Супер Ухо

фестивал за музичка гастрономија | Шибеник 3-5 август

Super uho 2015

Во периодот од 3 до 5 август во Шибеник се одржа второто издание на фестивалот Супер Ухо. Овојпат на сосема поинаква локација од минатата година  – тврдината Св. Миховил која гордо се издига над Шибеник и морето и која минатата година беше прогласена за културен простор бр. 1 во Хрватска. Промената на локацијата предизвика одреден сомнеж кај поголемиот дел од публиката дали тврдината ќе може да ја долови фестивалската атмосфера, бидејќи иако нуди неверојатен поглед сепак е простор со седишта и поголемиот дел од публиката веројатно ќе седи. Тоа само по себе ќе направи да исчезне можноста за поголема комуникација и контакти меѓу публиката. Донекаде тоа и се случи, но (секогаш има едно “но”) оваа нова локација не ја намали толку слободата на движење туку даде само можност повеќе за оние кои сакаат да седат и на тој начин да ги следат концертите на главната бина. Втората бина беше во просторот под трибината /седиштата а третата пред тврдината и на истата настапуваше само еден бенд од 20:00 часот, со кого всушност и започнуваше фестивалскиот ден. Програмата беше креирана така да по завршувањето на едниот концерт веднаш почнува нов на другата бина.

Оваа година имавме можност да ги видиме и слушнеме  Einstürzende Neubauten, Of Montreal, Sun Kill Moon, Merchandise, Flogging Molly, King Khan and The Shrines, Ought, Rosetta, Disciplin a Kitschme, VVhile, три бенда од Moonlee Records – Nikki Louder, Analena, Vlasta Popic и уште неколку хрватски бендови и DJ-и.

 

Ден 1

King Khan and The Shrines

Искрено, за овој бенд незнаев речиси ништо освен дека вокалистот  King Khan во деведесетите членуваше во повеќе гаражни бендови меѓу кои и The Spaceshits кои ги карактеризираа  прилично агресивни и насилни настапи. King Khan and The Shrines е суштинска спротивност. Деветчлениот бенд формиран по концептот на funk/soul бендовите од  70-те (дувачка секција, клавијатури, перкусии, тапан, две гитари, бас гитара и моќен вокал) свири забавна соул музика проткаена со малку психоделија и повеќе гаражен рок, со неверојатна желба за забава и комуникација со публиката. Ова е еден од најзабавните бендови кои сум ги гледал воопшто.  Ноншалнатните покрети на фронтменот King Khan воопшто не одговараа на ексцентричниот имиџ кој го има. Си мислиш дека се движи и игра како да не гази на земја. Меѓу песните зборуваше за правата на жените, децата, трансродните лица и афро американците. Речиси сите членови на бендот се прошетаа низ публиката свирејќи од таму, клавијатуристот експериментираше најразлични начини на свирење – клавијатура на под, во раце, високо над тело итн а King Khan, тој тотално ја запали публиката кога излезе само на гаќи и една маѓионичарска  наметка, со перика и златен венец на глава. Како да ја видов Витни Хјустон во трансексуално издание. Забавно, забавно, забавно. Дефинитивно концерт на првиот ден иако како главни звезди беа најавени Flogging Molly.

King Kang and the Shrines
Flogging Molly

Ирските панкери од LA како да свиреа во Даблин а не во Шибеник. Знаев дека хрватите се посебно наклонети кон Ирска во секој поглед. Погледнете ги фудбалските или навивачки форуми и ќе ви стане јасно за што зборувам. Веројатно и самиот бенд не очекувал ваков прием. Flogging Molly ја користат ирската традиционална музика во панк варијанта. Јас непознавам друга традиционална музика која е толку многу искористена во панк ноти како ирската. Бев еден од ретките што не се возбудував на тој факт, така да нивниот концерт ми беше шанса малку да ги одморам нозете и да го проследам седејќи. Сите песни беа исти, па настапот изгледаше како една долга тема испрекинета со зборови на благодарност. Но, ( еве го пак тоа но) огромниот број фанови со нивни маици, пеењето на сите песни во еден глас само ја потврдија огромната популарност на бендот. Еден бис, најава на нов албум и негова концертна промоција во Хрватска, испотени голи тела и заминување од сцената додека во позадина одеше монти пајтоновската Always look on bright side of life.

