Кој би помислил дека бенд, кој во својата дискографија има песни како Jah is Dead и No Dreadlocks, би можел да биде всушност рутс реге (roots reggae) бенд. Колку и да звучи непоимливо и надвор од конвенционалната реге парадигма, на Балканот се случувале и почудни работи.
Од соседна Србија, поточно Белград, ни доаѓа токму таков бенд, FC Apatride UTD (Football Club Stateless United), марксисти, со милитанта take-no-prisoners лирика, минималистички совршено продуциран рутсзвук и вокалист/фронтмен со потекло од Судан.
Албумот Firing the Truth, снимен летото 2009 на еден планински врв во централна Србија, е нивни трет и најзрел албум досега. Првиот сингл од овој албум,Nah With ’Em, всушност беше порталот за мене за влез во светот на FC Apatride UTD. Моќно аудио-видео ремек дело што удира како гром. Јасна и гласна критика на американската „демократија“, бескрупулозен колонијализам и дисторзирани морални вредности. Не можам доволно да го опишам чувството и хипнозата што ја доживеав после првото преслушување/гледање, но би можело тоа да е некој микс на неверување, морници, среќа и сознание дека сепак постои реге бенд на кој можеш да играш со високо крената стисната тупаница.
Албумот отвора со блуз инструменталната Fire Inn (intro), после која следи насловната нумера, во којаведнаш може да се осети гневот и воинственоста на Абделрахим (вокалот) насочена кон Западот и неговите „крстоносци“ BBC, IMF и WHO. Со “Throw Down Your Guns” фрлаат ракавица на Холандијаукажувајќи на сегрегаторската десничарска политика и хајката што се води против муслиманите, критикувајќи го нејзиниот квази-либерализам. Содома и Гомора, би рекле тие. Оваа српска дружина несомнено умее да „боцне“ нечии чувства и убедувања, да идолизира нечии анти-херои и да вознемири лесно навредливи љубители на класичниот реге звук.
Едно е сигурно, FC Apatride UTD е бенд кој остава силен впечаток, без разлика дали ви се допаѓа нивниот политичко-религиозен став или не. Рапавиот и моќен вокал, придружен со одличната музичка подлога и провокативни текстови (само на англиски), нема да остават никого рамнодушен.