Tinariwen

Imidiwan: Companions

„Пустините“ е значењето на името на ова чудо од музички состав во буквална смисла на зборот, кој не само што стана заштитен знак на World Music сцената, туку и последниве 15 години постепено метаморфозираше во интернационално успешен бенд кој не престанува да снима и свири турнеи.
Нормално, по секоја логика на нештата, Tinariwen доаѓаат од непресушната лулка на пустински блуз – Мали, Африка.
После 6 одлични албуми и повеќе награди меѓу кои и една Греми награда, многу концерти ол оувер д глоуб, како и снимање на последниот албум во С.А.Д, може слободно да се констатира дека Туарезите ги срушија сите граници на Сахара и го претворија светот во нивна сопствена пустина.

tinariwen2
Кога би требало да одберам за кој албум од Tinariwen би пишувал, би имал навистина тешка задача, бидејќи сите 6 се кој од кој подобар. Среќа што не морам да бирам, бидејќи душава го направи тоа за мене уште првпат кога го слушнав Imidiwan: Companions.
Овој 63 минутен мрснотилук од туарег блуз, кој на многу моменти се граничи со дервишка музика, секогаш кога го слушам ме одвезува многу далеку и ме става во хипноза од слатка меланхолија од која често, не сакам назад.
Албумот го сочинуваат 14 пустински блуз мантри од кои неколку се вистински хитови, а една-две се таман дури и за на подиум. На пример, кога прв пат ја чув третата нумера, наречена “Tenhert”, првите 30 секунди ми звучеше како некоја песна од “Beggars Banquet” на Стоунси. А пак, дванаесеттата нумера – “Chabiba” (во превод “Младост”), секогаш ми звучи како песна која би сакал да свири во позадина кога ќе помине најлошото. Песна на младоста, полна оптимизам.

Од останатите песни не би сакал да издвојам некоја, се разбира не поради тоа што не се истакнуваат, туку поради тоа што албумот е како целина совршено склопен за слушање од прва до последна песна во еден здив.

Здив пустински воздух.