Guts

Hip Hop After All

Guts e продуцент, и хоп хоп изведувач за кој веројатно малкумина слушнале. Тоа е можеби дотолку поголема причина да си дозволите себеси да затреперите од љубопитност и без никаква задршка да нурнете во неговото овогодинешно албумско издание Hip Hop after all. Потеклото на Guts е со координати во главниот град на Франција, Париз. Музиката, пак која ја продуцира е со координати низ целиот свет. Она што со сигурност може да се каже е дека ова е едно од музички најбогатите хип хоп остварувања во последно време, во поглед на обидот да се имплеменитраат фузионирачки и интерстилски црти во изразот. Од звукот што излегол од студиските компоненти на Guts, a успеав да го доведам до моите уши, слободно можам да заклучам дека Hip hop after all е најкомплетно издание со кое се става круна на еволутивниот стилски пат кој Guts го изодува во неговите претходни три изданија. Ова издание е издадено за париската продуцентска куќа „Рајска сладост“ (Heavenly Sweetness), на која дефинитивно ќе треба да се посвети внимание во иднина поради замавот кој го има во моментов и кој ветува многу нова и квалитетна музика.

guts

Во глобализиран свет географските разлики се тотално релативизирани, еден банален пример за тоа е овој албум на Guts. Во ова албумско издани кое содржи 19 нумери на едно место се собрани повеќе гости и отколку што големите џез бендови од 20-тите години на минатиот век имале членови. А токму така звучи, богато, разнородно, но многу добро компонирано и компактно. На ова издание ќе успеете да ислушате компленто инструментални исполнувања, но преовладуваат оние кои имаат некаква вокална компоненета (не за џабе толку гости). Стилски можете да очекувате чисто фанк нумери, доста (поп)рок примеси, многу џез семплови и секако хип хоп битови.

Guts успева да собере доста свежа крв како Quelle Chris и Denmark Vessey на ова издание, но се потпира и на некои подзаборавени стари борци како Masta Ace и Grand Puba. Секако, изненадуваат и соработките со артисти како Tanya Morgan и Leron Thomas. Лирски албумот звучи многу силно и се движи во опсег од теми што се однесуваат на човековата интима и желба за репродукција, па се до желбата за социјална правда, слобода и кревање на свеста за човековиот однос кон природата, но и такви во кои се проткајуваат крајно реминисцентни и егзистенцијалистички теми.

Овој албум е еден од најтрансцедентните хип хоп базирани албум и како сублимат на целиот овој осврт, би можело дека се каже дека „Хип хоп после сѐ “ е дефинитивно албум кој морате да го преслушате покрај сѐ.