За индивидуалноста и достоинството

Интервју со Алисон Клејман

Фото: Андреа Чу, Моник Волшлагер, Тед Алкорн

 

Документарецот насловен „Аи ВеиВеи: Не жалам“, на американската независна новинарка и режисерка, Алисон Клејмен, е еден од најголемите фестивалски хитови од овој жанр. Тоа е приказна за животот и работата на еден од најпознатите светски уметници, кинезот Аи ВеиВеи – најжестокиот критичар на кинеското општество.

A_K

 

Клејман има продуцирано неколку радио и телевизиски емисии за неколку светски медиуми, но најпозната стана по режирањето на документарецот за кинескиот уметник Аи ВеиВеи, насловен „Не жалам“, со кој освои специјална награда на „Санденс“ филмскиот фестивал во 2012 година. Во средиштето на неговото спротивставување се многу социјални и политички проблеми, како загинувањето на неколку илјади луѓе во земјотресот во покраината Сечуан, во 2008 година. Името на филмот се однесува и на една инсталација на овој уметник насловена „Жалам“, која цинично алудира на апсурдните извинувања на кинеската влада по земјотресот, и го изразува неговиот став дека безрезервно и непоколебливо ќе се бори за демократијата, човечкото достоинство и слобода. Филмот е создаден во секојдневен контакт со ВеиВеи и учество во создавањето на неговите дела, како и неговиот живот. Алисон во тој период престојуваше во неговиот дом и со задоволство го раскажа нејзиното патешествие: создавањето на филмот за најпровокативниот уметник на денешницата, Аи Веи Веи, и нивното пријателство.

 

Раскажете ни повеќе за идејата да направите филм за Аи ВеиВеи и како започна сето тоа?
Во тој период живеев во Пекинг, скоро две години, кога мојата цимерка Стефани Тунг, која работеше во една галерија ме одведе на изложба на Веи Веи, на која беа изложени неговите фотографии од Њујорк. Тие фотографии понудија интересен поглед на крос-културните релации во Њујорк, кои ме фасцинираа. Во тоа време бев невработена и Стефани ми предложи да направам видео за таа изложба. На фотографот и сопственик на изложбениот салон Ронг Ронг, му се допадна она што го направив и ме однесе кај ВеиВеи дома, за да го снимам процесот на изработка на неговите инсталации. Тоа беше толку природно и спонтано. Не се појавив пред неговата врата и не му кажав: „Здраво, јас сум фасцинирана од тебе, и сакам да те снимам“. Го завршивме видеото и нему тоа му се допадна. Мислам дека го покажува кој е тој навистина – исклучително харизматичен, мил и пријатен, забавен, и не се фаќа себеси премногу сериозно. Оттогаш проектите се раѓаа сами од себе, а јас продолжував да снимам. Тоа е убавината на Пекинг – отворен е и многу лесно можете да „паднете“ во неочекувани уметнички проекти.

Како го доживеавте Аи Веи Веи, како активист или уметник?
Тоа беше едно од главните прашања за мене кога започнав со снимањето на филмот. Она што го сфатив за него, додека го гледав како дава стотина интервјуа, е дека никогаш не се служи со уметничката капа. Мислам дека е активист, политички коментатор, организер. Тој е јавната интелектуалност. Тој е сите овие нешта и е инволвиран во многу нешта што го допираат животот на сите луѓе, особено на модерна Кина. Иако, тој ќе ви каже дека по професија е уметник. Аи Веи Веи се бори за да се искоренат социјалните болести и се бори за доброто на луѓето во Кина. Тој ја сака Кина. Се грижи за индивидуалноста и за индивидуата, за достоинството на индивидуалниот живот, индивидуалните мисли и експресии. Сегашната влада на Кина настојува да ги тргне индивидуалните права. Аи ВеиВеи не сака да зборува за прогресот на Кина, ако тоа не ги вклучува овие индивиндуални права.

Кога сфативте и зошто дека ова е приказна што вреди да се документира?
Тоа беше силата на неговата личност. Тој кажуваше нешта што ме изненадуваа. Добив толку многу материјал во првите неколку недели од снимањето, кои не ги ни собираше во рамките на видеото предвидено за во галеријата. Зборувавме за цензурата и за неговиот нов блог, што требаше да биде еден вид земјотресна кампања. Драматични нешта се случуваа со него, и затоа заминав да ја видам неговата изложба во Минхен, што беше голем настан во неговата кариера. Токму таму во Германја, има најголема свесност за него. Тогаш сфатив колку е голем и колку е почитуван. Има невидена харизма, кога сте со него во собата, тој е ненаметлив, но знаете дека е главен.

