Се трудам работите да ги правам едноставно

Интервју со Mike Watt

Брат Watt, подготвени сме за интервју.
Да го направиме, брат Васко, не брзам никаде.

Одлично. Би сакал да направам малку поинакво интервју, бидејќи најверојатно сите те прашуваат за Minutemen и за осумдесетите.
Понекогаш. Понекогаш ме прашуваат и за… што е сега дваесет години старо? Многу ме прашуваат за гранџот, за Eddie Vedder и Dave Grohl. Не е секогаш за осумдесеттите, понекогаш е и за деведесеттите.

Тогаш да те прашам за педесеттите?
Во педесетитте сум роден. Во 1957, годината со Спутник. Ме претрка за еден месец.

Знам дека си роден 57-ма, како татко ми, зборувавме за тоа. И роден си во Портсмут, Вирџинија. Гугл открива дека таму сè се врти околу бродови и морнарица. Да почнеме тогаш од самиот почеток, од првите сеќавања.
Таму живеев на два пати, таму се родив и потоа се вратив во градот веднаш до Портсмут, во Норфолк. Таму живеев пред да заминам за Калифорнија. Татко ми беше морнар. Работеше во моторскиот погон како машински помошник. Таму имаш три основни видови на луѓе, имаш еден кој е одговорен за палење, еден што ја одржува топлината на бојлерот и еден што ги завртува штрафовите. Татко ми бил тој што ги врти штрафовите. Всушност, на еполетата имаше штраф.

Дали работел за армијата?
За морнарицата. Скратеницата за машински помошник е ММ. А ако го погледнете штрафот, изгледа како ушите на Мики Маус. Така го доби и прекарот – Мики Маус. Во секој случај, имал 17 години, живеел во Ред Блаф, Калифорнија, едно мало градче и едниствен излез му било да се приклучи на морнарицата. Мене никогаш не ми рекол да го сторам тоа. Имал 19 кога сум се родил, значи работел само неколку години и тогаш веќе биле во Вирџинија. Зачнат сум во Чикаго, но роден сум во Вирџинија.
Моите први сеќавања е бојата на бродовите. Сиво, сè сиво. Тоа е првото на кое се сеќавам, на сивилото на бродовите, ме носеше да ми ги покаже. Морнаричката база се викаше Newport News и е најголемата во светот. Работата со неа, проблемот во тие денови… Не кога се родив. Кога јас се родив бевме меѓу два проблеми. Бевме помеѓу Кореа и Виетнам. Но тоа го паметам. Големите бродови. Често се шетав меѓу нив. Исто така паметам изгор лета и кочан зими.
Се вративме откако се роди сестра ми. Татко ми беше посебно важен во машинското одделение. Доаѓаше новата морнарица, стануваше нуклеарна, па го обучија за тоа. А во тоа време сè што беше поврзано со нуклеарното се криеше. Тогаш го пратија на обука во една пустелија во Ајдахо, каде што армијата го направи првиот реактор. Таму се роди сестра ми Мерил и јас се вратив во Вирџинија по вторпат. Тогаш почнаа гужвите со Виетнам. Во морнарицата има една финта што се вика наредба. Ти даваат наредба: „Ќе се пријавиш за 30 дена. Одиш во Сан Педро, Калифорнија“. Па во 1967 заминавме.

Значи си имал 10 години кога си се преселил…
Па не баш. Роденденот ми е на крајот на годината на 20-ти декември, а јас дојдов во лето. Значи уште имав 9, наполнив 10 во декември, бев трето одделение. Завршив во Сан Педро бидејќи тука имаше голема морнаричка база – The Long Beach Naval Station. За среќа до гимназија војната со Виетнам заврши. Тоа е посебно време. Бидејќи дотогаш со 18 години не ти дозволуваа да гласаш. Можеа да те регрутираат, но не ти даваа да гласаш до 21 година. Исто така ја укинаа регрутацијата. Смислија ново нешто – регистрација, но тоа дојде подоцна, со Авганистан.