Втората бина беше резервирана за три бенда кои издаваат за Moonlee Records – Nikki Louder, Analena и Vlasta Popic.

Nikki Louder ги гледав прв пат и веќе сум нивен фан. Словенскиот троец со огромна километража од концертни настапи ми изгледаше како бенд од првата лига на светската noise сцена. Иако имаа мали проблеми со озвучувањето, noise звукот зачинет со малку мелодија, онолку колку да земат здив и да ги одморат нашите супер уши перфектно се вклопи меѓу зидините. Ги молам луѓето од МКЦ – Скопје да ги доведат и да застанам со нивната маичка во прв ред.

Analena и  Vlasta Popic ги истрошија последните атоми енергија која остана во нас длабоко после полноќ и тоа беше крај на првиот ден.

Analena@SuperuhoVlasta popicNikki Louder

 

Ден 2

Денес е денот Д затоа што настапуваат моите фаворити Einstürzende Neubauten и Sun Kil Moon.

Sun Kil Moon

Алфа и омега во Sun Kil Moon е всушност Mark Kozelek – харизматична личност со сугестивен вокал кој го знаеме уште од времето на Red House Painters . Неговата поетичност и мистичност е толку допадлива што нема да ви дозволи да отидете до шанкот за ново пиво ниту пак да го стиснете копчето стоп на ЦД или МП3 плеерот доколку го слушате дома. Пробајте и ако ви успее ве честам пиво.

Сепак за повеќето од публиката настапот ќе остане запаметен по неговата хиперкомуникативност. Имено Марк на моменти се однесуваше толку спротивно на неговата музика и поезија, на сета таа мелодичност и блага меланхоличност, што предизвика повеќето после концертот да зборуваат за тоа како ги избрка двата официјални фоторепортера кои му оделе на нерви или пак за ракувањето кое се претвори во жестоко влечење кон бината на првите две девојки кои собраа храброст и застанаа на оградата пред него и за уште неколкуте слични примери, а не за музиката.

Музички, настапот се состоеше во презентација на последните два албуми Universal Themes кој излезе во Јуни оваа година и Benji издаден во 2014. На радоста и немаше крај при изведбата на продолжената верзија на Carissa. Звучеше 1000 пати подобро отколку студиската снимка. Повеќе од одличен настап кој му се допадна и на Alexander Hacke – басистот на Einstürzende Neubauten кој го изгледа речиси целиот концерт на седиштето до мене.

Sun Kil Moon

 

Einstürzende Neubauten

Ова е вторпат како ги гледам за два месеци, со таа разлика што сега настапот им траеше саат и половина што е двапати повеќе отколку барселонскиот. Што да се каже за бендот кој е инспирација за многу музичари и уметници, почитуван и респектиран од повеќе генерации, бенд чија музика е надвор од сите стандарди и клишеа. Веројатно повеќето читатели на Критика се запознаени со тоа дека Einstürzende Neubauten како ритам секција користат рачно изработени инструменти од челични конструкции, пластични цевки, чекани, дрво и останати материјали кои во комбинација со разновидна аудио опрема, гитари, клавијатури, вибратори и дадаистичкиот пристап кон создавањето музика го прави нивниот настап атрактивен не само за уши туку и за визуелните сетила.

Започнаа со The Garden, па Let’s Do it a Dada, Youme&Meyou, Dead Friends а потоа Unvollständigkeit, Sonnebarke, Von Wegen и Sabrina.  Blixa, најавувајќи ја Suseј со која го завршија концертот ни раскажа дека музиката за гитара ја има напишано уште во 1983 на некој таван во Берлин, а дури во 2007 година се навратиле да ја финализираат – “Ова е дијалог меѓу младиот и стариот Blixa”.