Дали тоа што ја согледавте неговата големина го промени во начинот на кој му пристапувавте на филмот?
Секако! Но, зад себе имам новинарско искуство и отсекогаш знаев дека новинарството значи одговорност, да се пронајдат што е можно повеќе информации за вистината. Но, овојпат се работеше за живот или смрт. Има некои сцени, за кои уште додека ги снимав, знаев дека ќе останат вечно запаметени, како што е таа кога доаѓа неговата мајка и зборува за него. Не сакав филмот да биде приказна само за реализација на едно одредено дело, туку сакав да ги „фатам“ тие години од неговиот живот, и дури подоцна сфатив колку всушност тие беа важни.

 

Го гледав и го слушав Аи ВеиВеи како зборува за тоа цели две години. Она што тој го прави е слободен говор, слободен израз, желба да се зборува вистината и да се изнесат одредени информации. Оваа технологија нуди можност да се биде секогаш чекор пред неа, за да се избегне цензурата. Сé додека постои волја за тоа. Овој филм всушност е за тоа. За индивиндуалната храброст. Тоа е првиот чекор, слободата на изразување започнува со допаѓање на слободата за израз во нашиот ум. Бидејќи сме цензурирани, ако се цензурирате самите себе и ако не се ни обидете да проговорите зошто сте загрижени дека нешто ќе ви се случи, тогаш тоа не води до слобода. На сите ни треба тој прв чекор, и тоа е она што сите го гледаме во Аи ВеиВеи

 

Ai_Weiwei

Социјалните мрежи играа голема улога во филмот, Аи ВеиВеи најмногу ја користи Твитер мрежата. Како размислувате за социјалните мрежи, имајќи го овој аспект на ум?
Беа и сé круцијални. Основачот на Твитер, Џек Дорси е поддржувач на идеите и ставовите на Аи ВеиВеи, а добивме и многу пораки од вработени таму, кои велеа дека Аи ВеиВеи им е инспирација. Имавме средби во Њујорк и Сан Франциско, и гледам дека слободата на изразување полека се преместува од официјалните медиуми на социјалните. Тоа е повеќе порака, отколку промовирање филм. На некој начин, филмот е соработка меѓу историјата на социјалните мрежи. Кога еднаш го прашав ВеиВеи кој момент од животот за него бил пресвртница, тој ми одговори: „Интернетот и неговата појава“. За сите нас тоа е исклучително важна алатка, но, за него е длабок развој.

Како лично го доживеавте сето тоа што се случуваше со Аи ВеиВеи додека снимавте?
За неговото исчезнување дознав од социјалните мрежи, еден час подоцна. Бев во Њујорк и веднаш го побарав на Скајп неговиот асистент. Тој испраќаше пораки од Твитер профилот на ВеиВеи, дека студиото му е уништено, а ВеиВеи е одведен некаде. Останав цела ноќ да следам што ќе се случува. Но, во понеделникот наутро неговот изчезнување веќе беше голема вест низ целиот свет, а јас бев исплашена, зашто тој веќе беше мој пријател. Земав една недела одмор од работата што ја имав, зашто чувствував потреба да ја завршам неговата приказна, и заминав за Пекинг. И таму работев на монтажата на филмот, процес што за мене беше многу тежок, бидејќи ги гледав снимките од среќните времиња, а ВеиВеи не беше тука. Никој не знаеше каде е. Се плашевме дека ќе биде обвинет под тешки обвиненија. Работев на филмот зошто сакав да го види целиот свет, и да ја стекне таа свесност за она што навистина се случува. Денот кога го ослободија беше најубавиот ден во мојот живот. Но, од друга страна беше чудно што тој исто се однесуваше, го имаше сé уште истиот телефонски број. И дека испраќал на одредени луѓе текстуални пораки.

