Музиката успева да изрази нешта што самиот не успеваш

интервју со Markus Acher од The Notwist

За долговечноста, методите на создавање музика, поп песните, триесетте години на сценатата, дискографската и фестивалска куќа, разговаравме со Markus Acher од The Notwist.

Да започнеме со едно клише прашање, активни сте на музичката сцена триесет години. Која е тајната на вашата долговечност?
Хммм… Сè што можеме да направиме како музика е главната идеја, знаеме дека можеме да го направиме тоа, знаеме како да го направиме тоа, приказната е таа.

Работиш нешто освен The Notwist, сакам да прашам – дали имаш втора работа?
Немам, работам само музика со The Notwist и други бендови, имам дискографска куќа Alien Transistor, а го работам и фестивалот Alien Disco, работам само работи поврзани со музика.

Триесет години сте на сцената. Kако го менувавте начинот на правење на музиката низ годините?
На почеток компониравме песни и ги вежбавме во соодветна просторија а потоа ги снимавме во студио како што ги вежбавме во просторијата. Со секој нареден албум го менувавме начинот на создавање на песните како што доаѓаа влијанијата кои директно делуваа на нашите песни кои преминуваа во различни стилови на музика, обидувајќи се сите тие различни стилови да ги инкорпорираме во нашата музика, така што започнавме да работиме сè повеќе во и со студиото, експериментирајќи со техниките и дополнително снимениот материјал за да сето тоа помине во еден голем опит на аранжманите на песните кои ги правевме.

Како ги правите песните, генерално?
Многу различно, понекогаш јас ги компонирам песните, скоро па завршени, понекогаш некој друг од бенот компонира песни па ми ги предава мене бидејќи го давам финалниот допир со пеењето, понекогаш сите заедно во процесот на импровизација создаваме структури на песни, користиме различни методи за да дојдеме до песната.

Како знаеш дека песната е готова?
Интуитивно насетуваме дека е постигната критичната точка на песната кога претчувството вели „сега е добро“. Го работиме ова долго време, секоја па и најмала идеја која ја имаме со претпоставка проценуваме дека тука постои можнот да се додадат, да речеме, гитари или било што друго, го вметнуваме брзо и веднаш знаеме дека тоа припаѓа тука.

Го направивте саундракот за филмот Sturm (Невреме). Кажи ни за искуството на создавањето филмска наспроти албумска музика.
Мошне е различно. Во последно време правиме многу филмска музика. во моментов излегуваат три филмови за кои го работевме саундтракот. Секогаш е различно. Филмот е на режисерот и неговата идеја е тука најважна, ние сме тука да ја пратиме идејата на режисерот. Обично компонираме по две или три различни пазажи, сè додека режисерот не биде задоволен со слушнатото. Повеќето од филмовите за кои работиме музика, режисерите веќе знаат што можат да очекуваат од нас. На крајот, секогаш работиме со различни стилови на музика, сакаме да е тоа подиво, поекспериментално, но во работата со филмовите за тоа има малку простор поради приказната, ликовите и дејствието, нашето учество тука е минимално. Секогаш е забавно, тоа е најбитно.

Под впечаток сум, после сите албуми кои ги имате, дека Neon Golden има специјално место во вашата дискографија. Што мислиш зошто?
Кога се појави во 2001 беше значајно спомнуван албум, пред сè поради тоа што се вклопи во времето во кое е создаден албумот, комбинацијата на инди-електроника која во тоа време беше во подем и секако песните на албумот кои луѓето очигледно ги сакаа. Neon Golden беше кулминација на еден долг развоен пат на нашиот звук. Идејата беше да направиме поп песни со невообичаени аранжмани и структури кои не се примерени за класична поп песна, за мене тоа беше важна идеја.


фотографија Зден

Имате голем број соработки и други проекти, па ќе ја искористам приликава да прашам за мојот омилен 13 & God. Минаа осум години од вашиот последен албум. Што се случува, можеме ли да очекуваме нешто ново?
Се обидовме да ги поканиме повторно за да свириме барем на нашиот фестивал, но не ни успеа, затоа што Adam, Doseone, раперот, е постојано зафатен бидејќи сега прави видеоигри, компјутерски игри…

Музика за видеоигри или самите видеоигри?
Не, мислам дека соработува со други луѓе, тие програмираат, но тој има удел во многу нешта, во целокупната идеја околу играта. 