Einstürzende Neubauten @ Superuho

Се вратија на бис со Reduct и Alles при чија изведба Alexander Hacke како инструмент користи сексуално помагало вибратор. Ни се заблагодарија, длабоко поклонија и така боси, испотени во костуми и кошули ја напуштија сцената. Концертот беше greatest hits, без ниту една тема од последниот албум Ламент, кој патем е повеќе од одличен. Можеби заради тоа некој беше разочаран но повеќето лица бликаа од задоволство а меѓу нив и моето.

После Einstürzende Neubauten настапот на канадските Ought кои беа најавувани како нова надеж на монтреалската арт панк сцена ми изгледаше како музика за деца па не успеав да ги доживеам на вистински начин. До некоја следна прилика.

 

Ден 3

Последниот ден на фестивалот стартуваше со концертот на Merchandise, бендот кој својата кариера ја започна како дел од DYI punk/hard core сцената во Тампа, Флорида и важат за бенд кој има направено огромен број на концерти и снимки според DYI принципот. Сепак, нивната отвореност кон музиката придонесува целосно да го променат стилот и сега свират некој crossover на модерниот и класичен рок звук од типот на The Fall, The Smiths, Suicide а на моменти многу потсеќаат и на Lotion.

Публиката прилично добро ги знае текстовите но и музиката за мрдање  кукови. Го најавија концертот во Загреб во ноември, па еве шанса додека се во регионот да се донесат и кај нас. Ако некому нешто му значи, последниот албум го издадоа за дискографската куќа 4 AD.

Merchandise

 

Of Montreal

Ако треба да се избере концерт на фестивалот тогаш дефинитивно Of Montreal го дели првото место заедно со Einstürzende Neubauten. Вокалистот Kevin Barnes и неговите тројца другари од бендот ни понудија толку многу забава, скокање и позитивни емоции што нивниот концерт беше како шлаг на тортата наречена Супер Ухо фестивал. Одлични видеа, феноменален звук, комуникација со публика онолку колку треба и уште многу суперлативи. Завршетокот на концертот со 12-минутната The Past is a Grotesque Animal беше таков колективен транс што и денес ми се ежи кожата кога ќе ми текне на концертот. Браво!
Of Montreal

Rosseta

Ова беше единствениот настап на фестивалот кој отскокнуваше комплетно од сите останати. Пост хардкор, drone музиката не допре до публиката на начин на кој се навикнати членовите на овој бенд, чии настапи вообичаено се комплетна синергија меѓу нив и публиката. Обидите на вокалистот да пее (поточно да вреска) заедно со публиката останаа само млак обид. Настапот беше сосема коректен но очигледно дека немаше доволно фанови за овој бенд.
Rosetta

 

Disciplin A Kitschme

Која и друштвото ја имаа тешката задача да го затворат второто издание на фестивалот. На бината под трибините во 2 часот по полноќ остана завиден број на луѓе кои присуствуваа на концерт како од најдобрите денови на бендот. 90-минутно возење низ сите фази на нивното творештво помина во еуфорична атмосфера,  толку различна од скопскиот концерт во мај оваа година. Навистина, човек да се замисли како е можно скопските концерти на некои бендови многу често да поминуваат во прилично заспана атмосфера без соодветен фидбек од публиката. Сепак, тоа е тема за социолошки истражувања и ќе ја оставиме за другпат.

Последните 20 минути од концертот поминаа во шутка и играње на речиси сите присутни вклучувајќи го и Мате Шкугор – човекот кој го организира Супер Ухо.  Убава слика која ќе памтиме до следното издание на фестивалот.

За крај, ќе додадам дека ова второ издание само ми го потврди мислењето дека Супер Ухо е фестивал со најдобар музички вкус во регионот.  Единствената забелешка е дека првиот ден немаше храна за оние кои не јадат месо. Но, тоа не е причина да не се видиме следната година. Напротив. Затоа што Супер Ухо е фестивал за музички гастрономи.