Андерграундот е поинаков концепт

интервју со Mark Reeder

Музичар, продуцент, композитор, дизајнер, менаџер, филммејкер, сопственик на дискографска куќа, актер, новинар, истражувач… и уште многу тоа. Од комфорниот Манчестер 1978 се отиснува во, за него тогаш непознатиот Берлин, најпрвин како гласоговорник на Factory Records, ја организира првата тајна панк-рок свирка во Источен Берлин, го продуцира последниот албум произведен во ДДР, се здружува со нојз-терористите Malaria!, ги формира Die Unbekannten, ја основа електронската дискографска работилница MFS, го открива Paul van Dyk, ги коменаџира Die Toten Hosen, соработува со New Order, John Foxx, Pet Shop Boys, Depeche Mode, The Cure.
Берлинските авантури Марк ги забележи во неговата документарна хроника B Movie: Lust & Sound in West Berlin, премиерно прикажана 2014 на Berlinale, а минатата година и на нашиот Cinedays. Mark Reeder лично се појави на скопскиот фестивал за да го промовира своето сеќавање за градот кој беше во „вонредна состојба“. Поводот за ова интервју беше токму филмот, но неизбежно беше да го отвориме неговиот став за музиката, уметноста и хаосот во 80-ите.
За Критика Марк зборува за југословенските поштенски марки, првата купена плоча, растењето во Манчестер, бендот со Mick Hucknall од Simply Red, фасцинациите на Ian Curtis, берлинската сага, првиот транс албум, архитектурата и субверзијата.

Mark by Doris Klaas

Здраво Марк. Првпат си тука?
Да, првпат сум тука, но не и за првпат на Балкан. Всушност, кога првпат дојдов на овие простори во 1970 година, тоа сé уште се викаше Југославија.

Која ти беше првата асоцијација за оваа земја?
Мојата прва и единствена претходна асоцијација за земјите од Источна Европа и Балканот пред да отидам таму е од моето детство, и тоа преку поштенските марки. Имав прекрасна колекција на поштенски марки од Југославија и Источна Европа. Секогаш беа прикажани како слики на индустриски достигнувања и среќни, насмеани деца. Како дете, растејќи во мизерниот “working-class” Манчестер, замислував како сите деца од земјите од Источна Европа се многу среќни. Првпат во Југославија отидов со еден пријател, бевме во Загреб. Скокнавме на првиот следен воз од Венеција и се случи тоа возот да отиде за Југославија. За наша среќа, како Британци, не требавме да аплицираме за виза однапред, како што тоа требаше да прави за другите земји од Источниот блок, бидејќи Југославија беше полиберална и едноставно тоа можевте да го направите на самата граница. Беше тоа импресивна и незаборавна посета. Насекаде имаше слики од Тито и огромни транспаренти кои го величаа производството и социјалистичките победи. За жал, не можевме да најдеме место за престој било каде, бидејќи имаше некој саем и сите хотели беа резервирани. Тогаш, во тоа време, таму и немаше толку многу хотели. Еден хотелски рецепционер, кој изгледаше како Jabba the Hutt, потскриен зад малата рецепцијата, ми остави неизбришлив впечаток. Беше огромен, облечен во излитен костум, лошо му стоеше, имаше голема лузна која одеше од врвот на главата преку левото око и десно надолу до неговиот образ. Со груб словенски акцент весело нé извести дека нема место за престој во Загреб поради саемот. Исто така, љубезно нé предупреди на претстојниот полициски час во 19 часот. Ноншалантно нѝ рече – кој и да биде на улица после седум ќе ја почувствува целосната сила на полицијата, мафтајќи со раката. Упорни во својата намера, лутавме по градот цел ден со надеж дека ќе најдеме сместување и забележавме дека многу луѓе се шуткаа наоколу, а други, пак, носеа завои и преврски, а имаше и многу војници кои очигледно беа дојдени на маневри. Одеднаш, насекаде околу нас, почнаа да свират сирени, луѓето трчаа. Мислевме дека започна војна, беше прилично загрижувачки. Дојдовме до една продавница за електронската опрема и продавачот возбудено ни кажа да се тргнеме од улица, па така остатокот од ноќта го поминавме во продавницата заедно со него и неговите другари, пиејќи шљивовица, споредувајќи ги нашите начини на живот и зборувајќи за музика.

