100% работа, 100% талент и 100% среќа

Интервју со Бојан Слачала | Artan Lili, Stuttgart Online

На работниот состанок на Здраво Млади и Критика.мк пред некое време било решено дека токму јас треба да го направам интервјуто со фронтменот на Artan Lili, еден од малкуте висиококвалитетни бендови – претставници на некогаш супериорната српска рокенрол сцена. Бендот кој ќе го видиме на 7-ми јуни во МКЦ бележи успеси во последните две години,  колку што и постои, а целиов регион ги пречека со одлични реакции. Бојан Слачала е турбината зад Артан Лили и на нашата публика добропознатите – Stuttgart Online. Текстот подолу е повеќе неформален разговор отколку интервју, кој со Бојан го истеравме во еден час на Скајп. Шаравме по теми, го поминавме спонтано, а така и ви го пренесуваме, од почеток до крај, без интервенции, одземање или додавање.

BSA2

Добар ден Слачала, како сме?
Еве без струја у пичку матер. Немам дома струја, па се симнав во кафиќов од карши. Ми текна дека имаат нет, па таман со cонце, со кафе.

Каде живееш всушност?
“Молерова”, над “Славија”, еве види таму поминуваат тролејбусите.

Како на “Скупљачи перја” кога велат “ал Београд леп, очи да изгубиш”…
Врв!

Ни доаѓаш во Скопје наскоро. Имаш посебна врска со Македонија, самото име на бендот. Како се случи да се поврзат и Артане, и лилјани и албански имиња и презимиња и Куманово?
Аха, интервјуто веќе започна….

…дај да си поприкажеме.
Имавме турнеја пред некои 5-6 години низ Македонија. Знам зошто Штудгарт Онлајн догодина ќе полни 10 години. Имавме 7 концерти низ Македонија. Мислам дека Куманово беше баш последниот концерт. Враќајќи се од Куманово, на ѕидот на железничката станица всушност го видовме тој назив “Артан Лили”. Помисливме дека се работи за некоја девојка Лили која е на Artane (хеви шит лек што се користи во третман на Паркинс, заб. на Адо). А Артане се знае што е, убиец на разумот, не? Ако се злоупотребува како Тродони или Акинетони, знаеш, како тинејџ забава во време на војна и сиромаштија.

Лудило за сиромашни?
Да, токму така, лудило за сиромашните. Тогаш помисливме дека тоа е “симпатичен” прекар за некоја девојка Лили која што е на Артане. Звучи одлично кога ќе го прочиташ. За после 5-6 години да дојдеме во Скопје да свириме, и другар на Грга ми вели, “Брату, тоа е всушност албанско машко име и презиме.” Значи некој само се потпишал. Чекај малку, некое куче помина. Ќе ти го откажев интервјуво за малку. Не можев да најдам безжичен интернет, па сега морам на улица. Гледаш каква е тоа сила кога вољата е јака? И ете така го добивме името на бендот, добро звучи и лесно се помни. Чув дека, по некое толкување на зборовите, Артан значи некој кој пренесува добри нешта и шири добри вибрации во Универзумот. Тоа е фантастично.
Извини малку, келнерот заборави да ми донесе шеќер. Пред некое време во студиото Digimedia доаѓа Цане Партибрејкерс а јас барам шеќер да си направам кафе. Ме гледа и ми вели: “Ааа, сакаш слатко кафе”? Му велам – “Тоа е Цане, јебига, кафе без шеќер како жена без љубов”. А Цане, ни две ни три, одговара: “Е сад кад си то реко, моје си поштовање стеко”.

Ги знаеш Т.Б. Трачери од Куманово?
Не. Ама одлично име имаат.

