Темпера

Играј!!!

Ако ја тргнеме настрана вообичаената домородна скепса кон сето она што како звучен запис го изнедрува современата македонска музичка сцена, тогаш пројавата на ТЕМПЕРА би требало да го израдува секој добронамерник и урбан човек кој верува дека сеуште не не голтнало реалното владејачко турбофолк-поп мракобесие. Со „Играј!“ , Драган Гиновски Гино ( гитари), Мите Димовски (тапани, продуцент), Ѓоле Максимовски (бас) и Тања Тас ( вокал) донесуваат податлива колекција на песни која слегува до автентичниот рок израз и која дефинитивно има потенцијал да заинтригира повеќе генерации слушатели.

Ова подразбира дека музичарите, кои патем зад себе имаат импресивни биографии што подразбира дека оставале дел од сопствената креативност во бендови како култните АРХАНГЕЛ, ЦИЛИНДЕР, ГИНО ДЕ ГАГИ И НИВНИТЕ СТРАСТИ, МИТАН ПРОЕКТ, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО, КАБАДАЈАС, ВАЈЛД БАНЧ, ЛИЛИТ, СЕТ, МУГЕР ФУГЕР… или соработки со МИЗАР, АНАСТАСИЈА, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, ФОЛТИН…што значи дека поминале низ „сито и решето“, во ТЕМПЕРА влегле органски. Пубертетски. Со заумна идеја да и се вратат на својата прва љубов – рокенролот.

tempera

На она што своевремено ги натерало да го изодат патот од правливите подруми до големите сцени, но во случајов и со сето искуство што се наталожило през годините. Притоа на површина излегува дека ним ни на крај памет им е да се шлепуваат на „историското минато“, да бидат „нови“ или „втори“ ова или она, туку само бенд кој само со силината на она што го твори и покажува пред публиката ќе си го побара своето место на оваа и ваква сцена. Разбирливо, во нивниот случај, по преслушувањето на материјалот не можеме да говориме за божемна авангардност, туку за припадност на „главната струја“ која речиси и да не постои кај нас, а која од своја страна би требало да отвора простори и хоризонти за оние кои го милуваат експериментот и потребата за другост.

ТЕМПЕРА се рок-риф бенд со стилски разновидни песни, но и со заумна лирика која застанува во одбрана на потребата, за поривот за игра како предуслов за натамошно истрашување и погрување со емоциите и звуковноста. Кај нив целокупната слика е базирана на мајсторството на еден гитарски маг како Гиновски, кој со дозирани сола и интересни хармонски решенија, креира   пасажи кои милуваат и енергетски распаметуваат. Неговите пребирања по жиците првично ве тераат да посегнете длабоко во себе и копате длабоко „каде тоа сте ја слушнале оваа гитара, кој го има тој тон и слично“, но дефинитивно се на тоа и завршува. Гино е расен свирач, еден од ретките кај нас кој од поодамна изградил свој стил, но и гитарист кој сета своја умешност знае да му ја подреди на бендот.

Од таму, сосема разбирливо е што Максимовски и Димовски, како ритам секција која ги чувствува таквите вибрации, ја има сета слобода во просторот со својот татнеж да ве „меле“ и да ви ја разбудува потребата од безусловен танц. Но нивната функционалност е само едната страна од приказната. Обајцата фуриозно, но ненаметливо ги ѕидаат темелите на она што генерално може да се подведе под „проста и строга троминутна рокенрол песна“. Без валканици и непотребни истрчувања.

Тања Тас, пак од своја страна, е посебна приказна. Таа од блуз-рок пејачка истрчува до вокалистка чии вокални егзибиции можеби можат да ве наведат на помисла дека ги „прежвакала“ вратоломиите на една Нина Хаген, Лејна Лович, Сијукси Сиукс…и уште некои блескави имиња од новиот бран во 1980-те, но и само тоа. Нејзината артистичка ( читај уметничка) пројава е дефинитивно оригинална и својствена за една модерна жена. Уште повеќе што Тас, во случајов, се пројавува не само со својата сценичност, туку и со моќта да ве натера мошне внимателно да ги слушнете нејзините стихови.

Таа е трепетлива, ранлива, но во ниту еден момент не дозволува да ја надвладеат сомнежот и црните мисли. До последниот атом од сопственото битие го брани поривот за игра. Нејзината невиност и чистина. Да се остане исправен и горд пред сите шибања на животните ветришта и разулавените емотивни вртлози. На темнините им се спротивстваува со искрите во очите и нежностите што несебично ги дарува со својот глас.

Ете затоа, овие 10 песни на ТЕМПЕРА со заеднички наслов „Играј“, тие четириесеттина минути музика со неколку потентни хита како „Пластични кули“, „Honey Lips“, „Солени облаци“… и посебно „Црвени кондурчиња / Дома“ , каде патем бележито е и присуството на еден Горан Трајковски ( вокал и ко-автор на текстот на „мизаровската“ и мене лично најдрага – „Младото сонце“ ), ја имаат моќта да заведат и освојат. Да ве натераат да им го дарите вниманието на музичарите кои не се потпираат на квалитативот „нова македонска супер група“ туку на личната потреба на повидот да ја изнесат сопствената жилавост и убедувањата дека тие сеуште не го кажале последниот збор кога е во прашање автентичниот современ рок израз.