Кога започнува твојот интерес за музика и која беше првата плоча што си купил?
Уште како многу мало дете. Првата плоча ми беше Telstar од Tornadoes (сé уште ја имам оваа плоча), ја купив во ’62 , кога имав само 4 години. Не разбирав зошто на радио ја пуштаа само еднаш дневно, а јас сакав да ја слушам повторно и повторно, па така ја нервирав мајка ми толку многу за песната што таа на крајот ме однесе во локалната продавница за плочи и ми ја купи. Подоцна, мојот постар роднина, за време на викендите ме носеше низ продавници за плочи. Така ги слушав сите видови на тогашната прогресивна рок музика. На десетгодишна возраст го купив мојот прв албум, Electric Ladyland на Џими Хендрикс. Морав малку да се задолжам и се соберам доволно пари за да купам овој албум. Отидов тајно во Манчестер и го купив. Кога се вратив дома, го чував скришно под мојот кревет со години, поради тоа што имаше голи жени на предната обвивка, бидејќи мајка ми, речиси сигурно ќе го фрлеше ако го пронајдеше.

Потекнуваш од Манчестер. Некој еднаш рече, растејќи во Манчестер, дека за првпат видел птица на 15-годишна возраст, што навистина ме натера да те прашам како изгледаше да се живее тие години во индустрискииот Манчестер, какво беше твоето растењето таму?
Да, беше прилично мрачно на север, но навистина не толку мрачно. Центарот на Манчестер е доста познат по своите гулаби и градини. Кога како дете растев во занишаните шеесетти, Манчестер сè уште беше главен за индустриската Британија, но до времето кога јас станав тинејџер – сè се смени и стана сосема спротивното. Одамна воспоставените фабрики се затворија речиси преку ноќ. Индустријалците отидоа надвор од земјата во потрага по поевтини места за производство, како Пакистан или Хонг Конг. Сите беа отпуштени од работа и можностите за вработување во фабрика, како што тоа беа нашите родители, па и нивните родители, речиси престанаа да постојат. Животот стана тежок. Луѓето живееа од социјална помош. Невработеноста, сиромаштијата и криминалот скокнаа до небо. Многу родители станаа депресивни и се свртеа кон алкохол за да ги удават нивните фрустрации. Некои дури и целосно излетаа од шините. Се сеќавам на еден мој школски пријател, беше убиен од татко му кога се вратил дома. Потоа го уби речиси целото негово семејство, на крај и себеси. И сé поради тоа што беше технолошки вишок. Имав среќа, татко ми успеа да го задржи своето работно место.

Како се случи тоа да започнеш да работиш во продавницата на Virgin records во Манчестер? Дали ова беше твоја прва работа, или…?
Не, Virgin не беше мојата прва работа. Како тинејџер, работев неколку недели во фабрика за тави и тенџериња, за време на летните одмори, покривајќи некого. Сакав нов стерео-систем и тоа беше најбрз начин тоа да го добијам. Тоа беше валкана, ужасна и многу опасна работа, но го добив мојот стерео-систем и стекнав искуство. Знаев дека никогаш повеќе не сакам да работам во фабрика повторно. Од моментот кога Вирџин Рекордс се отвори, одев таму секој викенд. Понекогаш помагав таму, а потоа и се вработив секој викенд. Добивав голем број плочи бесплатно. Исто така, одев и во арт колеџ, студирав рекламирање и графички дизајн, со надеж дека ќе станам графички дизајнер, но штом влегов во тој бизнис, почнав да го мразам. Бидејќи бев најмлад во тимот, секогаш ја добивав наомразената работа во печатењето – триење на Letraset буквите од фолијата на страниците за печатење. Тоа беше причината зошто на почетокот на мојот Б-филм. ќе видите триење на букви. Бев фрустриран. Помислив – не студирам рекламирање за да се завршам работејќи ја оваа секојдневна работа. Така заминав и отидов да работам со полно работно време во продавницата за плочи.

