Culture Development

Еднаш свет изградив…

Совршено време за „бес“, помислив при првото преслушување на „Еднаш свет изградив…“, 10-те песни и приказни од последниот споменар на Culture Development кои неодоливо водат до заклучок дека е ова тематски албум за случајната средба на теоријата и праксата, кои кога се сретнале – не се препознале, па оттаму и песните за таа врвна отуѓеност за која пее оваа интровертно вдаховена скопска дружина.

Cu_De

Иако во јавноста разорувачки тивок бенд, за време на своето четиригодишното постоење, Александар Макаловски (вокал и гитара), Никола Исаиловски (бас гитара и вокал) и Стефан Дојчиновски (тапани), се веќе до своето, четврто по ред дискографско остварување, нивно убедливо најзрело досега. „Полошо од било кога, извор на тага. Разговор со себе, за себе.“ – преиспитувачкиот бес се наслутува веќе на самиот почеток, вокалот Макаловски е конечно „свој на свое“, пее за првпат со македонско тремоло – за скалите на кеј, за самиот против себе, за надежта и утехата, просторите наши, улиците скопски, мартот во него… искрено. Овој албум има сé, од жанровска експлоатација на emo-screamo музичката маршрута, преку пораките извадени директно од утроба, без дилеми феноменалните аранжмани на свиречката тројка, па сé до раскошната паталечка енергија, за која би сакал да верувам дека е една од последните на овие простори.
Албумот го затвора избавувачката „Што е живот ако го живееш во страв, очи да не потфрлат и да не те видам пак? До следен пат…“. Ќе има и следен пат, добро е. „Еднаш свет изградив…“ е интимен протест против хистеричното време кое го живееме. Горчина и насмевка, во едно.

 

Саша Павловиќ | Коза Ностра 3 | 8 октомври 2015