Дали гласаше?
Се најдов во еден празен простор од 4 години – помеѓу регрутација и регистрација. Бев еден од првите осумнаесетгодишници на кои им беше дозволено да гласаат. Значи, тинејџерските години ми беа доста чудни. Војната заврши, ја затворија морнаричката база. Исто така ги затворија и повеќето воени бази. Тоа се случи и со базата МекАртур во Сан Педро. Патем речено, наскоро треба да направиме проба во офицерскиот тоалет на триесетгодишнината од затворањето. Значи, сè уште во мојот живот провејува војската, но мечовите ми се повеќе прековани во плугови, такво срање.
Би сакал да можам да се сетам на повеќе. Се сеќавам на преселбата во Норфолк, бидејќи бев прво-второ одделение, живеевме крај мочуриште. Ако погледнете на мапа каде е Норфолк, ќе видите дека има многу вода и кал околу него. Се сеќавам на една приказна дека некој паднал во калта… некое девојче. Па сретнав еден тип кој ме научи како да се преправам… не се сеќавам на името… Малку беше заебан од родителите… но ме научи како да… значи се сеќавам на некои работи од Вирџинија. Но Сан Педро, тука го сретнав D. Boon, тука влегов во музиката, за да бидам со мојот пријател. Не ни знаев дека тоа ќе го правам цел живот.

Што тогаш одеше на телевизија, радио и весници?
Во Калифорнија?

Да.
Или во Вирџинија? Ќе ти кажам за Вирџинија. Она што најмногу го паметам за Вирџинија е дека ги гледавме лансирањата во вселената. Тоа беа тешки времиња. Бевме во трка со Русите, кои некако беа први во сè – лансираа сателит, лансираа куче, лансираа маж, лансираа жена, имаа човек што оди, истурија плакети со Ленин на Месечината… Направија сè први, но сè во тајност. И ние имавме тајни. Но стававме нешто и на телевизија за сите да го видат. Всушност, пред да се појават астронаутите, имаше еден тип во костум и ние го гледавме како одбројува. Беше напнато, целите шеесетти. Стигнавме на Месечината во 69-та. Па од целото тоа време кога бев дете од телевизијата најмногу ги паметам вселенските програми, многу интересно.
Мајка ми во тоа време купи енциклопедии. Знаете што е тоа? Како Wikipedia, го содржеа целото општо знаење во неколку книги и беа поделени по букви. Се навлеков на нив, ги прочитав од А до Ш, веројатно околу 20 тома. Покрај вселенските бродови, најмогу ме заинтересираа диносаурусите. Тоа се двете работи што најдобро ги паметам од детството.
Кога дојдов во Калифорнија, сè се смени, Вирџинија беше сосема различна. Кога ќе тргнете во средно школо, станува многу различно. Почнав да одам на концерти. Првата свирка ми беше T-Rex. Имав 14 години, бев со D. Boon.