Во една од изјавите на тапанарот на New Order – Стивен Морис, наведена во Rip It Up and Start Again на Сајмон Рејнолдс, прочитав дека од тебе, кога се приближувал крајот на Joy Division, а на самиот почеток на New Order,  добиле касети со електронско италијанскио диско кои, како што вели, биле неверојатно весели. Ме заинтригира што точно имаше на тие ленти, претпставувам дека имале влијание на New Order, какви што ги знаеме денес. Зошто токму тој специфичен избор?
Во Берлин открив дека градот има не само многу авангардна музичка сцена, туку и енергична геј-диско сцена исто така, која одеше паралелно со авангардната. Отсекогаш бев фан на електронската музика уште од рана возраст, па така ги впивав сите видови на електронската музика. Бев фасциниран од атмосферата генерирана од овој нов звук, тоа не беше диско како Saturday Night Fever, беше повеќе trippy, drugged up, длабоко пулсирачки работи, повеќе како јас ја чувствувам љубовта и пошироко. Знаев дека Бернард (Самнер) сака синтисајзери и редовно му праќав снимки од музиката што ја слушав во Берлин. Сакав тоа да го инспирира. Тоа не беа само Mr Flagio Italo-disco, имаше тука траки и од Америка и Канада, како Dirty Talk од Klein MBO, потоа сé од Kraftwerk или Giorgio Moroder, како и филмска музика од Bernard Herrmann и Ennio Morricone. Едни од нашите омилени песни беа Our Love од Donna Summer и The Voice of Q од Q. Се надевав дека Бернард ќе биде под влијание на оваа, електронски контролирана музика и дека тоа на некој начин ќе го придвижи New Order подалеку од Joy Division.

Дали Frantic Elevators е твојот прв бенд?
Не, мојот прв бенд се викаше Joe Stalin’s Red Star Radio Band.

Како се случи да формираш група со, тогаш младиот студентот по уметност, Mick Hucknall?
Го знаев Мик бидејќи двајцата доаѓаме од Denton, од периферијата на Манчестер. Двајцата одевме на истиот арт колеџ. Тој првично беше во бендот Osiris, потоа стана пејач на JSRSRB. Една ноќ, отиде да ги гледа Sex Pistols во Lesser Free Trade Hall, следниот ден дојде и ми кажа дека ја видел иднината и дека сака да формира нов бенд со мене. Така се случија Frantic Elevators.

Беше близок пријател со Ian Curtis. Дали знаеш од каде доаѓа неговата опседнатост со Достоевски?
Не знам точно од каде доаѓа опседнатоста. Никогаш не зборуваше за тоа, само тоа дека му се допаѓа. Мислам дека „Идиот“ беше една од неговите омилени книги. Читавме разни работи тогаш. Книги како Ниче или Имануел Великовски, јас бев повеќе за Џорџ Орвел. Читавме историја, особено за Втората светска војна. Знам дека Иан беше фасциниран со манипулацијата, психологијата, менталните болести, идејата за поделена личност и хипнотизмот. Беше премногу фасциниран од идејата за самоубиство. Лично, мислам дека Јан знаеше за епилепсијата многу пред таа да се манифестира јавно, поради стресот во врската со Annik и Debbie и бендот. Мислам дека тој ги криеше претходните напади бидејќи тогаш епилепсијата се сметаше за ментално заболување, а му се појавиле само како резултат на стресот. Претпоставувам дека тој сакаше да знае повеќе за епилепсијата.