Сите Ваши документарни филмови се занимаваат со особено чувствителна тематика и социјални проблеми. Зошто тие теми? Што е Вашата цел?
Мојата цел е да ги раскажувам човечките приказни. Сакам да бидам коректна, фер и со почит кон луѓето чии приказни ги раскажувам, и никогаш да не го заборавам тоа. За мене, водечкиот елемент е социјалната правда и одговорност, што ја имам пред сé како филмски работник, но, тоа не значи секогаш дека ќе имам во филмовите „активистичка порака“. Всушност, јас не се ни гледам себеси како активистички филмски работник, зошто сакам публиката да ги гледа моите филмови и да извлече поука сама од себе. Мојата работа секогаш ќе биде сензитивна и убава, полна љубов и хумор, зошто тоа се фундаменталните нешта на човековото постоење.

Дали сметате дека можеме со нашите дела да го промениме светот на подобро? Да донесеме повеќе слобода, да ја видиме реалната реалност?
Да! Тоа е запишано и во Талмудот… дека спасувањето на еден живот, значи спасување на светот. Мислам дека инспирирањето сочувство, креативност и давањето можност на луѓето да видат повеќе од светот, секогаш значи и негово менување.

Филмот за Аи ВеиВеи Ви донесе големо внимание од целиот свет, како и награди. Се чувствувате ли привилегирана што го запознавте и работевте со него, и што токму Вие ја „раскажавте“ неговата приказна? Како по сето тоа време поминато со него, би го опишале ВеиВеи како душа, и секако како уметник?
Тој е човечка големина. Тој е исклучително мудар и талентиран. Зборува за многу сериозни теми, иако себеси не се сфаќа сериозно. Тој хумор е голем дел од неговата личност, како и влијанието што го има, особено врз младите луѓе.

AWW_AK

Што научивте од него?
Храброста и креативноста. „Ако не дејствуваш, опасноста станува поголема“ – ми рече тој. Сакам да го чувствувам тоа, дека секогаш сум целосно зад она што го создавам и дека правам нешто што значи уметност и правда за светот. По деновите поминати со ВеиВеи, се чувствувам променета. Тоа што го познавам и што ја имав можноста да го снимам фимот, беа за мене пресвртни моменти.

Вие бевте таму и кога тој беше киднапиран и вратен дома по два ипол месеци. Дали знаете детали во однос на тоа каде бил и што му се случувало?
Има многу нешта за тоа што му се случувало тие 81 дена. Тој веќе создаде неколку дела за тоа искуство. По тие денови, ВеиВеи веќе не беше ист, беше променет, но успеа да ги надмине, со оглед на тоа колку застрашувачки изгледаше кога се врати дома.

Дали сé уште живеете во Јапонија?
Јас сум секогаш меѓу две места. Сега сум во Њујорк, се надевам дека наскоро повторно ќе се вратам во Јапонија и Кина, каде треба да работам на неколку проекти.

Дали сега снимате нешто?
Да. Наскоро ќе имам проекција на кусиот филм, за кубанско-американската уметничка Кармен Херера, што наскоро ќе полни 100 години. И филмот е насловен „100 години шоу„. Кармен е пионерка на апстрактното сликарство во раните 40-ти и 50-ти години, но не била препознаена од светот сé до 1989 година. Таа е една од најстарите живи уметнички во светот, ме инспирираше нејзината посветеност и скромност. Особено сум возбудена што ќе ја раскажам нејзината приказна, премиерата на филмот ќе се случи токму на нејзиниот роденден. Тоа ќе значи добивање на вниманието кое таа го заслужува.

Освен филмот, во кои други нешта уживате? Што Ве прави среќна?
Сакам да играм кошарка и да свирам пијано. Музиката и раскажувањето приказни за мене се особено важни нешта кои ме тераат да создавам. Сакам да слушам радио подкасти, да читам и да гледам филмови и театарски претстави. И секако, да патувам.

За Вашата љубов кон новинарството и филмот?
По завршувањето на „Браун“ Универзитетот во 2006 година, сакав да патувам и да доживеам авантури, да научам нови јазици, и затоа сакав да работам како новинар и режисер на документарни филмови. Така завршив во Кина, каде неочекувано останав четири години. Сé до 2008 година, кога го запознав Аи ВеиВеи. Првите две недели соработка со него беа доволни за да ме убедат дека тој е харизматичен и фасцинантен карактер и затоа сакав да „копам“ сé подлабоко во приказната. Сакав да дознаам повеќе за ВеиВеи, кој е тој навистина, што ја мотивира неговата уметност и активизам и што ќе се случува со него понатаму.