M1Дали беше стадионски концерт, арена концерт или?
Да, концерт во арена. Не знаев за клубовите сè до панкот. Имаше некои клубови во Холивуд, ама јас не знаев за нив. Живеев на пристаништето во Сан Педро, 30 миљи јужно од Холивуд. Паметам дека првпат отидов таму со велосипед, ми требаше цел ден, веслав ли веслав… возев по западната страна покрај плажите: Redondo Beach, Manhattan Beach, Hermosa Beach, Marina Del Rey… сите тие плажи. Кога ја поминав Санта Моника излегов на Sunset Boulevard и таму свртев на исток. Влегов во Холивуд и паметам дека се прашував: „Што е толку посебно ова, да ти ебам?“ Има нешто со сите тие ѕвезди на тротоарот, но… се вратив со велосипедот назад и никогаш повеќе не отидов во Холивуд додека не го открив панкот. Значи, повеќето од првите свирки на кои присуствував беа на Long Beach, на источната страна на пристаништето, ние сме од западната. Вилмингтон е на север. Има спортски арени и гледалишта таму. Првата свирка што ја гледав – T-Rex, беше на Long Beach Auditorium. Имаше некои концерти во Инглвуд, во Форумот. Во Лос Анѓелес работеше Shrine Auditorium и сите имаа најмалку 3 до 4 илјади седишта. Немаше мали места. Кога го запознав D. Boon, единствениот рок бенд што го имаше чуено беше Creedence Clearwater Revival. Не знаеше за Cream, за Who, T-Rex, Bowie… ништо од тоа. Единствениот бенд што го чул беше Creedence. Мајка му свиреше гитара, па сакаше и тој да научи да свири. Имаше еден лик по име Рој Мендез Лопез – во тоа време беше сосема различно во поглед на купувањето опрема – обично се продаваше на места заедно со школски прибор, плочи… Тешко се доаѓаше до Фендери и Гибсони. Имаше заложувалници и продавници за плочи, таму се купуваше сé и сешто. Во секој случај, имаше еден тип што даваше часови по гитара, живееше во автомобил, се викаше Рој Мендез Лопез и тој го научи D. Boon како да симнува песни од плочи. Кога D. Boon ме однесе кај него дома, мајка му ни рече: „Треба да направите бенд“.

Проблемот беше во тоа што… и тука повторно се вмешува морнарицата… е тоа што можев да живеам во морнаричка куќа само ако татко ми останеше стациониран таму. А поради неговото искуство со нукеларните мотори тој доби наредба да оди на Enterprise. Не оној од Star Trek, туку обичен брод. Имаме неколку бродови што се викаат Enterprise. Еден од нив беше првиот нуклеарен носач на авиони. Но тоа беше во Аламеда, и затоа требаше да се преселиме. Но, мајка ми рече: „Доста ми е од тоа, доволно се селевме, остануваме во Сан Педро“. Па моравме да се отселиме од тоа маало. Кога се отселивме во новото маало, таму го сретнав D. Boon.
Ова се случува во раните седумдесетти, тогаш немаше пиштоли и други срања, но имаше тепачки. Мајка ми сакаше по школо веднаш да се враќам дома. Не гледаше на нашето свирење како на професија, туку како на нешто што ќе нè држи дома по школо и ќе нè држи подалеку од проблеми.
Како што реков, Creedence се единствениот бенд што D. Boon го беше чул. Ги имаше првите шест албуми. Се разбира дека не беа во омоти, беа прелиени со сок од грозје. Мораше да става по пет парички на грамофонската глава за да не му скокаат. И на омотите видовме дека во секој бенд има гитара, тапани и бас. Не ни знаевме што е тоа бас. На сликите гледавме дека има штимери, но само четири. Мислев дека е гитара со четири жици. А бидејќи музиката беше арена-рок не успевавме да чуеме како свири. Во тоа време, кога гледавме слики од свирките забележувавме дека има 500 појачала. Басот беше нешто како мумлање, немав поим што е тоа. И кога ги преслушував плочите не можев да го слушнам, па затоа почнав да носам кошула како пејачот John Fogerty. Мислев дека ако носам карирана кошула, ќе му се допадне на D. Boon. Така почна мојата приказна со карираните кошули. Басистите што можев да ги слушнам во американската музика се James Jamerson, Larry Graham…
Една од подобрите страни на растењето во морнаричка населба е тоа што растевме со многу различни луѓе. Една од работите кои се најдобро интегрирани во САД е војската. Во неа живееш со многу различни луѓе и никој не е над никого. Се организираат според ранг. Да не заборавиме дека ова се шеесеттите. Не знаев ниту едно официрско дете, но ги знаев регрутите и тие беа од секаде, секаков тип на луѓе. Така пораснав. R&B музиката се појави многу рано и оттаму ги учев американските басисти.
Имаше одредени рокенрол бас делници што можев да ги слушнам на плочите од Англија, kако John Entwistle, шкотланѓанецот што сега умре, хмм.. Jack Bruce од Cream. Тоа е огромно влијание. Англичаните беа многу похрабри во тоа. Тие го потенцираа басот. Тоа беа заебани времиња за мене и D. Boon, бидејќи немаше култура на пишување сопствена музика. Сè што правевме беше копирање на музика од плочи. Не ја гледавме музиката како начин на изразување. Беше како правење на макети – изгледаат како вистинските работи, но не се.
Завршивме средно школо во 76-та, во исто време кога се појави панкот, само што ја затворија базата Fort MacArthur. На нејзино место направија мало пристаниште. Но во тоа време даваа под наем дел од просториите и таму свиревме, песни како Tie Your Mother Down од Queen, Dust in the Wind од Kansas. Во еден момент додека правевме пауза се појави еден тип по име Ники Бит, вистинското име му беше Џеф Адисовиќ, панкерите во тоа време си ги менуваа имињата.