MarkAlex85

Замина за Берлин кога имаше 20 години. Зошто се одлучи на таков потег и како изгледаше твојата прва средба со него? Можеш ли да го споредиш Берлин денес со тој од 80-тите?
Отидов во Берлин бидејќи никој не можеше да ми каже ништо за него, бев љубопитен. Берлин е енигматичен и историски, имаше некоја мистика во врска со него, не знаев многу за тоа. Не беше познат како музички град, сепак беше повеќе политичко жариште. Како и да е, Edgar Froese и Tangerine Dream беа од Берлин, Боуви го сними The Idiot на Иги Поп таму, како и албумот Low, кој звучеше како да доаѓа надвор од овој свет. Слушнав најава дека тој ќе се пресели таму и дека ќе го снима Heroes. Бев фасциниран од овој албум, не беше како ниту еден од неговите подоцнежни албуми, а беше дури и повеќе електронски.
Во Британија никој не можеше да ми каже нешто во врска со Берлин. Повеќето луѓе нема поим за тоа, беше далеку на истокот на Германија и како мека точка на границата помеѓу источна и западна Германија. Дотогаш не сретнав некој кој некогаш бил таму. Сé што знаев за Берлин е дека таму војната завршила, дека е заѕидан и дека Рудолф Хес бил затворен таму и тоа дека беше главна тема на студената војна, но освен тоа – ништо друго. Единствениот Берлин кој го знаев беше од книгите и оној што го гледав во воените филмови, шпионските трилери за студената војна и кабареата. Во 70-ите патував низ Источна Германија, но кога ќе ги запрашав луѓето за Берлин, тие обично беа доста негативни. Ова ја поттикна мојата љубопитност дури и повеќе. Неколку хипи студенти еднаш ми рекоа дека може да им избегаш на домашните безбедносни служби ако живееш во Берлин. Не разбрав што тоа значеше.  Берлин беше длабоко во внатрешноста на Источниот блок, кој беше непозната територија било како гледано, потребно беше многу време за да се стигне таму, па така туристите едноставно не одеа таму. Но, си реков – ако Боуви бил под влијание на градот и тоа се одразило на неговата музика, тогаш таму мора да има нешто. Мислев дека, ако луѓето обично не одат таму, можеби ќе можам да пронајдам музички продавници преполни со стари, ретки и непознати електронски краутрок плочи.
Денес Берлин е повеќе или помалку отворен град каков што отсекогаш и бил. Сé уште привлекува исти луѓе и сé уште е евтин во споредба со другите големи градови. Се разбира, работите станаа попрофесионални и дисциплинирани, но тоа мораше да се случи, сé уште има одлични клубови и места и сé уште е еден културно привлечен град кој привлекува креативни луѓе.

Која беше идејата зад твојата MFS етикетата?
Првично, да се создаде платформа главно за младите таленти од Источна Европа. Во првите неколку месеци, пред падот на Берлинскиот ѕид, источногерманската дражавна дискографска куќа Amiga ме покани да продуцирам албум во Источен Берлин на нивниот инди-рок бенд Die Vision. Како што подоцна се расчу, ова ќе биде последен албум снимен во комунистичкиот Источен Берлин, а јас би рекол и единствениот западен кој ја имал таа привилегија. Се разбира, за време на снимањето на овој албум, бев претставен на сите директори во издавачката куќа, како и на A&R одделот за таленти одговорни за производство. Кога падна Ѕидот, им предложив дека сега конечно можат да релизираат вистинска музика и дека треба да се свртиме на најновите форми на новата клупска музика, на техното. Но, како тие никогаш не биле во техно клуб, немаа поим за што зборувам и ми рекоа: „Ако знаеш за тоа – направи го“. Така и направив. Решив да ја наречам мојата издавачка куќа Mastermined For Success (или кратко – MFS) бидејќи ми се допаѓаше идеата да ги искористам трите букви на распаднатото STASI (MfS – Ministerium fuer Staatssicherheit). Си помислив, источните децата ќе бидат во можност да ги тероризираат своите родители со тоа и ја замислив сликата на потресените и срамни лица на поранешни членови на Комунистичката партија кога нивните деца ќе се вратат дома облечени во MFS маица или носејќи плоча од MFS со себе. Беше тоа прва инди-етикета во Источна Германија, а идејата беше да се обезбеди платформа главно за таму. Сепак, никој од нив немаше опрема ниту пари, па морав да се навратам на моите пријатели во Западен Берлин и да ги реализирам неколкуте први изданија. Звукот кој јас навистина сакав да го објавам на мојата матична MFS етикета всушност беше повеќе хипнотички транс поттикнат од техно (луѓето денес тоа го нарекуваат chill-out), комбинирајќи го чувството на емоции кога се на екстази со повеќе мелодичен стил. Во почетокот на 90-тите години, техното беше тешко и практично воопшто немаше мелодија или риф. Повеќето од моите постари пријатели не го прифаќаа тој звук, едноставно копнееа за некој вид мелодичност. Па така помислив дека можам да ги комбинирам емотивните тоналитети на Вагнер со техно и воедно да го направам хипнотички во исто време, тогаш ќе можам да ги воведам во E состојба слична на транс. Најпрво ја презентирав оваа идеа на Cosmic Baby па тој измисли своја верзија на мојот предлог и јас се согласив а другите некако ни се придружија. Направив под-етикета на MFS „транс-денс“, која медиумите подоцна ја скратија и ја нарекоа транс.

