Сакаме да правиме што е можно повеќе музика

Интервју со Chris Slorach, METZ

METZ се наши луѓе и тоа ни беше јасно уште од моментот кога до нас пристигна првата вест за постоењето на бендот. Деби албумот сѐ уште не беше објавен, но воведните 30 секунди од песната“Wasted” за  youtube teaser-от, беа сосема доволни за да сфатиме дека момците не се шегуваат. Во само 30 секунди беше набиено најдоброто од независниот американски рок – и Nirvana, и Black Flagi и Jesus Lizard. За наша среќа, басистот Крис експресно одговори на нашиот мејл, нѐ поврза со европскиот агент и датумот за концертот во Загреб беше договорен. Во меѓувреме излезе и албумот, а фуриозниот концерт отсвирен во клубот Жедно уво во галеријата Кловиќеви двори, саботата на 23.02.2013 година, докажа дека METZ не се само некој имитирачки бенд – земале многу од минатото, но исто толку многу оставија и за иднината.
Во меѓувреме на METZ им падна секирата во мед. Имаа малку среќа и во следните две години отсвиреа околу стотина концерти низ светот и добија можност да живеат живот каков што не ни замислувале. Како што напиша Крис: „Отидовме до Dischord Records, да се видиме со Brian Lowit, а таму се случи да се дружиме со Ian MacKaye на славната тераса на Minor Threat record. Пресреќен бев од животот и од нештата што ми се случуваат.“

Неодамна се појави и новиот албум, едноставно насловен “II”, а македонската публика има голема среќа што овие момци ќе ги гледа во живо на фестивалот Здраво Млади. Крис штедеше на одговорите, но потполно го разбирам – имаат американска турнеја и немаат многу време за долги одговори. Меѓу другото, сѐ што треба да знаете за METZ, тие ќе ви објаснат пред МКЦ. Бидете таму!

За почеток, ме интересираше како изгледаше неговото влегување во светот на музиката. Кога се случил оној момент кога сфаќаш дека нема назад и дека сакаш да свириш во бенд. Крис вели: „За музиката што ја сакав и што сè уште ја сакам, дознавав од моите постари сестри. И така почнав да слушам бендови што сам ги откривав. Сфатив дека би можел да свирам и дека сакам да правам своја музика кога го слушнав албумот “Love Tara” на Eric’s Trip. Снимањето музика дома ми даде самодоверба да почнам да правам сопствени домашни изданија.“ На прашањето за останатите бендови што влијаеле на него, Крис кратко одговара: „Ќе спомнам пар бендови што ми значеле и што сѐ уште ми значат: Fugazi, Black Flag, Suuns и Hüsker Dü.“

METZ Band PhotoПлочата што Крис ја наведува како пресврт – “Love Tara” на бендот Eric’s Trip, објавена 1993 година кај култниот издавач Sub Pop Records. Дваесет години подоцна, на Sub Pop каталогот се најде и деби албумот на METZ. За соработката со Sub Pop-овци вели: „Сите бевме возбудени кога нè побараа Sub Pop за да издаваме за нив. Работат одлично на нашите изданија и задоволство е да се соработува со нив.“
Таа соработка значи и поголем публицитет. По објавувањето на деби албумот, следните две години METZ ги поминаа на пат, свирејќи над 200 концерти годишно, далеку од дома. „Сите ги фаќа носталгија за дома кога сте надвор толку време, но јас не сакам да биде поинаку.“ Освен исцрпувачкото темпо на пат, нивните настапи често се на работ на инцидент и автодеструкција. Крис продолжува: „Си го расцветав лицето двапати, еднаш во Њујорк, еднаш во Шарлотсвил, во двата наврати несреќа со многу крв.“ Сепак, покрај целиот напор што го носат патувањата, Крис за задоволството на патувањата и за тоа колку тие го промениле како личност, вели: „За мене тоа значи општ поглед на сè. Светот е огромен и толку многу луѓе живеат различни животи. Постојано ме потсетува колку тоа сум мал и колку е важно да ги почитуваш животните одлуки на луѓето околу себе.“


За разлика од многу бендови што своите нови песни ги прават на турнеите, на тонските проби и паузите меѓу концертите, новиот албум на METZ главно е создаден во Торонто, во просториите каде што бендот прави проби. За самото искуство околу снимањето на новиот албум, Крис вели: „Кога почнавме да снимаме сакавме да ја фатиме севкупната енергија на песните, па така се фокусиравме да правиме поживи снимки отколку да внимаваме сè да е на место. На ова издание повеќе сакавме да се добие чувство за песните.“ По пробното пуштање на синглот “Acetate”, на почетокот од оваа година, новиот албум “II” е објавен во почетокот на мај, со видеоспот за песната „The Swimmer“. На спотот работеа режисерите Scott Cudmore и Michael Leblanc, кои и пред тоа работеа со бендот – спотови за песните “Wet Blanket“ и “Wasted“ од првиот албум. Неколку збора за тоа колку видео презентацијата е важна за бендот и за искуството од работата со режисерите: „Кога работиме спот сакаме да го оставиме режисерот да ја протолкува песната како што сака. Им оставаме одврзани раце. Им веруваме на луѓето со кои работиме дека ќе направат добро видео, затоа што ние од претходно сме големи фанови на она што го работат.“ Ако сте го пропуштиле, погледнете го и одличното анимирано видео што Chad Van Gaalen го направи за песната “Get Off” од првиот албум.

Завршувајќи го кусиот разговор, Крис за совршената иднина на METZ вели: „Ќе свириме многу, но имаме направено и многу нова музика. Сакаме да правиме што е можно повеќе музика, но и да продолжиме да патуваме и да свириме концерти.“
Дали во денешниот униформиран свет на музичката индустрија ви недостасува малку гласен, опасен и возбудлив рокенрол? Другарки и другари –  METZ се тука и ја враќаат назад вербата во луѓето.