d-boon+watt-in-madison

Дали беше Хрват?
Мислам дека да.

Многу „иќ“ во Сан Педро.
Се сеќавам дека имаше брат кој се удави. Во секој случај, си го смени името. Ни кажа дека постои сцена во Хoливуд каде што луѓето сами си ги пишуваат песните. Ова ви покажува колку биле тапа тие времиња. И ние рековме: „Стварно?“ И тој ни рече: „Да, сами си ги пишуваат песните“. Решивме да го провериме ова. Отидовме со D. Boon во Холивуд едно саботно попладне. Свиреа The Bags. Ники беше тапанар во The Weirdos, но девојката со која што се гледаше беше пејачка во овој бенд, латино женска. Беше фантастично. Му реков на D. Boon дека можеме да го правиме истото. Тоа беше првото што го почувствував, дека можеме да бидеме дел од тоа. Тоа ни смени сè. Тој еден среќен настан. Втор среќен настан. Првиот беше преселбата во Педро и средбата со D. Boon. Знаете за нашата прва средба? Скокна врз мене од дрво.
Значи ми се случија два екстремно среќни настани – средбата со D. Boon и тоа што Ники ни ја посочи сцената во Холивуд кадешто луѓето сами си ги пишуваат песните.
Третиот среќен настан беше средбата со момците од Black Flag, кои делеа флаери за свирката во Педро една година подоцна.

Кој свиреше со нив, беа само Black Flag или…?
Беше составот после Raymond. Raymond Pettibon им беше првиот басист. Значи Keith Morris, Greg Ginn, Chuck Dukowski и Robo. Исто така свиреа The Plugz, The Alley Cats и тоа беше првата свирка за Descendents. Ние тогаш aне се викавме Minutemen. Во тоа време се викавме The Reactonaries. D. Boon отпрвин не сакаше да прави панк група.

The Plugz? Дали се работи за овој рокерот, тој свиреше со нив?
Типот беше куклар од Мексико Сити, се вика Тито.