Според мене најдобриот македонски рок бенд. Кога ќе дојдеш, ќе ти спремам еден пакет од нивна музика. Еднаш разговарав со пејачот и го прашав дали турбофолкот ја заеба рокенрол сцената во Србија? Ми одоговри дека хероинот, а не турбо фолкот ја уништија српската сцена. Можам да забележам дека Артан Лили звучи југословенски на некој начин. Се препознава влијанието на Дисциплина Кичме, има вкус на Обојени Програм, се слушаат и Партибрејкерси. Како тоа го доживуваш, ѝ даваш кредит на таа сцена? Како ги гледаш Артан Лили од позиција на рокенролот од ’80-ти и ’90-ти? Ако си публика, како би гледал на Артан Лили?
Како продолжение на некоја приказна од минатиот број. Тоа беше во претходниот број, ова е денес и тука. Знам што сакаш да кажеш. Нашиот звук е комбинација на белградската и новосадската рокерол школа. Најдоброто што сме го научиле од нив, што сме го присвоиле и што понатаму го надградуваме. Тука нешто се случи, беше многу успешно, многу добро и посебно на свој начин. Специфично на свој начин, квалитетно на свој начин, проверено и потврдено. Така? Сите знаат за тие феномени на белградската и новосадската рокенрол школа што се случи во ’80-те, па успеа во ’90-те, па сé се распадна. Мораш прво нешто да “попушиш”, со нешто да се наложиш, да слушаш, да имаш свои идоли, да ги нема тие реакции не би имало ни рокенрол. Потоа, ако имаш некои афинитети, почнуваш со работа. Не можеш да измислуваш топла вода. Мене најлогично и најреално ми е да има продолжение на таа приказна. Ќе речат, што копирате? Не копира никој ништо. Да не “попушиш” некое влијание нема ни да се бавиш со тоа. Нема сега ти да го откриеш рокенролот. Како сликарството на почетокот од претходниот век, си имал импресионисти, па неоимпресионисти, па постимпресионисти, па експресионисти, па фовисти, па кубисти… ма илјадници. Сите тие оделе еден преку друг. Како да земеш да сликаш, земаш бои, првин црташ реалистички па го откриваш кубизмот кој е откриен пред 100 години. Тоа е лудост, ти мораш да продолжиш да работиш понатаму, основајќи се на тековите на човештвото, она што е веќе направено. Тоа е логичниот пат на хомосапиенсот. Правиш еден чекор, ако можеш. Па уште еден, па уште еден, додека не стигнеме до мајмунот.

Посебно ми е драга една реплика од претставата “Балкански Шпиун” на Душан Ковачевиќ. Тоа е советот кој таткото на смртна постела му го дава на синот. Младиот сака да биде поет, а стариот на умирачка му вели “Немој сине, најдобрите песни се веќе напишани”. Како се снаоѓаш во свет во кој најдобрата содржина е веќе создадена? Лично сметам дека нема некоја добра прогноза за во иднината.
Точно знам на што мислиш. Пред некој ден дискутиравме на таа тема. Сметам дека концептот на оригиналноста е надмината работа. Тоа значи дека било кој што се труди по секоја цена да направи нешто “оригинално”, односно нешто што досега никој не го чул ниту видел, по мене, ја губи битката од самиот почеток, бидејќи тој концепт е надминат. Ајде сега ти земи бои, нацртај некоја слика што ќе биде комплетно различна од сé што си видел досега, па некој да може да каже дека си ти оригинален. Тоа нема да се случи. Дури, гарантирам – на светов има  барем 100 бендови кои можеби имаат исти песни како и нашите или црта исти слики како ние. Единствено реакцијата на современото опкружување во кое што живееш и проблемите со кои си опкружен те прави оригинален. И ништо друго. Значи, нема да пронајдеш звук кој што Брајан Ино веќе не го пронашол. Но никој нема да те оддели од содржината и современите проблеми со кои си опкружен. Тие те прават оригинален, не продуцентот, не звукот, не таа гитара, ништо друго. Единствено таа критика на твоето современо опкружување и реакцијата на проблемите со кои што живееш.

Што си по вокација? Сликар?
Сакам мултимедија. Мултидисциплина. Сакам и музичко и ликовно. Така се квалификувам кога некој ќе ме праша со што се занимавам – со музичко и со ликовно. Тоа се работи кои се идентични. Тоа се исти термини. Боја, ритам и хармонија, така се викаше и мојата последна ретроспективна изложба. Таму ја претставив мојата работа од последниве 15 години. Концепирана е да има разни медиуми. Бојата ритамот и хармонијата се термини кои припаѓаат и во ликовната и во музичката уметност. Таков ми е сензибилитетот, мене ми одговараат и музиката и ликовноста. Некаде се испреплетува и многу добро доаѓа кога сакаш во видео да ја претставиш работата на својата група.

