Се обидувам да создадам музичко искуство кое не го замислувам со чепови за уши

Интервју со Michael Gira / Swans

Swans конечно по 30-ина години пристигнаа во Скопје за првпат да и се претстават на публиката која долго ги очекуваше. Во густата агенда на Michael Gira, фронтменот на Swans, Канал 103 обезбеди кратко радиско интервју со мистикот на “no wave-от”. За вибрантноста, винилите, автоспотирањето, ортодоксните фанови, трансформативните искуства, гласната музика и прогресијата на акордите со Michael Gira на два часа пред концертот на брановите на Канал 103 разговараа Горан Путица и Саша Павловиќ.

MG_103.3

Саша Павловиќ: Ок, во програма сме…
Michael Gira: …Здраво Македонијо!

СП: Претпоставувам дека знаеме кого имаме за гостин тука. Го закажавме интервјуто за 13 часот…
MG: …Се согласувам.

СП: Да, знам. Закажавме за 13 часот, но го презакажавме интервјуто за 18 поради тонската проба, но еве сме тука, Горан Путица и Саша Павловиќ со вас во ова издание на 103. Со Горан сме тука после сто години, драго ми е што сме во ова студио, сé уште има промаја, што е добра вест. Поводот го знаете, концертот на Swans во Младинскиот културен центар. Само што пристигнавме од тонската проба, звучи прилично гласно и добро. Го имаме тука Michael Gira, ретка прилика да позборуваме со него. 
Здраво Мајк, ти благодарам на привилегијата да те имаме тука во студиото на Канал 103.
MG: Ти благодарам.

СП: Поради обврските и стеснетата агенда на Мајк, ќе имаме многу кратко време да позборуваме со него во овие 15-ина минути.
Горан Путица: Ти благодарам што си тука, Мајк. Ти си за првпат во Македонија, знаеш дека имаш одлична публика тука, уште од раните 80-ти, го чекаат твојот концерт долго време.
MG: Некои луѓе остареа и умреа во меѓувреме… некои луѓе си играат со своите деца.

ГП: Тоа е точно, ќе има различни генерации, од наша возраст до помлади луѓе.
MG: Привилегија е да се свири насекаде во светот, гледајќи толку многу млади луѓе. Да беа луѓе само на наша возраст немаше да бидам среќен.

ГП: Тоа значи дека ја правиш вистинската работа.
MG: Се надевам. Се обидуваме да ги направиме работите секогаш нови, најмалку да има некоја вибрантност, тоа ни е многу важно, да не свириме музика која е претходно програмирана, рецитирајќи ги песните какви што се на албумите за да создадеме некое носталгично искуство, сакаме да направиме нешто да се случи во моментот.

ГП: Имам впечаток дека кога бендот во еден момент запира да свири и кога ќе се расформира, веќе после кратко време, кога повторно ќе се оформи, не паметам, освен Swans, дека некој бенд имал толку добри плочи по реоформувањето.
MG: За мене тоа беше континуирана работа, бидејќи продолжив да работам со мојот бенд Angels of Light. Одлучив да ги реоформам Swans, бидејќи ми беше досадно сето тоа музички и сакав да направам нешто ново, да ги направам повторно Swans, но на поинаков начин какви што беа во минатото. Беше тоа напорна работа за мене, немав во меѓувреме работа или сметка во банка, создавав музика, продуцирав, правев многу работи околу музиката, така да за мене тоа беше природен пат за да се направи тоа.

ГП: Плочите ги издаваш за твојата дискографска куќа Young God Records.
MG: Да, освен тоа што за Европа се лиценцирани за Mute Records, што е од голема помош.

ГП: Прочитав некаде дека повеќе не издаваш изданија на други артисти на Young God Records, зошто е тоа така?
MG: Бидејќи немам време да им се посветам на артистите сé додека сум главниот човек во компанијата, со мојата работа и улога како продуцент, уметнички директор, генерално завршувајќи ги сите работи во компанијата. Откако ги реоформив Swans цело мое време беше посветено на тоа, едноставно немав време да им се посветам на другите артисти. Другиот аспект е, се разбира, финансискиот, кој во овие времиња е просто невозможен – да имаш дискографска куќа и да издаваш музика, сигурно не сум во позиција да губам пари, не сакам што е така но за жал работите се такви.