Tito & Tarantula!? Тој е тој што свиреше во The Plugz?
Да. Се вика Тито Ларива. Plugz, Los Cuzados и Tarantula. Во тоа време во Plugz беа Тито, тапанарот беше 60-годишен човек по име Chalo и еден тип од Тексас, Barry McBride. Тоа е првата постава на The Plugz. Првиот сингл го издадоа за магазинот Slash, многу добар магазин. Го водеше француз со име Kickboy Face, дури видовме и како го истепаа на свирката на која ги сретнавме момците од Black Flag. Требаше да свират вторпат или третпат во Педро. Ја видовме адресата и рековме: „Како тоа ќе свирите во Педро?“. А Чак Дуковски ни рече: „Да. Што е тука чудно?“ А ние му рековме: „Па ние живееме во Педро и сме единствениот панк бенд тука“. А тој ни рече: „Сакате да кажете дека има панк група во Педро?“ Му рековме: „Да“. А тој ни рече: „Па сакате ли да го отворите настанот?“ Толку мала беше сцената, повеќето луѓе ја мразеа. Ако бевте доволно храбри да свирите таква музика веројатно можевте да си верувате еден на друг. Исто како хипиците пред Чарлс Менсон. Ако имате муда да пуштите долга коса, веројатно можете да му верувате на човекот. Како и да е, нé замолија да отвориме.Значи тоа се трите среќни работи што ми се случиле.
За луѓето од Холивуд ние сме Јужниот Залив, бидејќи сме јужно од Холивуд. Но, на Западниот брег, луѓето не се како… мислам, го имаме океанот, свртени сме кон исток и немаме допирни точки со нив, оддалечени сме 60 миљи и немаме ништо заедничко, не живееме во Холивуд. Тие дури не се мешаа ниту со Orange County и Huntington Beach.
Но, момците од Black Flag, особено Грег Гин… се плеткаше малку со радио, аматерски, нешто како фин интернет денес, каде што можеш да зборуваш со луѓе од други места. Мислам дека Грег ја доби идејата за турнеи од таму. Само The Dils имаа комбе, а панкерите од Холивуд немаа поим од турнеи. Тогаш, Грег ја објави првата SST (Solid State Transmitters) плоча, ја трансформираше фирмата за продажба на електронски делови во издавачка куќа, го издаде првиот Black Flag сингл – Nervous Breakdown. Побара од нас вториот сингл на SST да биде нашиот – Paranoid Time, така се здруживме со нив. Нé земаа на турнеа во Европа, а подоцна заедно отидовме на турнеа низ САД.
Toa е отприлика како се случија работите. Но, има една една работа што ја изоставив – имаше продавница во Long Beach  – ZeD London, многу важна за нас бидејќи имаа и плочи, бидејќи англиските панк бендови никогаш не доаѓаа да свират кај нас. Никогаш не сме ги гледале, но ги знаевме од плочите. Беше апстрактно. Единствените панк бендови што ги гледавме во живо се холивудските: Germs, Dils, Bags, Metro Squad… куп добри бендови, The Alley Cats, Urinals… Сите тие бендови имаа големо влијание врз нас, целата слика за сцената ни се отвори.
Исто така, треба да разберете дека динамиката на тие времиња е многу различна. Работите се менуваа многу брзо. Денес работите може да останат исти по пет, па и до десет години, без никаков проблем. Многу поразлично отколку во тоа време. Холивудската сцена тогаш веќе беше скоро истрошена, останаа само момците од плажата. Мора да ги сфатите луѓето од Холивуд, сè што е јужно од Холивуд е плажа за нив, тоа ти е како Балканот. Јужна Калифорнија е Балканот. Има 150 градови. Кога ќе дојдеш мислиш дека е еден град, но не е. Луѓето од различните делови не се знаат едни со други.
Но, не ви докажав за тоа како со D. Boon ги направивме Reactionaries. Кога ги видовме The Bags му реков дека можеме да го направиме истото. Но, D. Boon, како што веќе ви кажав, не сакаше да прави панк бенд. Тогаш во Педро имавме бесплатен неделен весник, па и не беше баш бесплатен, чинеше два долари, но огласите беа бесплатни, се викаше Cycler. Во еден оглас прочитав: „Панк бенд бара басист“. Отидов во Санта Моника на аудиција, а дечките свиреа 4-часовна верзија на I Wanna Be Your Dog. Тоа беше лошо искуство. Кога се вратив во Педро му раскажав на D. Boon, а тој ми рече: „Ок, ќе направам бенд со тебе“, и ги направивме Reactionaries. Но D. Boon не напиша ниту една песна за тој бенд. По година ипол, се распаднавме и ги направивме Minutemen, бендот што тој отсекогаш го имал во глава. Ги чувал сите песни и целата негова енергија за Minutemen, во моментот не го знаев, тоа го дознав отпосле.