Кое беше значењето на “транс музиката” во 90-ите и дали ти би рекол дека некој конкретно го создаде тој термин? И кој би бил тоа?
Па, за мене идејата зад она што подоцна ќе стане познато како транс беше повеќе од chill-out, би рекол хипнотично релаксирачка транс музика. Сакав да произведам стил на музика која ќе го смикса чувство на еуфорија кое го донесе падот на Берлинскиот ѕид (а подоцна и повторното обединување на Германија) со чувството и емоциите кога луѓето се на екстази. Сите беа возбудени и ентузијастични. Заканата од нуклеарен холокауст беше тргната па луѓето почнаа да гледаат позитивно на иднината. Сакав да ги измешам емоцијата која ја добивате кога слушате Вагнер заедно со техно. Мораше да биде trippy, емотивно и хипнотички и да те стави во транс. Тоа е причината зошто тој првичен звук на MFS го нареков хипно-транс. Ова подоцна беше променето во транс-денс, а потоа скратено – транс. Очигледно терминот „транс“ се користеше веќе некое време, но не како асоцијација за музички звук, тоа дојде подоцна. Без разлика на кого и да му биде дадено признанието за оваа кованица останува фактот дека MFS ги издаде првиот транс албум и компилација.

Ако можам така да кажам – ти го откри Paul van Dyk. Каде и како се случи тоа?
Тој пушташе микс од хаус, техно и Britpop rave ремикси, како и многу други мелодии. Пушташе музика во the Turbine на Dubmission забава. Еден од артистите на мојата MFS етикета – Cosmic Baby, настапуваше таму во живо и од нивната прва средба ми се чинеше дека се разбираат. Уште претходно му предложив на Cosmic дека треба да работи со DJ, бидејќи неговата музика, иако допадлива, беше невозможно да се дозаврши и вкопи со некој DJ. Мислев, ако работи со некој DJ дека тоа ќе му помогне да разбере што е потребно, што би помогнало. Тој се спои со Пол па така се роди нивниот проект The Visions of Shiva. По два сингла, тие се разделија поради „музички и идеолошки разлики“. Така, му дадов на Пол прилика да направи ремикс на Love Stimulation на Humate, кој беше огромен успех. Тоа му ја даде потребната самодоверба.

