Editors

In Dream

Сон како песна и песна како сон

E_I.D.

Петтиот албум на британскиот инди рок бенд Editors, насловен како In Dream, донесува многу нови моменти, искуства непознати за бендот, но и искрена музичка креација која возбудува на секое слушање. Tекстот што следува нема да биде пофално слово за бендот или пак обид за пронаоѓање на нешто што го нема, туку само едно интимно слушање на музиката на овој бенд, со презентирање на добрите и лошите страни на овој албум, од позиција на строг родител. Обично така се сака најдобро. Кога ќе ги откриеш и добрите и лошите страни на она (оној) што го сакаш.

 

     In Dream е петтиот по ред албум на оваа британска петорка (Tom Smith, Russell Leetch, Edward Lay, Justin Lockey, Elliot Williams), продуциран од момците од бендот, воден одлично маркетиншки и визуелно креиран од познатиот холандски фотограф од иранско потекло, Rahi Rezvani. Дека не е се така како што обично го диктира музичката индустрија покажа исклучителната кампања за овој албум. Од првите навестувања на последните настапи на бендот, преку кратките видеа поставени на твитер од Tom Smith (пејач, гитарист, пијанист, мултиталентиран уметник, чиј гласовен распон пред некое време беше прогласен за најмоќен во Британија), потоа со фотографиите на Рахи Резвани објавувани прво на инстаграм, потоа на другите социјални мрежи, преку гостувањата на радио станиците, па настапите спонзорирани од музичките производители, па на крај со спотовите и вадењето на еден по еден сингловите и живите настапи во водечките радио и тв емисии низ Европа. Одлуката визуелниот сегмент за овој албум да му се додели на еден уметник е меч со две острици. Од една страна, мрачната визија на Rahi Rezvani, ја зачинува темната страна на Editors, стилски унифицирано и некако суптилно вкомпонирано во музиката од албумот е добра одлука. Но, од друга страна пак, едната визуелна линија може да ја осиромаши визијата за албумот. Сепак, Editors покажаа дека сериозно ја сфатиле работата, да создадат албум, по многу нешта уникатен и само свој. Од музички аспект тука се надополнува идејата да го продуцираат сами албумот. За разлика од претходните што ги работеа со етаблирани продуценти, овој го снимаат и продуцираат сами, водени од идејата наметната од некои од претходните албуми, да проверат како компјутерите и електрониката може да звучат живо. Истражувањето во уметноста е секогаш доказ дека станува збор за уметници кои сакаат да се надградуваат и да се пресоздаваат, да ја проверуваат својата уметност и да ја направат уште подобро. Овие петорица тоа го прават на мошне интересен начин. Иако на албумот сите песни звучат како на едно место да сте собрале неколку бендови што ја трасираа историјата на современата музика, во живо и тоа како го објаснуваат обратното. Дека секој инструмент може да звучи како машината и дека машината може да звучи како инструмент. Затоа и кампањата за албумот вклучи неколку акустични верзии на водечките синглови, како и верзијата на Life is a fear за Last.fm. Меѓутоа, тоа може да биде и негативно, ако се гледа и слуша само албумот. Ако не се знае сето ова претходно, ако не се следи бендот со нивната активност, тогаш ќе се има впечаток дека станува збор за комплетно нов лик на бендот.

      Албумот го отвора No Harm првиот сингл што момците од бендот го објавија пред неколку месеци. Спотот, како и сите видеа за албумот е дело на Rahi Rezvani. Моќна поезија, доминантна ритам линија и вонредниот вокал на Tom Smith се токму она што ќе ја привлече публиката. Истовремено и мрачни и тажни и полни енергија, со цел дијапазон на емоции во едно, со потребата да се проговори за она што се одмолчува, да се отсвири на начин на кој дотогаш не е направено, а сепак да има изглед на современ музички албум е победничкиот пакет на Editors. Дека не е се така едноставно, покажува втората песна од албумот Ocean of Night, која како да излегува од линијата што ја почнува No Harm, за малку да вдахне доза на оптимизам и полирични тонови.  Дека сепак станува збор за Editors, оној бенд што знае да полни сали и продава многу карти за концерти, докажуваат Forgiveness и Salvation. Оваа втората покажува колку поезијата на бендот е освестена општествено и колку не зборува само за љубов и секојдневие, туку има своја длабочина и свој став што искрено го говори. Хармонични, полни со енергија, внимателно одбрани стихови и моќна изведба. Тоа е можеби комплетната слика за албумот. Потоа следува Life is a fear, песна што на прво слушање дава впечаток дека има од се помалку, од Depeche Mode до David Bowie, помалку од Bono, па неколку елементи што наликуваат електрониката од осумдесеттите… Меѓутоа, овој звук само покажува како од денешен аспект може да се искоментира музиката од минатото и да се докаже дека истата може да се искористи и да се направи своја, а да не станува збор само за цитат. Тоа е еден вид на омаж на музиката што им претходи, свесно поставена. Дека оваа песна може да ја замени Papillion по начин на изведба во живо, докажа и видеото што го пуштија, специјално снимено за Last.Fm. Lightship95 Series

      Една од најубавите песни на албумот е дуетот со Rachel Goswell од Slowdive, првиот дует што е снимен воопшто на бендот, The Law, емотивна, лирска, интимна, а истовремено моќно реална како песна на живот. Сите овие песни на Editors се впечатливи на прво слушање, токму поради нивното играње со темите. Од старт може да личат на типични инди рок љубовни песни, а потоа да сфатите дека бендот ве навлекол во нивната загатка, во нивниот лавиринт и како што откривате дел од стиховите, или шетате низ нотите, кои можеби звучат пресинтетички, сепак ќе сфатите дека овие луѓе сериозно ја истражувале својата музика и сериозно под знак прашање ги ставиле сите свои предизвици, теми, ситуации. Можеби затоа што јас ја сакам уметноста како игра и сметам дека врвните уметници се најголемите поставувачи на загатки, сметам дека овој албум кој се разликува од претходните ќе направи исчекор во кариерата на бендот. Дека некој сериозно размислувал да раскаже приказна со целиот албум, да го постави „во сон“, да делува исто толку хаотично како сонот, а притоа да има некој свој ред, покажува и редоследот на песните. После емотивната The Law, следува Our Love, песна што прво ја пуштија како ремикс, а дури отпосле ја слушаме како оригинално звучи на албумот. Игрива, лесна, а во позадина крие мрачен текст, кој предупредува. Следната All the Kings пред да излезе албумот, ја слушнав како дел од акустичните изведби од предалбумската кампања и веднаш ме привлече текстот на Том Смит, кој исто толку моќно колку што пее, знае да си игра со зборови и ноти. И она што албумски звучи прецизно и точно, исто така звучи и акустично. Приказната почната од почетокот, една мрачна, готска верзија исвирена во електро манири, а притоа со рок основа, завршува со две мошне ангажирани песни. Освестувањето на сопственото место во општеството, сопственото место во животот, како и сопственото место во светот околу нас, го носат прво At all Cost, а потоа и третиот сингл што го пуштија Marching Orders. Вака поставени редоследно, со две три реченици за секоја песна, можеби и не се дава вистинската слика за албумов, но може само да биде препорака за негово слушање. Editors се еден од ретките бендови денес, кои можеби звучат како нешто што сте го слушнале, ама сепак е многу повеќе од тоа.

     Можеби маана на албумов истовремено е и неговата предност, тоа што слушнавме како некои песни звучат акустично, со повеќе инструменти, а како звучат албумски. Затоа со нетрпение ги чекам нивните концерти за да може да се провери како тоа ќе звучи во живо.