1

2

20

24

41

43Од фото приказната SUICIDE BRIDGE INSPECTORS

 

Кога конзумираш уметност, на што повеќе веруваш, на очите или на ушите?
Мора и едното и другото.

Што мислиш дека е поефикасно?
Не постои понепосреден медиум од сликата. Сликата зборува како илјада зборови. Кога ја гледаш, онака, бум! Не ја гледаш 100 години, веднаш ти е јасно. Музиката трае, сликата ја има таа непосредност.

Сметаш ли дека секој скот на светот има право да се бави со уметност?
Тоа е како во основно училиште. Секој има право на ликовно, да извади бои,  на музичко да брои тактови, но колку е успешен во тоа, тоа не знам.

Во ова време на мегапродукција, треба ли да постои некој филтер? Сметам дека не може секој што има лаптоп да сними нешто и да каже – еве јас сум музичар, уметник. Тоа е благородна работа. Треба ли да постои стандард?
Е сега ме погоди. Обично пиздам на таа тема. Мојот татко, ликовен уметник, велеше, дека според него, пред да дојдат на приемен испит на Ликовна Академија, на кандидатите треба да им се даде една голема шајка, греда и чекан – па ајде, сине, заковај, да видиме дали го имаш во рацете. Батали цртањето сега, дај да видиме дали го поседуваш “тоа” и имаш смисла за тие работи.
Денес сме претрупани со сензации. Денес некој, благо кажано, ќе се исере и тоа е популарно или интересно или е некој смешен клип. Е, така и во музиката. Ама тоа се привремени феномени, луѓе кои што не се бават доследно со создавање. Мислам дека секој вистински уметник сака да создаде нешто и тоа да остане за човештвото. Тоа е единствениот вистински уметнички нагон и најголемата доблест во уметноста и творештвото. А што се однесува на достапноста, никогаш не било полесно да купиш електрична гитара. Ене таму, за 50 евра добиваш гитара и пластично појачало. Ама тоа не е доволно.
Имам одличен пример за прашањево. Покојниот трубач на Дисциплина Кичме – Зеркман, на почетокот на 90-тите отиде во Холандија, малку Англија, па Холандија. Во едно интервју зборуваше како во некоја социјална установа во Холандија, или банка, не знам што беше, средувал некаква документација… и службеникот на шалтер го прашал со што се занимава. Одговорил дека е уметник, музичар, творец, а службеников вели – и јас сум музичар, ама после 18 часот. Зеркман му рекол – е па не си пријателе.
Има еден куп луѓе кои имаат свои професии, па потоа се музичари. Е сега, од лично искуство ти тврдам дека тоа така не може. Едноставно мора да се посветиш до крај. И во двете мои групи никој не работи ништо друго. Само тоа го работиме по 8 до десет часа дневно. Но, како што тоа го кажа Иван Мештровиќ – Единствен начин да бидеш уметник е да работиш. 100 проценти работа, 100 проценти среќа и 100 проценти талент. Не функционира она 2 проценти талент, 98 проценти работа. Не, не… 100 проценти работа, 100 проценти среќа и 100 проценти талент.

BS

Еден македонски хирург, на коментар дека му се воодушевуваат што сé издржува и колку му е тешка работата, овој, што саркастично, што искрено, одговорил: медицината е лесна како математика, уметноста е тешка. Оди биди уметник да те видам.
Замисли во оваа какофонија, сите да се нафураат да бидат доктори како што се фураат дека се уметници? Се појавуваш и велиш – еве, доктор сум, купив прирачник за 50 евра, прелистав… земал штрафцигер и вилушка и тргнал да оперира по улица. Замисли? Не е сé за секогого. Луѓето често ме прашуваат за Бигз. А реалноста е дека 98 проценти од тоа таму е срање а 2 проценти е добро. И тоа ако е така, тоа е супер. Но, одлична е средината и впечатокот дека нешто битно се прави. Секако, не е сé со еднаков квалитет. Ќе пуштиме времето да суди.