ГП: Дали винилите се сé уште главниот продукт што продава, или се тоа можеби цедеата, downloads-от?
MG: Винилот не се продава малку, но се продава помалку отколку што би се продаавал со ваква публика пред 15 години. На луѓето им се допаѓаат нашите физички продукти, не знам колку downloads имаме, не купувам downloads, мислам дека никогаш и не сум купил. Луѓето сакаат винили и доброспакувани цедеа кои секогаш содржат и екстра спакувани песни, сакам на луѓето да им пружам аудио-визуелно искуство. Сигурен сум дека ова не е во тек со времето, но гајле ми е.

ГП: Покрај музиката, имаш време за пишување?
MG: Немам. Сакав да имам.

ГП: Henry Rollins издаде една твоја книга.
MG: Така е. Ќе пишувам повеќе во наредните неколку години кога Swans малку ќе се примират. Во наредниве, претпоставувам две години, Swans ќе работат силно како и досега, потоа ќе ми биде потребен ментален одмор, бидејќи треба да сфатам дека имам ум.

СП: Вие сте тука за првпат, нели?
MG: Да.

СП: Кои се твоите први имресии?
MG: Не видов ништо освен хотелот и оваа соба. Најверојатно нема да можам бидејќи заминуваме утре.

СП: Познат ти е овој дел на светот.
MG: Не баш.

СП: Автостопираше во ’69-та низ Југославија.
MG: Тоа беше многу одамна. Бладо, многу бледо се сеќавам на тоа. Освен тоа бев на LSD, хахаха.

СП: Патуваше со воз или?
MG: Мислам дека бев со воз, влеговме преку Австрија, патував со двајца постари хипици, имав 15 години, знаеш, сé што ми беше јасно е дека влегов позади таканаречената „железната завеса“, бев плаво момче од Калифорнија, се чувствував многу ранливо, но се разбира дека тоа беа само луѓе, помислив дека сето тоа е интересно. Потоа отидов за Грција, се сеќавам дека тогаш беше времето на Пападопулос, имаше тенкови на улиците, големи постери од него насекаде, не се сеќавам на многу работи. Потоа отидовме до Турција, во Истанбул, беше тоа во 1969, оттаму отидов во Израел.

СП: Си бил вистински infant terrible.
MG: Не бев во таа смисла ужасно дете, бев само скитник, лутав наоколу, не беше типично во тоа време во 60-тите да автостопираш.

MG_1 S_1 MG_3 S_2

ГП: Сакав да те прашам нешто за Swans, така да ќе скокнам на една друга тема. Дали ортодоксен фан на Swans носи чеп за уши?
MG: Остатокот од бендот носи, јас не. Тоа нивна работа. Се обидувам да создадам музичко искуство кое не го замислувам со чепови за уши, но ако луѓето сакаат да ги носат – ок.

ГП: Значи не е богохулење?
MG: Не е проблем навистина, тоа е само алатка, бидејќи определени звуци не постојат без гласност, некои звуци или хармонии на електричната гитара не егзистираат без определено ниво на гласност, затоа е гласно, а исто така и поради тоа што сакам да го почувствувам ритамот во моето тело. Сакам да сум внатре, во торнадото од звук, а тоа не фунционира ако е тивко. Всушност, сé се сведува на доживувањето, да се има екстремно, но позитивно искуство. Луѓето можат да го користат тоа како што сакаат, го создавам тоа за себе и за другите.

СП: Како знаеш дека тонската проба е добра?
MG: Не знам.

ГП: Тоа ќе се покаже подоцна.
MG: Да, просторот ќе звучи комплетно различно кога ќе биде со луѓе.

ГП: Пред неколку години бев сведок на еден ваш концерт во Варшава, каде еден фан сакаше да ви даде комплимент и ви кажа – „Беше убав концерт“. Ти се насмеа.
MG: То е фино, зарем не.

ГП: Можеме ли да кажеме за еден Swans концерт дека е убав?
MG: Тоа зависи од публиката. Како што кажав, сакам да создадам позитивно доживување и понекогаш мисла дека во нашата музика има смрт, страст, нагон, љубов… најразлични фактори во игра. Има и спиритуалност, па сите тие заедно прават едно комплетно доживување. Не ми се допаѓа кога луѓето го нагласуваат негативниот аспект на Swans, бидејќи воопшто не е така. Всушност, никогаш и не било само тоа. Мислам дека во раните денови беше потешко и погневно, но сега дефинитивно е пружање на едно трансформативно искуство за самите нас и за публиката, да се биде во тоа заедно.

СП: Што стои зад концептот „свирење гласна музика“?
MG: Зависи, ако си идиот, гласната музика звучи идиотски, но доколку ја користиш како алатка за да постигнеш нешто повисоко, може да биде одлично.

