dEUS

Following sea

 

Како гром од ведро небо, само осум месеци откако го издадоа шестиот по ред албум „Keep you close“ белгискиот алтернативен рок-бенд dEUS (бог на латински) промовираше нова збирка на песни овој пат наречена „Following sea“. Момците од Антверпен се познати на постарите аудиофили уште од 1994 година кога исто така од нигде-никаде се појавија со синглот „Suds & Soda“ кој промовираше рок-звук што дотогаш не беше својствен за европските бендови. Токму затоа публиката и критиката знае dEUS да ги нарече белгиските Sonic Youth. Но кога некој ги споредува Белгијциве со Thurston Moore и со Kim Gordon тоа повеќе се однесува на нивото на оригиналност отколку на самиот звук, иако и во првите изданија на dEUS можеше директно да се почуствува влијанието на американската инди-сцена.

Покрај тоа што албумот „Following sea“ воопшто не беше најавен интересно е дека на интернет се појави кратко видео во кое фронтменот на dEUS песна по песна го презентира албумот. Она што и самиот Tom Barman го кажува е дека овој албум за разлика од она што досега го издале dEUS е нешто поведар па несвојствено за нив, Барман најави и летен видео спот за песната „The Soft Fall“. Тоа е навистина поразлично од она што го правеа овие момци во деведесетите кога ги произведуваа најхаотичните звучи што доаѓаат од Стариот континент. Друга карактеристика на новото издание е дека Барман, кој инаку е Фламанец за прв пат не пее на англиски ами на француски јазик и тоа на песната која го отвора албумот и за која dEUS веќе имаат снимено одличен видео спот.

Дел од песните се создадени за време на џем-сесиите што dEUS ги правеле загревајќи се за настапите на кои го промовираа прилично фалениот претходник „Кeep You Close“, додека останатите се оние парчиња за кои едноставно немало место на помрачната збирка од ланската година. Името на албумот дошло како логична последица на текстовите на песните во кои преовладуваат стихови кои зборуваат за морето и општо за насоките во животот.

Фактот дека овие музичари доаѓаат од релативно непозната музичка сцена како белгиската ги става во таква позиција постојано да бидат споредувани со големите бендови од Англија или од САД. Па така, ако на почетокот беа белгиските Sonic Youth, најмногу поради експерименталниот албум „Worst Case Scenario“ денес може да сретнете оти ги етикетираат како Elbow од Антверпен. Тоа се должи на звукот кој со текот на времето dEUS го смирија и престанаа да експериментираат што никако не значи оти нивната музика изгубила од квалитетот. Напротив!

Сепак, ако некој сака темелно да се запознае со она што овие Белгијци го прават скоро две децении паметно е да се преслуша нивната дискографија. И албумот „Following sea“ е одлична почетна точка за сите оние што не се навикнати на експериментирањето во рок-музиката која го одбележа почетниот стадиум.

 

22 јуни 2012
Дневен “Фокус”