Cloud Nothings

Here And Nowhere Else

Cloud Nothings е бенд од Кливленд, Охајо кој во 2009-та стартува како соло проект на Дилан Балди. После 3 години како соло проект (и две издадени плочи каде што тој самиот ги свири сите инструменти), Дилан собира екипа за да може да свири и во живо и од 2012-та Cloud Nothings се регуларен бенд. Првото LP како бенд го снимаат во 2012-та со Стив Албини, а за новото издание го менуваат продуцентот и снимаат со Џон Конглтон. Издавачката куќа останува иста од настанувањето на Cloud Nothings (првото издание оригинално излегува на Bridgetown Records, но Carpark го ре-издава една година подоцна).

CloudNothings

Една од најинтересните работи кај овој бенд според мене е тоа што сите изданија музички се доста различни едно од друго, а сепак имаат нешто заедничко по кое што можеш да го препознаеш бендот. На овој албум, споредбено со предходните, има многу повеќе влијание од поп-панк, нојз-рок, гранџ. На албумот, посебно се истакнува тапанарот, кој, според мене беше тотално во сенка до пред ова издание, а сега му е дадена шанса и ја искористи максимално. Тоа е најпозитивната разлика од предходните изданија и првото нешто што ме натера да почнам активно да го слушам албумот. Не за џабе многу музички портали го класифицираат како еден од најдобрите инди рок тапанари на денешницата. Второто нешто што ме импресионираше е гитарата на Дилан, оригинална и непредвидлива. Тука се докажува дека е одличен гитарист и дека со сигурност знае што прави кога ги креира песните.

Вокалот е единственото нешто што звучи “просечно“ на овој албум и дефинитивно е најслабата карика. Не дека вокалот е лош, воопшто не е, но сепак не успеа да ме импресионира толку колку што инструментите го направија тоа. Најверојатно музиката постави превисоки стандарди, па заради тоа и вокалот не звучи толку добро. Во секој случај повеќето панкрок бендови копнеат по ваков вокал.

Изданиево има 8 песни, трае малку повеќе од триесет минути и се слуша во еден здив. Би рекол, тоа е и оптимална должина за ваков албум, нема потреба од подолга минутажа, би можела само да се заебе работата, да здосади албумот на крај… Жестината на бендот се чувствува од првата до последната секунда без ниту една пауза, што му дава уште еден огромен плус на албумот.