Мојата генерација се избори за победа

Интервју со Марко Greyhound

Марко е едно од „новите“ скопски „деца“. Еден од оние кои додека ги жалиме дека се родени и живеат во лошо време и дека немаат свое детство  на свои 22 години веќе има неколку бендови и изданија зад себе и денес тргнува на турнеја.

 

Роден си 1992 во Скопје. Што прво паметиш од градов и детството? Како ти е денес тука? Што е со твојата генерација?
Она што го памтам од Скопје се можеби реката Вардар, Скопското Кале, Камениот Мост и Универзалната сала. На прошетките во центарот во Скопје и на првите концерти т.е. фестивали како „Златно Славејче“ и на стиховите „Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет, и ќе бидеш израз свиден, на сè братско в овој свет“. Детството мое беше среќно иако некои семејни трагедии се рефлектираа кон моето, можеби и прерано растење од оној детски свет на фантазии, време кога се прашуваш „Зошто твоите родители немаат автомобил како што имаат родителите на твоите другарчиња?“ или пак „Зошто немаш еден родител, а твоите другарчиња имаат два“. Но, како што времето поминуваше, така и можеби станав и пожилав, а исто така и градот се менуваше. Денес се прилагодувам на она што ми е наметнатно и на она што ние самите дозволивме да ни биде наметнато во Скопје, па така решивме да ги замениме зеленилата со големи згради. Мојата генерација се избори за победа и тоа што е многу чудно на еден искрен и невин начин, без гледање на профитирање од сето тоа. Дали таа ќе продолжи така да се бори и да работи за нештата да станат различни од сега? На тоа прашање би одговорил со „НЕ“. Барем „не“ од оваа гледна точка, бидејќи како растеме така ја изучуваме школата која ни вели да ја искористиме секоја ситуација во наша полза, а да не навиваме за колективот. Но, секогаш навивам за тоа да се промени.

M-G

Живееш во Ѓорче, работиш како келнер, студираш историја… иднината?
Реалната ситуација во која што себеси се гледам за едно 5 години и со сигурност можам да се држам до неа е дека сé уште би бил инволвиран во направи сам/а сцената, би свирел, би водел емисија и би организирал концерти. Би имал диплома за професор по историја, а ако останат работите како што се сега за вработување, сé уште би бил келнер. Секогаш мора да се има план Б, во било која и работа да си посветен, бидејќи коцките не секогаш ќе ти бидат наместени како што треба. Но, што да се прави кога си дете каде што твоите родители не се поранешни функционери или транзициони профитери, мораш само да се бориш за да стигнеш до некое ниво во кое ќе можеш да кажеш „Конечно почнав да живеам, а не да живуркам“. Но без разлика како и да биде ќе туркаме некако, бидејќи секогаш на животот гледам во позитива и не се предавам.

Зошто скок од “hc/punk” во “singer/songwiter”?
Таа прича отсекогаш ме опкружувала, уште од самото мое детството. Израснав со колекцијата на плочи на татко ми каде можат да се најдат артисти како Neil Young, Johnny Cash и Bob Dylan, па можеби и тоа некако потсвесно влегло под мојата кожа. Но сепак, уште како дете израснувајќи и со останати жанрови меѓу кои и хардкор панк, па станав сé повеќе заинтересиран за таа музика. Некој тоа би го рекол како младинска бунтовност но за мене тоа беше нешто повеќе од тоа. Од посетувањето на мојот прв концерт на кој настапуваа Sick of it all, Smut и Two Sides, почнав сé повеќе и повеќе да се интересирам за овој жанр. Жанр на кој секогаш ќе му бидам благодарен бидејќи ме научи на работи како независност, анархизам, направи сам/а, колективност и што уште не. Па така го оформивме Mindless Violence, бенд на кој секогаш ќе му бидам благодарен за она искуство кое што го добив, од процес на изработка на издание до организирање на концерти.

