Фотографска изложба #МКЦдокумент на Зденко Петровски

31 август 2019 Здраво Млади, МКЦ Скопје

МКЦ во последните 10 години без дилеми е најздравото друштвено ткиво во болната македонска стварност. Факт што треба да им се сервира на политичарите за појадок како cold turkey. Секое утро. Ноќните дами кои ординираат во тој реон најдобро знаат за ова. Тоа е „црквата” на илјадници млади и не толку млади „внатрешни мигранти” кои останаа во лавиринтите на татковината трагајќи по повеќе смисла, хранејќи се со тие малку преостанати трошки култура што треба да бидат сервирани. Едноставно, тој простор е скопската микроутопија, остров на (не)остварени желби и потреби на луѓе со посебни желби и потреби, резерват во кој општеството се прочистува од талогот на дегенеративниот поредок притоа продуцирајќи движење. Кон забавното внатре духовното и обратно. Сцена.
Како и сите возбудливи приказни од тајната историја на претходните два века и оваа го има својот најдрагоцен сведок, „воајерот” со фотоапарат кој ќе ја овековечи и од неа ќе направи визуелна историја за нас и за светот надвор од нас. И тоа не само како прилог кон колективната меморија, туку повеќе како вид љубовно писмо до идните генерации за тоа како се гради и одржува современа и автентична (суб)култура во еден убав град во неубаво време и средина која секогаш почнува од почеток. Битно.
Многу луѓе фотографирале во МКЦ, професионално или за душа, сеедно, но не сите биле дел од процесот во смисла да се истовремено и публика, суштински да ја познаваат сцената, нејзината историја и луѓето околу неа, да јадат, пијат и спијат музика и да ја разбираат таа чудесна и за многумина ирационална, алхемиска страст за неа. Да се „уштекани” во нејзината стварност.
Таа перспектива го прави Зденко Петровски единствен и секогаш играч во предност пред другите, а МКЦ привилегирана културна средина.
Искусно и со срце.
Нека биде така уште долго.

 

Давид Ангелевски