Lust For Youth

International

Во последниве неколку години една од поинтересните музички сцени секако е таканаречената New Way of Danish Fuck You, која се движи околу одличната Posh isolation етикета, а чии најистакнати артисти се Sexdrome, Iceage, Lower, Puce Mary, Vår и секако Lust For Youth.
Слично како и естетиката на таа сцена делумно инспириранa од хомоеротицизмот на фудбалскиот кежуал од 80тите, движење кое истовремено ја слави високата мода, сончевата и полна со забава и екстази Ибица и од друга страна сивилото на пост-воена Британија и екстремното спортско улично насилство, така и звукот на најновото издание на Lust For Youth успешно ги соединува двете екстреми. Фин пријатен поп и итало диско, исполнет со фантазирање за некои безгрижни сончеви места од една, и урбаното сивило и оштетеност на раниот индастриал и пост панк од друга страна.
За разлика од претходните нивни изданија кои што беа концентрирани на ладниот, бучен, lo fi синт звук, International звучи пополн и софистициран. Албумот започнува со Epoetin Alfa, именувана по дрогата која најчесто ја користат велосипедистите за да ги подобрат своите резултати и при тоа ги изневеруваат своите фанови и со тоа прават паралела со секојдневното изневерување со кое се соочуваме, одлично дополнета со гостинската гитара и клавијатура отсвирени од Elias Bender Rønnenfelt (Iceage, Vår, Marching Church, Pagan Youth). Преку енергичните синт химни Illume и New Boys посветени на растењето , нарацијата на Италијански на Daniela Luciani на Lungomare и прекрасните тмурни вокали на Soho Rezanejad на Armida, сонливата, скоро Twin Peaks-овска After Touch, па до завршните подиумски Running и International, ова е одличен подеднакво тензичен и прекрасен поп албум.

lust-for-youth

Некои верзии на ова издание се дополнети со осум ремикси од артисти како Sean Ragon (Cult Of Youth, Future Blondes, Believer/Law…), Ben Chisholm (Chelsea Wolfe, Revelator…), Silent Servant, Total Control, Helm, Sand Circles, Marshstepper и Thulebasen, кои што на доста разнолик начин го покажуваат својот поглед на музиката на Lust For Youth и при тоа одлично се вклопуваат со дуалноста на звукот на International.
Sacred Bones со подржувањето на страста за младоста, уште еднаш докажа дека е една од најквалитетните независни етикети во моментов.
International на некој свеж начин нуди романтично чувството на носталгија за сите убави “вчера”, надеж за подобри “утре”, но и прифаќање на грешките на можеби не толку доброто “денес”.