The Juan Maclean

In A Dream

Џон Меклин и Ненси Вонг, двете главни лица од групата The Juan Maclean,  не изгледаат како типични ликови од 80-те години на минатиот век. Ниту имаат бушави шатирани фризури, ниту се облекуваат како да имаат шифоњери наместо раменици или како да им студи на зглобовите, ниту носат сакоа со дупли копчиња, ниту пак тексас јакни. Ниту Џон Меклин потсетува на гламурозните „њу романтик“ шизици, ниту Ненси Вонг потсетува на слатките „материјални“ девојки кои се приметуваа од километарска оддалеченост со дречливите бои на хеланките и стегачите првенствено наменети за аеробик. Но, затоа создаваат музика која фантастично звучи како создадена во времето кога горенаведените модни детали ја моделираа визуелната естетика на едно извонредно декадентно раскошно модерно живеење.

Доминантните инструменти на кои е снимен албумот In A Dream се синтисајзери користени во тој многу плоден период на музичката историја, па затоа лесно буди асоцијации на нешто слушано порано. Споредбите со Хјуман Лиг, Јуритмикс или слични машко-женски групи не се излишни, но дистанцата од два-триесет години и динамичниот развој на електронската музика во меѓувреме, во голема мера влијае да се влезе во таа авантура на пософистициран начин и да се надоврзат уште неколку посвежи решенија за да се добие еден одличен резултат – мелодична музика, во која се’ изгледа како да е создадено со речиси детска слобода на првично откривање на безбројните убави комбинации на звуци од кои се добива продукт лесен за слушање од почеток до крај.

TJML

И Џон и Ненси често настапуваат како диџеи и имаат пристап до нова музика и добро се запознаени со новите тенденции или денс хитови. Имаат привилегија да бидат дел од еден конгломерат на прогресивни поединци и групи кој гравитира околу DFA Records, чија инфраструктура овозможува услови за врвно градење на звукот и за презентација пред милиони луѓе.

Далеку од тоа дека Џон Меклин сам создава се’ и надоврзува вокали (негови и на Ненси Вонг). Процесот е подолготраен, а како и многу паметни музичари тој знае што сака и кога не може нешто да создаде на начин кој го сака, замолува пријатели кои можат да му помогнат во некои делови, кои потоа тој ги вкомпонирува по своја желба. А бидејќи DFA собира околу себе многу квалитетни музичари, нему му е полесно да го добие тоа што му треба. Меѓу останатите, голема заслуга за одлично завршената работа има Николас Милишер од њујоршкото дуо Holy Ghost! кој е копродуцент на овој албум.

Албумот почнува многу бурно, речиси химнично и спектакуларно, со воведната A Place Called Space – со извонредни, моќни краут рок моменти, дури може да се почувствуваат овде некои влијанија на Kraftwerk. Па на тоа се надоврзува една пофанки тема Here I Am, додека третата песна Love Stops Here е едeн типичeн DFA продукт, како да е продуциран од водечката креативна сила на оваа издавачка куќа и на непрежалените LCD Soundsystem, Џејмс Марфи. Следните две песни  You Were A Runaway и Running Back To You се поопуштени, потивки, баладични теми на кои Ненси Вонг го најавува можеби своето влегување во соул водите. Втората половина од овој албум е она по што оваа група е препознатлива – изразито електро диско и хаус кои на моменти флертуваат со зашеќерената мејн стрим електронската музика, одлична за танцување и шмекање, совршена за Fashion TV. Меѓу нив и најфалената песна овде, A Simple Design, која како и Tonight, One Day и Happy House од минатиот албум на The Juan MacLean едноставно се лепат за уши, направени во манир на врвни мајстори на звукот, кои суверено владеат со секој детал од звучната целина.

Последната песна The Sun Will Never Set On Our Love е најопуштената песна на овој албум, како да е направена во еден здив, без одвишок ефекти на звучните инженери, прилично фристајл тема, некако џезерски изреализирана. Ако ја потенцираме доминантната тема на песните од овој албум – а тоа секако е љубовта, тогаш оваа песна слободно може да се опише како еден вид на Болеро на современата електронска музика.

Ова е албум кој може да се слуша повторно и повторно, од почеток до крај, затоа што некако сите песни влегуваат веднаш во уво. Често убавината на слушањето вакви easy listening албуми е што по неколку слушања откривате нов фаворит, па потоа го заборавате за сметка на нов, но кај овој албум фаворитите остануваат да траат.