Пост-панк кантавторот Howie Reeve концертно во Скопје

6 јуни 2019 Ла Кања 21:00

Утревечер во скопскиот клуб Ла Кања, свој настап ќе има шкотскиот музичар Howie Reeve.

Howie Reeve е уникатна фигура на британската андергаунд сцена. После 20 години свирење во повеќе бендови од Глазгов (Tattie Toes, Maxton Grainger), во 2012 година започнува соло кариера, континурано издава плочи и свири на турнеи ширум светот.  Носејќи еден длабоко вкоренет пост-панк сензибилитет, тој настапува со акустичен бас  и неговиот пристап кон инструментот е експресивен и мелодичен, но сепак внимателен. Текстовите се криптични и духовити,  а неговите настапи се искрени и интимни.

За Howie Reeve најважно е поврзувањето  со луѓето и заедниците: „Она што го правам како музичар е холистичка работа. Одам на турнеја и се заљубувам во луѓето и местата. Го носам тоа чувство назад во Глазгов и го сакам Глазгов повеќе“.

Досега има објавено пет соло албуми, како и заедничко 7“ сингл издание со Mike Watt (Minutemen, The Stooges). Концертот во Скопје е дел од неговата маратонска европска турнеја.

Howie Reeve во Ла Кања ќе го претстави својот последен, петти по ред албум ‘Cracks’(Red Wig, Moncul и Bar Marfil Records).

Концертот е со донација од 100 денари.