Meathook Seed

Embedded

Нихилизам. Мизантропија. Терор. Смрт. Патење. Насилство. Омраза. Дум. Крв. Хорор. Страв. Целосна анихилација на човекот. Љубов.
“Embedded” е саундтрек за вашата ексхумација; брутален крипи кроулинг на ларви облеани во шлајм, кои се пробиваат нагоре кон вашите ноздри; ритуално самоубиство на цела една ултраконзервативна црква во библискиот појас; Тед Кацински на спидбол! Всушност, Meathook Seed звучат како некој музички проект на тоа грдото хуманоидно суштество од “Eraserhead” – личната борба на новороденчето со скапани внатрешни органи против модерниот карцином кој го опкружува.

Meathook Seed

Индастриал/дет метал бендот на Mitch Harris и дечките од Obituary, а подоцна и Shane Emburry, еден од најконзистентните членови на Napalm Death, е квинтесенциалната симбиоза на овој толку експлоатиран жанр. Meathook Seed ја следат формулата на Justin Broadrick со Godflesh и додаваат елемент на безкомпромисност, екстремност и суровост – нешто што Godflesh никогаш го немаше. Думерскиот индастриал елемент на Skin Chamber го хранат со амфетамини, со болните раскази на Bataille и Marquis de Sade, со фотографии од Joel Peter Witkin  и snuff филмови. Само така успеваат да го ослободат ѕверот кој ги освестува луѓето за постоењето на организираното зло.  Они го радикализираат импресивниот даунтунд елемент на раните Pitchshifter и го пуштаат да се извалка низ цеквите на фекалната канализација (Harris е основач на култниот death/grind состав, Defecation).  Вокалите на гитаристот на Obituary, Trevor Peres, го додаваат оној автентичен реднек звук на Флоридските мочуришта, додека Donald Tardy докажува дека индастриалот го бива и без прекумерна употреба на семплери и ритам машини.

Meathook Seed не се еден куп фрикови што се палат на Гејси, Дахмер, Чикатило или Панцрам, колку и да асоцира на тоа оваа дескрипција. Тие се трудат да ги пренесат најопскурните внатрешни битки на една цела изгубена генерација, која одеднаш се соочува со немилосрдниот импакт на технолошкиот развој: Нихилизам. Мизантропија. Терор. Смрт. Патење. Насилство. Омраза. Дум. Крв. Хорор. Страв. Целосна анихилација на човекот. Љубов.  Впрочем, они се потомци на Throbbing Gristle, SPK или Whitehouse… Front 242, KMFDM, Skinny Puppy…Phallus Dei, Killing Joke и  Ministry, како и ред други кои во континуитет нé соочувале со рикошето на технолошкиот проектил.