Кога во едно твое интервју прочитав како зборуваш за дебелите ѕидови во Берлин како овозможувачка околина за креативна работа во смисол на можност да ги задржи гласните звуци внатре, се замислив за тоа како архитектурата може и да ги зароби но и да ги ослободи луѓето истовремено. Може ли архитектурата или, впрочем било што друго, да нé заштити од нас самите?
Среќен сум што живеам во многу стар стан и можам да правам музика онолку гласно колку што сакам и нема никого да вознемирам. Мислам дека архитектурата е многу осетлива тема, особено во Скопје. Таа може целосно да трансформира едно место, како што, впрочем, и се гледа по вашиот град. Берлин е исто така едно од оние места кои имаат и прекрасна и одвратна архитектура. Старите згради во Берлин даваат постојана залиха на места кои ти ја будат креативноста. Клубовите и другите места се појавуваат во напуштени згради пред тие да бидат претворени во канцеларии или станови. Иако е тажно кога се затвораат, тоа помага за да се одржат работите во движење. Знам многу луѓе кои се постојано во извидница за можни локации. Ова не е неопходно негативна работа. Можеме да градиме згради кои ќе траат цел живот и подолго, или пак згради за само неколку години. Што се однесува до заштитата од самите себе – претпоставувам дека само ние можеме да го направиме тоа самите, но мислам дека тоа е тема за поширока дискусија и невозможно е да се сумира во една реченица. Светот е тажно нетолерантен и поделен и сé додека ние, човечката раса, сме подготвени да се едуцираме и да прекинеме да веруваме во суеверија и бајки и да започнеме да живееме во модерниот свет, секогаш ќе најдеме причина за да ги искорениме оние кои не ги разбираме. Мора да прифатиме дека сите имаме различни мислења, сексуалност и религија, па гледано низ таа перспектива, хармонија и едноличност нема никогаш да има. Луѓето се нетолерентани и ми се чини дека онаа заштита што нема да ја најдеме никогаш е – едни од други.

Дали мислиш дека беше полесно да се биде субверзивен во 80-ите отколку денес? И дали значењето на изразот е некако променето, и ако да – како?
Ох, дефинитивно! Беше многу полесно да се биде музички субверзивен во 80-ите. Имав совршено игралиште за ова во источен Берлин и Источна Европа. Таму само што започнаа да се кршат правилата. Ми стана опсесија. Очигледно, секогаш бев свесен дека ги ставав моите пријатели во компромитирачка позиција, бидејќи тие мораа да живеат таму, додека јас секогаш можев да си заминам или, во најлош случај, ќе бев исфрлен од таму. Но, се чини дека бев доволно енигматичен за тајните полициски служби за да сакаат да знаат што е мојата агенда.

Дали андерграундот, разбран како движење позади општествените промени каква што беше во 80-ите, сè уште постои денес?
Се разбира дека постои. Иако, не е лесно да се остане андерграунд денес, поради големото користење на интернетот и на социјалните мрежи. Во моментот кога нешто ќе се најде онлајн, за жал прекинува да биде андерграунд. Во 80-ите се ослонувавме на кажан збор, фиксни телефони, писма и разгледници за комуникација. Поради ова, голем дел од работите лесно можеа да бидат чувани во тајност за голем дел од луѓето, па на некој начин и му даваше време на работите да созреат. Денес – постирате нешто онлајн и за неколку моменти целиот свет знае. Андерграундот е поинаков концепт.

Која музика те возбудува?
Всушност, слушам секаква музика, особено филмска. Сé зависи од расположението. Слушнав неколку интересни нови артисти кои навистина ме импресионирале. На пример, Jesus Sahara или Liste Noire, но исто така уживав и во последниот албум на David Bowie, новите Years & Years и Music Complete на New Order, кој ми беше доста возбудлив. Со нетрпение ги очекувам албумите на Marsheaux и Goldfrapp, како и на уште многу многу други.

По Collaborator и “B-movie”, што е следниот предизвик за Марк Ридер?
Во моментов работам на втор ремикс за New Order. Првиот кој го направив за Singularity е завршен и би требало да биде објавен во март, а видеото за оваа песна се состои од кадри од мојот B-Movie. Тоа е како некоја брза монтажа на филмот. Исто така, работам на реставрирање на стари концертни снимки за К7!, а и составувам необјавени песни за издание на плоча на саундтрекот за Nekromantik 2 (филмот само што беше објавен за првпат во Велика Британија на блуреј двд). Исто така, планираме втор филм за британската техно сцена во 90-ите, “Е-Movie”. Не знам дали ќе се случи ова, бидејќи е под знак прашање дали ќе има доволно средства за истиот, за жал.

Што може да те задржи буден и неуморно замислен?
Не многу работи. Но, ако нешто може, тогаш тоа е мојата работа. Ако имам некоја идеја таа ќе ме тера да размислувам за неа цела вечер. Имајте во вид дека сакам да станувам рано и да легнувам доцна бидејќи сакам да гледам филмови навечер.