Околу Дисциплина Кичме. Ми јавија дека Штудгарт Онлајн подготвува песна посветена на Која. Кажи ми нешто околу тоа.
Се работи за сингл во најава. Во моментов траат преговорите со Зелени зуб за тоа што и како ќе правиме. Единствено можам да ти кажам дека на песната се работи. Интересно за новите синглови на Штудгарт Онлајн е да се спомне дека следниот петок снимаме нов сингл, се вика  “Хладне воде”, пее Цане од Партибрејкерс, Борис Младеновиќ од бендот Јарболи свири гитара, а нашиот другар Никша свири на саксофон.

Од Скопје на пример, па и низ регионов претпоставувам, низ годиниве заминаа многу млади, квалитетни и образовани луѓе кои беа публика на алтернативната сцена. Како таа миграција влијаеше на квалитетот на сцената?
Погубно. Тоа е трагедијата на оние времиња кои останаа зад нас. Војната заврши. Еве да го земеме срањето кое неодамна се случи кај вас. Се надевам дека тоа е само спорадично на ниво на екцеси, некој политички хир за малку власт. Но, не верувам дека некој голем судир на Балканот е во најава. Може да се сведе нешто на десетина куршуми кои се заштедиле од порано, но нема инфраструктура за некој поголем судир. А тоа ме радува. Ме радува барем тоа што во претходниве судири се потрошија.
Секако дека општеството е деградирано, дека луѓето луѓето немаа трпение за сите тие срања и си отидоа. Нормално дека целата сцена, целото културно милје, сите осиромашија и изгубија. И тие што заминаа загубија. Сигурно им требаат десетина години да се адаптираат и нормално дека не им паѓа на памет да се вратат. Можеш да отидеш, но и понатаму сонуваш на нашки и до крајот на животот ќе останеш на некој начин хендикепиран. И секогаш тука е тој некој лош англиски и фразите кои што ги знаеш. Никогаш до крај и никогаш потполно. Сфаќаш дека дури твоите наследници кои што ќе се родат таму ќе бидат “born originals”, а ти на крајот и покрај тоа што си заминал, повторно си губитник. Значи сите сме губитници.

Ти си интересен генетски коктел. Имаш чешко потекло, а тука е и Босна и Херцеговина, тука е Србија, тука е Хрватска… Дали е тоа привилегија, благослов или проклетство?
Имам дефиниција за сето тоа, немој воопшто да се грижиш. Многу просто и во една реченица: кога сте добри сите сте мои, кога не сте, никој не е мој. Создадов и одбрана од тие работи. Се издигнуваш 10 километри нагоре и од горе гледаш, без никој од нив да те слушне. Постојано гледаш што прават луѓето и кога сте добри сите сте мои, кога не сте, никој не е мој… и тоа е тоа. Многу е просто, јас сум тој што сум.

Можно е тој микс да е поврзан со успехот на твоите бендови?
Не сум љубител на расните кучиња. Оние мешаните секогаш се поиздржливи. Улицата ги учи. На оние првите сé нешто им недостига. Те настинале, те не јадат, па не можат да јадат пилешки коски, а кај мешаните нема ништо, сé се поднесува.

И со Штудгарт Онлајн, а и со Артан Лили, што е можеби и подобар пример, за кратко време постигнуваш големи успеси, како да имаш рецепт за хитови. Како ти гледаш на тоа? Има некоја формула?
Само се потсетуваш на Ramones и што би направиле тие. Кога и да сакаш да комплицираш во животот, сети се на Рамонси. Сфаќаш како Рамонси работеле со радост и трепет во само три акорди. Среќата во музиката е во три акорди, а со самото тоа и хитот. Мораш да почувствуваш… и сега се враќаме на претходните прашања. Знае ли секој? Не, не знае, ниту може. Да се биде алтернативен бенд е многу лесно. Правиш песна која што никој не ја сфаќа и ти си веднаш алтернативен бенд. Значи, не си, ти си шуплив. Оној што тоа го нарекува алтернативен бенд не знае ништо за алтернативните бендови. Алтернативен бенд е оној кој што нуди поинаков поглед на реалноста, а не оној бенд што не знае да свири па е алтернативен. По таа логика секој може да има алтернативен бенд. По таа логика тебе некој те квалификува, а ти немаш врска. А ти правиш хит, го слуша цела поранешна Југославија, па и ти си алтернативен бенд. Мене ме боли уво, наречете го како сакате, но гледаш колку се погрешни тие класификации.

