да видам толку посетители на нашите концерти, особено млади, кои ги интересира што работиме. Изгледа како да доаѓаат поради вистинските причини. Очигледно не поради некоја мода или нешто слично, туку поради нашиот витален перформанс и предизвикувачко искуство. Како за нас, така и за нив. Се надевам дека тоа ќе отвори уште некоја рана на небото, тоа е она што се обидувам да го направам.

“To Be Kind” е храбар албум, кој се залага за многу добри вредности, како независноста и слободата на уметникот, уметноста. Песните сигурно немаат формат за комерцијално радио или телевизија.

(смеа)…Не, ниту малку.

Треба човек да си даде време за да ја слушне вашата музика, што е сосема спротивно од она што го налага конзумерството. Дали се гледаш себеси како уметник со мисија?

Не. Се гледам како човек, кој како и секој од нас, кој има свои предизвици. Мојата должност кон себе и кон човештвото е да го реализирам тој потенцијал.

Албумите “My Father Will Guide Me Up A Rope To The Sky”, “The Seer” и “To Be Kind” имаат сличности, секако и разлики. “To Be Kind“  ми се чини помалку херметичен, посветол,  како катедрала во која лесно влегуваш , ја чуствуваш и како целина и уживаш во сите нејзини детали. Како ти ги гледаш  разликите меѓу албумите?

Од мое гледиште тоа е тешко да се процени, бидејќи едно нешто води кон друго. Кога ќе се погледне финалниот резултат, лесно е да се види врската или да се прават споредби. Но, мора да се признае дека вториот и третиот не би постоеле без првиот, кој е референтна точка и за она што било претходно. Работите ги развивам така што го следам текот на настаните, што секако, секогаш и не ми успева. Минатата творба ја информира новосоздадената, меѓутоа јас не сакам да останат само во минатото.

Дали постои разлика помеѓу твојата визија за албумот пред снимањето и конечниот резултат?

Секогаш се разликува од сѐ она што го очекувам. Ама тоа е последица на Божјата интервенција. Ризикот е добра работа, и грешките исто така. Постојано учам од нив. Мислам дека мора да се следи она што се случува во моментот. И што е најтешко, треба да се оцени што е повредно  – твојот план или она што се случува во моментот. Ако грешката или новиот непланиран момент е поинтересен од мојот првичен план, зошто би инсистирал на него.

На почетокот сакаше на омотот од албумот To Be Kind,  да ставиш серија брадавици,  на крај сепак заврши со детски глави. Тоа е она што повикува на различни интерпретации на насловот на албумот: kind како љубезен, kind како вид или kind како дете на германски?

(Смеа) Навистина не помислив на ништо од тоа, ама секако може и тоа да значи.

Кој дел од детето во тебе живее на овој албум?

(смеа) Не знам. Ама како продуцент и уметник се трудам да биде изземено од сликата, колку што е можно. Кога пеам, морам да ја исполнам песната. Вистинските уметници знаат тоа да го направат. Еден од најдобрите изведувачи, ако не и најдобрата во историјата на популарната музика е Нина Симон. Таа целосно ja  исполнува песната. Јас не сум ниту блиску до тоа. Значи, кога пишувам песни, тоа е на некој начин танц, понекогаш и мое лично искуство, прочитани книги, изгледани филмови, мисли за социјални прашања. Меѓутоа не сакам сето тоа да има врска со Мајкл Гира, затоа што нема. Креирам нешто поголемо од себеси. Станува збор за сензитивен проблем, кој секогаш се обидувам да го заобиколам.

Што доживуваш кога ќе почуствуваш дека со музиката си се надминал себеси ?

Тогаш сум ја постигнал својата цел, знаеш… тоа е како медитацијата, или кога си изгубен во нешто што сеуште не му е обелоденето на светот. Кога си во потрага, кога создаваш музика или уметност, се обидуваш да откриеш нешто што не постоело претходно, или не си го видел.

Медитацииите и ритуалите се темелат на репетитивност и самото повторување е најбитно во фактот дека човештвото е човештво. Што значи музиката за тебе?

Употребуваме репетиција, ама би бил претпазлив и би рекол дека не повторуваме точно исти урнеци. Повеќе би кажал, одење по пат. А по пат, нештата се менуваат.

Кои албуми ти влијаеа да станеш повеќе музичар отколку градежник?

Тоа се албуми кои за милиони други сигурно се подеднакво значајни,  сите познати албуми како “Umaguma” на Pink Floyd, Blood On The Tracks” на Bob Dylan, било која Best Of колекција на Nina Simone, било кој албум од Fela Ransome-Kuti,  James Brown. На нив се сетив во моментов.

Последно прашање. На што би се радувал во иднина?

Создавање добри работи. Тоа е сѐ што сакам.

 

Со љубезност на HRUPmag
Courtesy of HRUPmag