ГП: Ме интересира една ваша соработка со Étant Donnés пред 15-ина, 20 години, беа тоа двајца браќа. Кој се тие всушност, не можат за нив да се пронајдат никакви информации, но албумот е реме дело, чиста електроника и ако не се лажам, твоето прво експериментирање со електрониката, зарем не?
MG: Да, тие се фини луѓе. Но тоа не беше мое прво искуство со електрониката. Ги познавав преку пријатели, ми пристапија, не се сеќавам како, знаеа дека говорам малку германски и ме замолија да прочитам една поема. Со мало подучување од еден пријател Германец, успеав да го направам тоа. Музиката е целосно нивна, немав ништо со музиката. Тоа е сé, само прочитав неколку поеми на германски.

СП: Што ќе свирите вечерава?
MG: Ќе свириме музика која во најголем дел сè уште не е снимена. Имаме две песни од последниот албум, остатокот е нова музика која ја развивме на турнеава последнава година. Скоро сме на крајот на турнејата за овој албум, така што песните се веќе развиени до таа мерка што се подготвени за снимање. Влегуваме во студио во септември за да ги снимиме овие песни, по што никогаш веќе нема да ги свириме.

ГП: Каде ќе снимате?
MG: Тексас.

ГП: Тексас, значи како последниот албум.
MG: Да. Тексас и Берлин.
ГП: Одлично.

СП: Како ги правиш песните?
MG: Па, има различни начини. Песните ги правам со акустична гитара. Седнувам и развивам акорди, па текст, па ги пеам. Тоа е еден начин. Тие се на албумите со оркестрација. Кога работам со другиве пет господа од бендот, носам идеи за ритам кои ги работам на акустична гитара. Понекогаш акордите се менуваат, понекогаш текстот дури и не е довршен, па почнуваме да работиме заедно, па можеби и да ги свириме песните т.е. тие делови од песните во живо, па постпено ми доаѓаат и зборовите, па тие ќе направат нешто што ми се допаѓа, па ќе ја однесам песната во таа насока, или ќе направат нешто што не ми се допаѓа па ќе отиде во друга насока, и така постепено во текот на неколку месеци додека не го искалиме звукот до степен да стане нешто. Понекогаш ова е комплетно импровизирано, понекогаш е во рамки на структурата која се развива. Тоа е како една постојана борба со звукот, обид да се стави звукот во некаква форма. И потоа можеби ќе ја најдеш вистинската форма, па тоа ќе ти се допаѓа една недела, па потоа веќе не ти се допаѓа, па го исфрлаш тоа па почнуваш од ново. Никогаш не ја сметам музиката која ја правам сам или со моите пријатели како нешто што е завршено, секогаш е во некој процес. Никогаш не е завршено совршено, туку оди од една фаза кон друга.

ГП: Кога може да го очекуваме новиот материјал?
MG: Најверојатно март или април наредната година.

ГП: Одлично. Го очекуваме со нетрпение.
MG: А потоа ќе одиме на турнеја, една година или малку повеќе од година за тој албум и мислам дека после тоа Swans ќе паузираат некое време.

ГП: Сета енергија што ни ја дадовте со последниве три албуми и турнеите како и сé друго… Честитаме и Ви благодариме, ви благодариме за албумите и што дојдовте во Скопје.
MG: Една од причините зошто ги реоформив Swans е таа што сакав да ги направам работите како што треба. Сакав да направам силно дело кое ќе биде правилно завршено и да биде достапно на луѓето, како и да почувствувам дека сум го направил тоа најдобро што сум можел. Ова е дел од тој процес. Уште еден албум, уште една турнеја, а потоа ќе сакам да си ги исчистам малку мислите и да најдам нов начин како да создавам музика или пак можеби да напишам некоја книга.

СП: Имате прекрасна прогресија на акордите низ годините.
MG: Да, сè се менува низ годините. Сензибилитетот се менува, самокритичноста се развива, се бара некое ново место, се менуваат животните искуства. Одлично е што оваа верзија на Swans со звукот е толку многу ориентирана кон позитивното. Како еден вид духовна вежба која се покажа како многу облагородувачка.

ГП: Ви посакуваме многу успешна работа за да ни дадете уште многу песни, книги…
MG: …Ќе продолжиме да се обидуваме. Ви благодарам.

 

фотографии: Kasia Jóźwiak
техничка поддршка: Александар Сандревски