Имаш ли “алтер публика”? Оние на кои сакаш да им се обратиш, оние на кои замислуваш дека им се обраќаш.
Од 7 до 77. Познавам луѓе со по 70 години, а се помлади и полуди од 15-годишни. Сум видел толку многу профили и возрасти на нашите концерти, тоа е неверојатно. Има клинци, а на пример кај вас пред некоја година на концерт ни беше и македонскиот претседател. Значи од недоносени до претседатели. Инаку не знаев дека претседателот е присутен, инаку ќе го поздравев адекватно.

Кога пишуваш текстови, дали планираш публиката да се идентификува со текстот и дали по тој пат можеби го губиш основниот почетен мотив?
Ако размислуваш за тие работи, да имаш цел, да планираш некаков тип на публика… не оди. Не работам така. Се трудам да бидам што е можно поискрен. Колку сум поискрен во изразувањето, толку е подобра и идентификацијата. Треба да бидеш искрен, доследен и реален пред себе, па потоа пред сите други и дури тогаш е возможна идентификацијата. Без тоа нема ништо. Еве песната “Срце” на пример… со вистинските песни се идентификуваш лесно. Тоа луѓето го чувствуваат заради искреноста и доследноста. Измамници има секаде, ама тука не можеш да мамиш. Можеш да фалсификуваш пари, но човековото чувство не можеш да го исценираш. Не може лажно да пробудиш чувство. Затоа уметноста лекува, зошто ти ги пружа тие фини чувства.

Зошто пишуваш текстови од женска перспектива?
Едноставно бендот така започна. Напишав песна во која ќе пее моја другарка и секако дека требаше да биде од женска перспектива. Потоа сакав да видам дали можам тоа да го правам. Мораш да ја пронајдеш жената во себе за да напишеш таков текст. Тука се гледа кој знае, а кој не знае, кој колку се занимавал со таа тема, сé се гледа.

Мислиш дека маж може да го долови женскиот сензибилитет?
Да да… како што гледаш може, Артан Лили на тоа поле е многу успешен.

Не сакам да зборуваме за политика ама ова сакам да го изнесам, да слушнам што мислиш. Зборував со Дарко Рундек во една прилика. Го прашав дали неговата генерација, т.е. сцената од која беше дел, пред да почнат балканските лудила, направија доволно за сето тоа да се спречи? Дали можеби требаше да направат повеќе, да повикаат на разум, да речат – ало луѓе што ви е, да оладиме, ќе биде катастрофа. На крајот на краиштата, имаа милиони и милиони следбеници кои слепо им веруваа.
Користиш ли Фејсбук? Знаеш кога ќе тргне некоја расправија таму? Ќе загреат двајца-тројца со коментари и обично има некој што сака да смири со некоја разумна реченица. Нема шанси, само го прегазуваат. По тој мал принцип, функционира и толпата. Буковски вели дека интересот на толпата е интерес на стадото. И веднаш сé се распалува. Рокенролот никогаш не променил ништо. Тоа е исто како да ги прашаш Хендрикс, Дилан, Ленон и Џегер, дали можеа да ја сопрат војната во Виетнам. Тие беа поголеми музичари па имаа и поголема војна. Им успеа? Не им успеа. Рокенролот не може ништо да промени, но може да го исполни животот со убави нешта и да влијае на нечиј став од нешто лошо кон добро. И тргнуваш од еден човек, па колку повеќе луѓе допреш, толку си поуспешен, ама дека ќе ги промениш работите или дека ќе кренеш револуција… слабо веројатно.
Сметам дека нашиве беа немоќни, имаа еден антивоен проект, имаа цел, но освен тој мал импулс, за жал, немаше ништо друго. Можеби беа свесни дека ништо нема да променат но чисто да не испадне дека немало обид. Ги сфаќам импулсите и залудноста на некои потези, но не може сé да биде квалитетно и успешно. Би сакал да беа способни и тоа да го направеа, но да беа ќе го направеа. За жал, тие другите беа многу поспособни.

Тоа е тоа Слачала. Си поприкажавме. Ти благодарам на времето. Имај убав ден па се гледаме во Скопје.
Фала пријателе… до следната недела, поздрав.