Драматиката на урбаната митологија

Кон поетската збирка „Средни години“ од Алеш Мустар во издание на „Или-Или“, Скопје, 2019

Живеејќи го секојдневието, ние многу ретко посветуваме внимание на неговата скриена драматика. Покрај нас, зад нас, околу нас, во нашето сеќавање а и со нас минуваат многу судбини и драми. Сите тие се вмрежуваат во една констернирана урбаност чија митолошка поетика е исткаена од ситни реални и измислени топоси што ги посетуваме секој ден и секоја ноќ прилично заумно не обраќајќи им преголемо внимание иако без нивната подлога не би можеле да се осознаеме. Поетската збирка на Алеш Мустар „Средни години“ говори за хронотипијата на таа урбана митологија. За она што е „тука“, она што е „таму“ и за она што не е „некаде“, туку „никаде“. Отворајќи ги сите честички на животната динамика овој мудар поет се одвојува од хедонистичкиот контекст на таа урбана дигестија и ја истражува драматиката на обичните потези и тектониката на опкружувањето кое, судејќи по промените во нас е највлијателна.

Во првиот дел „Тука“, потонувајќи во убавините на Словенија, посебно на Љубљана, Мустар го разбива јадрото на емотивната сомбиоза на се она што значи природа. Од друга страна тој го разложува техницискичкото ткиво на она што значи град, што значи социјална дистанца и урбани поттексти под кои виреат големи недоразбирања. И токму тие недоразбирања ја подигнуваат драматиката на секојдневието на ниво на трагична вина. Тука,  низ визирот на уличната врева, преку роморењето на Љубљаница, но и низ погледот од замокот се вткајуваат стихови кои секојдневието ја пластат катарзата на животното искуство кое инспирира и предупредува. Во првиот дел песните се наредуваат низ стиховно-полемичка каденца каде мотивите инспирирани од природата (Покрај Љубљаница, На Барје, На море) се преплетуваат со типично урбаните мотиви (Шпица, СМС, На ургентно одделение) и целото тоа стиховно истражување се синтетизира во она што останува како кондензат, а тоа е „Творењето“:

Овие стилски капки од урбаната митолошка матрица каде секојдневните дејствија се вгнездени во поетската гама се една од парадигмите на целата поетска збирка – сега, тука и во моментот на неодминливата вистина да го најдеме инспиративниот благослов. Ако „Творење“ е еден вид на методолошка коинциденција со нашиот порив за инспирирање од секојдневието, последната песна Modus vivendi е еден вид на стихувана теорија за поетиката на урбаниот мит:

„Таму“, вториот дел од оваа поетска збирка ја компарира митологиката на другите делови од светот кои авторот ги пласти како животно искуство, но низ леќите на конфронтацијата на човековиот порив при барањето на својата смисла со урбаната композиција која во дослух со модерната технологија се концептуализира како елегантен мастодомец. Овој дел има поголема драматика и конечно, тука се најистакнати тие поетски варијации на урбаните рамки и струења, една своевидна апологија на цивилизацискиот вриеж кој авторот го доживува како „клаустрофобична соба“, како „тврда земја“, но и како судбински склучок кој „носи среќа“. Тој на едно место прилично децидно тврди дека „не е време за интимистичка поезија“. Овие напластувања на цивлизациски одблесоци преинсталирани во продуктивниот опортунизам кон таа митолошка матрица на појадок, проверување на смс пораки, прегледување на дневни весници и жедта за уметност носат еден сосема поинаков начин на промислување на стихот. 

На истиот принцип како и во првиот дел, во стихувањето наречено „Таму“, Алеш Мустар своето патување низ Сплит, Братислава, Прага, Клуж итн. го завршува со можеби најубавата песна во оваа поетска збирка „За што и за кого?“:

Овој поетски кондензат е феноменолошки апстракт во кој нашето „тука и таму“ многу срамежливо го одбележуваме како цивилизациско искуство и според Мустар тешко наоѓаме зборови за негова артикулација. Затоа и двата дела од оваа поетска збирка и фатички и фактички се лизгаат низ таа митологија на урбаните матрици каде иако секаде се различни, провлечени низ нашето себеиспитување тие се секогаш исти. 

Третиот дел носи прилично нихилистички наслов: „Никаде“. Не е „некаде“ и тој навидум нихилизам, всушност е конечен онтолошки одгризок од духовната изневера на човек кон човека. Овие песни се длабоко рефлексивни, но и исклучително емотивни, далеку поемотивни од другите два дела. И покрај тоа што Мустар е верен на својот стил на стих – реченица, овие стихови ја имаат најгустата поетичност во целата збирка. Во овој дел се извиваат неколку митолошки борби – урбаната со книжевната митологија, секојдневните дејствија со природните придвижувања, а напати се провлекува и по некоја политичка нитка. Една од најемотивните поетски сказанија во овој дел е оној „Реквием за Ајлан Курди“ каде низ едно до крај тажна компарација Мустар ќе го опише целото човечко зло чија последица е мртвиот Ајлан Курди на брегот на Егејското море:

Мулитсигнификантно е тоа координирање на „Тука“ и „Таму“ во поетската збирка на Алеш Мустар. Оваа книга во стиховите го носи духот на еден Томас Транстромер кој исто така си поигруваше со митологиките на урбаните животни супстанци, но со една чудна специфика која е типична за овој автор, а тоа е тенката нитка на ригидитет која тој стих – реченица го подигнуваат на ниво на една ултрареторичност која и плени и интригира во исто време. Напати се прашував зошто „Средни години“? Алудираат ли тие на зрелост? Се обидував да си одговорам наметнувајќи една друга интерпретација на насловот, а тоа е – посветеноста и нејзиниот литерарен артизам кој ова сјајна поетска збирка го има во изобилие.