Post Global Trio

Fluids

За светот да биде интересен, мора да го манипулираш цело време.
Brian Eno

 

Да создаваш амбиентална музика е како да го црташ општеството и природата со звуци, фантазмагорично додворување на механичкото и духовното, би се рекло прилично неблагородна но испирирачка позиција, како некакво враќање на почетокот пред почетокот, но и место на засолниште. И тишина, како резултат на цивилизацијата. Но, како за момент да се апстрахираш од жанрот кој наметнува состојба и притоа да понудиш нешто ново, е главниот предизвик во процесот наречен создавње амбиентална музика. Во овој конкретен случај тоа е пренесувањето на деталите како контраст на безвременското бидејќи навистина не постојат граници за тоа колку далеку може да се отиде.

post-global-trio

Fluids е втор албум на Димитров, Георгиевски и Додовски под името Post Global Trio, прв за канадската Unknown tone records. Албумот е правен во реално време, во една сесија една зимска ноќ, некаде баш во ова време пред година дена. Додека на деби албумот триото нуди еден долг сегмент од еден час, на овој албум приказната е разделена на 6 сегменти, концентрирани на едноставни текстури кои практично чинат една хомогена структура, спиритистите би рекле нешто што се излачува но тешко може поблиску да се определи.
Триото ги избира инструментите и софтверите внимателно: 4 Piezo микрофони, SynPrez FM емулатор, Fast Tracker секвенцер, Audacity audio editor and recorder, звучна картица Phase 26 USB, Ableton Live, Native Instruments Massive software synthesizer, Native Instruments Pro-53 synth emulator, Togeo Sst Gen Ableton Live pack, диџеј миксер Behringer Bcd 3000, 3 лаптопа, Midi и Lenovo tablet. Сосема доволно за овој несекојдневен тунел од звук. Сите 6 албумски циклуси фрлаат нова светлина, даваат ново значење и рекреираат ново сценарио на атмосферата на Fluids, за момент можете да се најдете во дивините на Лазарополе, на брановите на Егејското море или пак на аеродромот во Париз.
На Fluids ве очекува суспенс од манипулативни звуци, медитација за размислување или во најмала рака актот на паѓање во него. Назад на почеток.