Fucked Up

Glass Boys

Кога еден бенд за нешто повеќе од 10 години постоење (поточно 13) има издадено 4 албуми, 6 LP-а од Zodiac едицијата, 10-тина 12“ плочи со b-side песни, компилации, соработки, преку 60 демо изданија, касети, микстејпи, сплитови, ЕП-а, па уште и настапуваа/соработуваа со бендови и артисти како Melvins, Moby, Vampire Weekend, The War On Drugs, Dinosaur Jr, Circle Jerks, Jello Biafra, Yo La Tengo, Bob Mould, TV On The Radio… (листата нема крај), одржаа 12-часовен концерт во Њу Јорк, свиреа на фестивал на “fuck” бендови во Fucking, Австрија заедно со Holy Fuck, Fuck Buttons, го демолираа Храмот на масоните во Торонто (два пати) за време на снимањето на MTV Live, издадоа “рок-опера“ и уште милион други работи, прво што ќе ти падне на памет е дека луѓето воопшто не се заебаваат и дека се максимално посветени на тоа што го прават, дури и прв пат да слушаш за овој бенд.

FU

Доаѓаат од Торонто и дефинитивно се најгласните претставници на денешната хардкор панк сцена. Водени од мотото “Системот се уништува одвнатре“, Fucked Up немаат проблеми со настапување на настани кои не се адекватни за хардкор панк концерти, па дури и да бидат цензурирани заради името (често најавувани како Effed Up на “посериозните“ настани).
После комплексната, а сепак интересна приказна раскажана во предходниот албум David Comes To Life, приказна за седмиот член на бендот, имагинарниот лик Давид, работник во фабрика за сијалици и неговата љубов, активистката Вероника, која умира во заедничката акција дигајќи ја во воздух фабриката за сијалици и двоумењето на Давид дали времето потрошено со Вероника е всушност за џабе, Fucked Up во Glass Boys раскажуваат една лична, длабока и многу по реална приказна за стареењето во хардкор панк сцената и попуштањето на ставовите од една страна, а тежнеењето да се остане верен на идеалите од младоста од друга страна, како и односот помеѓу индивидуалниот и општо прифатениот став, а се запрашуваат и дали верувањето во бендот би било на исто ниво доколку сега би требале да почнат сé од почеток, загриженоста за тоа како да го развиваат бендот, што да се прави, како да се реагира кога веќе нема назад, кога веќе се еден од многу ретките хардкор бендови што останал активен толку време без никаков прекин и направил толку многу што и нема никаков пример со кој би можел да се спореди. Дефинитивно, ова се теми кои бараат размислување и многу веројатно е дека никогаш нема да дојдете дециден одговор, па така и овој албум нема да ви понуди конкретен одговор на прашањата.
Албумот е снимен на три места (Чикаго, Мичиген & Торонто), со тројца продуценти – Bill Skibbe (The Kills, The Dead Weather, Shellac), Mike Haliechuk & Jonah Falco, и е еден од најдобро продуцираните албуми што сум ги слушнал, не можам да најдам ни една маана, буквално, сé е како што треба да биде.
Има две работи кои веднаш ќе ги приметите после првото слушање. Првата е дека албумот е дефинитивно најкраткото издание на Fucked Up, кое трае 40-тина минути (за споредба, David Comes To Life трае скоро дупло повеќе, неполни 80 минути) што ме прави позитивно изненаден затоа што предходните албуми знаеа некогаш да здосадат и да останат недослушани. Втората работа е тоа што албумот е доста поспор, меланхоличен (што всушност е и логично кога ќе ги земеме во предвид темите кои се обработуваат на албумов) и музички многу поразличен од предходниците. Ќе слушнете влијание од некои бендови од Dischord Records како Fugazi & Jawbox, ќе слушнете инди рок, пост хардкор и рокенрол многу повеќе од класичен панк.
Ова е дефинитивно најдоброто издание на Fucked Up и најдоброто нивно издание до сега во 2014-та година. Тоа што го направи Refused со The Shape Of Punk To Come со панкот на крајот на предходниот век, сега го прави Fucked Up со Glass Boys.