Не го знаев тоа.
Да, и многу е успешен во тоа, имаат многу работа. Но, мислам дека сега повторно има повеќе слободно време, па се надевам… сè уште сум во контакт со сите нив и сè уште се заинтересирани, па планираме, не можам да кажам дека тоа ќе биде идната година или нешто слично, но имаме идеја да одиме таму и да снимиме нешто ново. Би морале да одиме во Сан Франциско затоа што Dax Pierson е во инвалидска количка и не може да патува, па затоа сакаме да одиме таму и повторно да снимаме со него некогаш.

Го спомена фестивалот Alien Disco. Исто така, водиш дискографска куќа, Alien Transistor, со брат ти. Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за фестивалот?
Фестивалот се одржува секоја година, сега во декември ќе биде четвртото издание. Започнавме да го организираме затоа што сè помалку бендови се заинтересирани да дојдат и да свират во Минхен во рамките на нивните турнеи, најчесто свират во Берлин, понекогаш во Хамбург или во Келн. Минхен е богат град и голем дел од луѓето не одат на концерти. Помалите бендови не можат да дојдат таму затоа што ќе имаат 20 луѓе на концертот, па не им вреди да доаѓаат. Има сè помалку  концерти, па почнавме да размислуваме на таа тема. Кога The Notwist прават концерт во Минхен обично доаѓаат многу луѓе, па дојдовме до идеја да организираме фестивал на кој и ние ќе свириме во еден од деновите и да поканиме што е можно повеќе бендови, бендови кои не се толку познати…

Какви бендови претпочиташ на вашиот фестивал? Дали се тоа претежно непознати бендови?
Па, ние ги знаеме, но многу луѓе во Минхен не ги знаат. Немаме големи имиња на фестивалот. Секоја година ги каниме Tenniscoats од Јапонија, тоа е мојот омилен бенд. Kога ги поканивме првиот пат, влеговме во студио со нив и сега имаме заеднички бенд, Spirit Fest. Досега дошле голем број јапонски бендови, но и многу други, од најразличен вид.

Се сеќавам на подобри времиња кога е во прашање музиката. Мислам дека луѓето не успеваат да одвојат дел од денот само за слушање музика. Што мислиш ти за тоа?
Не, всушност, не мислам така. Сметам дека слушањето музика е од суштинско значење. Музиката успева да изрази нешта што ти самиот не успеваш. Кога го правиме фестивалот, тоа е толку концентрирано и навистина има некаква енергија која зрачи од сите бендови собрани заедно, голем дел од музичарите се веќе и пријатели. Луѓето во Минхен ужива во ова, фестивалот веќе има огромна посетеност, речиси секоја година е распродаден, доаѓаат голем број луѓе и можете да забележите дека сѐ уште постои потреба за ваков вид на музичко искуство.

Ова е сосема спротивно од мојот впечаток за нештата.
Бев изненаден од посетеноста. Организирањето фестивал беше ризичен потфат, бидејќи имаш голем број бендови кои не се баш познати, но луѓето доаѓаат на фестивалот и навистина им се допаѓа. Создадовме нешто посебно за многумина и постојано нè прашуваат: „Кога повторно ќе се одржи фестивалот?“ Годинава е на 13 и на 14 декември.

Го спомена Spirit Fest. Колку е тешко да создавате музика и особено да настапувате, со оглед на фактот дека членовите на бендот живеат на два различни континенти.
Всушност, со Spirit Fest е многу лесно, затоа што се среќаваме за да снимаме и секој од нас подготвува 2-3 песни, затоа што многумина од нас се композитори: јас, Saya, Ueno, Nat, значи четворица. Ако секој од нас има по 2 песни, веќе имате албум. Многу ја сакам нивната музика и самите нив како личности и како пријатели, така што, кога ќе помислам на нив и на снимање, веднаш добивам идеи и компонирам песни. Всушност, штотуку привршуваме еден албум што го снимивме летово и ќе го објавиме на почетокот од идната година. Мене лично многу ми се допаѓа.

Мислам дека наскоро треба да започне концертот. Само накратко, што можеме да очекуваме следно од The Notwist?
И The Notwist има нов албум, снимаме и веќе сме поприлично напред со подготовките на материјалот. Мислам дека на почетокот од идната година ќе го комплетираме и се надевам дека ќе го издадеме на есен.

Ти благодарам, Marcus, имајте одличен концерт и се гледаме.