Македонија денес… протести, бомби, споменици, професионални активисти, револуционери…
Периодов сме доста долго време опкружени со бомби, промени, преродби и протести… Македонија дeнес ја гледам како држава која сé уште пробува да биде дел од западот кој воопшто нé не запишува, но исто така и флертува со истокот кој што одамна не отпиша. Сé уште ја немаме онаа социјална правда која ја бараме но ја бараме само 15% од популацијата на улиците, останатите само креваат кафански револуции. Мислат дека може лесно да се крене  како што ги креваат чашите за некаква прослава. Но едино што креваат така е белото знаме на капитулација. Па така, наместо гордо да се бориме против оние кои што нашите права ги заменија со конзервативни традиции кои ги прокоцкаа парите кои можеа да се искористат за нашето здравје и за нашето образование на споменици и нео-класични згради. Од другата страна пак ги имаме и профитерите на протести, кои што гордо го веат знамето на нивната демократија. Демократија од која тие профитираат. Се нарекуваат независни, но сепак го чекаат моментот кога тие ќе ја имаат моќта и ќе прокламираат тоа што им е кажано од страна на некои големци, деспоти, па зборат за некои револуции и тргање на диктатори, без разлика што светските деспоти од Балканот направија лабораторија за тестирање на политички системи. Единствено што ми е драго што го видов е тоа што младите генерации некако успеаа да се оттргнат од тоа и се случи право студентско движење, кое издвои победа. За некои мала, но тоа беше (е) правата и искрена искра преку која добија сила голем број на граѓани на Република Македонија.

Дел си од малата независна издавачка куќа Deny. Како реално работите стојат таму?
Deny Records постои од 2013 година, тогаш оформено со друго име.Тоа е колектив на истоумци кои што сакаат пред се’ да им помогнат на локалните артисти во издавањето на нивниот материјал. Сега за сега имаме издадено 2 мои изданија, ЕП изданието на Leitmotif насловено „Luminiesence“, „Selfmeltingbliss“ и како прво издание e „Забот на времето“ на Mindless Violence, а сме и процес на реиздавање на единственото издание на Генералштаб. Политиката е дека сите изданија можат и слободно да се превземат од нашата Bandcamp страна, но доколку некои од артистите не се заинтересирани за таква опција, тогаш постапуваме по нивна желба.

Понеделник е време за „Кратко и јасно” на 103-ка. Што се пушта таму?
Оние кои што слушаат Канал 103 добро знаат дека емисијата „Кратко и Јасно“  продолжува со истиот жар и ентузијазам како и пред јас и Ека да улетаме во целата таа приказна. Она што можете да го слушнете секој  Понеделник од 20 до 21 часот на нашиот репертоар е хардкор панк музика од светската сцена и сé друго што е поврзано со „Направи Сам/а“ етиката,а под тоа се подразбира и промовирање на концерти кои што се поврзани некако со политиката на самата програма, како и промовирање на македонски бендови со нивните нови изданија.

Организираш и концерти. Какви концерти? Со кого? Каде? Кој свири?
Концертите ги организираме истата екипа која што стои позади Deny Records. Најчесто станува збор за хардкор панк концерти,но секогаш има исклучоци. Овие концерти најчесто ги правиме на алтернативни локации како што е Ку Ла или во гаражите позади Веро, Тафталиџе, но секако и се случувало некои од концертите да бидат во кафичи или барови како што е Браво или пак во МКЦ. На овие концерти свират бендови кои што доаѓаат на турнеја и пробуваме да ги угостиме на што е можно најдобар начин. Им подготвуваме храна, имаат место за спиење, а во зависност  од локацијата каде што се оддржува концертот картите за овие концерти или се на донација или пак имаат одредена цена.

Идеш на турнеја. Како се букира една DIY турнеја?
Во оваа сцена во која што се наоѓам би рекол дека тоа оди на база на познавање на промотери (попрво би ги нарекол другари) кои организираат концерти,а  букирањето на една турнеја ја правиме самите ние артисти. За оние кои што толку и не се навлезени во целата таа прича, можам само да ви кажам дека не треба да замислувате големи концертни хали со продадени минимум 700 влезници, туку баш обратното. Свириме по сквотови, инфошопови, гаражи, социјални центари и така натаму. Немаме богат кетеринг каде што добиваме односно ветено ни е дека добиваме обилни оброци, меки кревети, хотели од 5 ѕвезди и останато. Едино што ни е загарантирано се подови од ходник, кујна, дневна на кои можеме да си ги поставиме нашите вреќи за спиење, а си добил џек пот само кога ќе добиеш тросед или душек. Оваа споредба ја правам не бидејќи не сме (сум) задоволен од она што промотерите го прават за нас, туку само колку да ви покажам дека ние не го добиваме она што големите суперѕвезди го добиваат.

Турнејата завршува со концерт во МКЦ. Што промовираш?
На 25 Април во МКЦ го промовирам моето сплит издание со Рајан Харви и со овој концерт ја завршувам мојата 10 дневна балканска турнеја. Заедно со мене на сцената ќе се појави и бендот „Circle of friends“ кој во текот на мојот сет ќе ми го пази грбот како и „Мариналеда“ и „Алек“.