Чекал за Minutemen?
Да, сакаше да направи трио, не му се допаѓаше идејата за четиричлен бенд, му изгледаше како старомоден рокенрол, не сакаше зборови со слогани, сакаше да ги вметне своите политички идеи во групата. Мислеше дека проблемот со арена-рокот е доминацијата на гитаристот, премногу хиерархија, сакаше поинакво нешто. Слушајќи RnB се прашувавме зошто можеме да го слушнеме басот толку лесно? Бидејќи гитарата свиреше ненаметливо. Почнавме да свириме на тој начин, одбивајќи да свириме силни акорди.
На сето ова друга димензија даде Рејмонд Петибун, почна да ми открива некои од движењата од минатото. Ни го пушти Џон Колтрејн, тогаш првпат слушнавме џез, си помисливме – џезот е панк отсвирен од старци, не знаевме дека Колтрејн е мртов. Бевме баш глупави, дури и заостанати. Дури и сега во Јужна Калифорнија сé уште има заостанати средини. Бевме црна дупка, немавме поим за многу работи. Така, D. Boon почна да го вклопува ова во неговото свирење, избега од фашистичката парадигма, некој вид на претерана планска економија, пресилна гитарска диктатура врз бендот. Оттогаш и јас го правам истото, како денес со Раул во Missingman, ги ставам тапаните напред, сé е тоа истото.

Зошто Minutemen, Мајк?
D. Boon ми бараше листа на имиња за да избере едно од нив. Minute men (minute – значи мало). D. Boon ми кажа да ги спојам зборовите и се содаде Minutemen. Минијатурни луѓе, војници кои прифаќале патриотски симболи. Во секој случај, оттаму доаѓа името. D. Boon го избра од листа на катастрофални имиња, како The Running Sours. За мене сè беше ново. Тоа му помогна на Minutemen, имаше нешто во тој личен спој.
Она што сакам да го кажам е следново: Идејата панкот да биде ѕвездата е сјебана работа, панкот беше состојба на умот. Тоа ти е како ножот за резбарење, уметноста не е во ножот, туку во тоа што ќе се изработи со него. Тоа беше панкот за нас. Како скејтерот што ја направи налепницата: Punk is whatever we made it to be. Имавме чудна пракса во поглед на снимање албуми и песни. Мислевме дека сè е свирка, ги третиравме албумите како флаери, за да ја донесеме публиката на концерти, така ги третиравме плочите. Сега кога ќе погледнам наназад драго ми е што ги снимивме. И 35 години откако сум ги напишал, тие се патување. Се вадам од памет од работи како носталгија, сентименталност, нема да се правам кул во поглед на тие времиња, не мислам дека беа подобри, но има нешто интересно во слушањето на твоите стари песни. Се прашував каде сум бил? Кај ми бил умот? What Makes A Man Start Fires? е чуден албум, тоа е единствениот на кој јас ја напишав целата музика. Седев дома со ногата и коленото во протези и гипс, девет месеци додека ми ги составуваа колената.

Сан Педро е именуван според свети Петар од Александрија, градот основан од Александар Велики. Дали тоа им е важно на твоите сограѓани, знаејќи дека Педро има голема грчка зедница?
Бев гостин на Sports Radio Show, сопственост на Пападакис, големата грчка фамилија од Сан Педро, еден од синовите ме интервјуираше. Сепак не почнува сé со Грците. Грците дошле подоцна и биле многу важни. Свети Петар е исто така првиот папа, но и светец заштитник на рибарите, а Сан Педро е и рибарски град.
Всушност првите луѓе кои го основале, тоа се луѓето кои веќе живееле тука, тоа се Тонгвите. Веројатно пристигнале од Азија пред 20.000 години. Шпанците се тука важни поради фактот што „откриле“. Едвај се воздржувам да не се згазам од смеење кога го користам овој збор. Мислам, „откриле“? Глупости.
Во секој случај, името на типот е Хуан Кабриљо, кој бил португалец што работел за шпанците и тој прв дошол тука. Тонвите се обиделе да палат огнови и да ги исплашат со чад, но тоа не им успеало. Тој дошол тука со меч и со знаме и сé станало нивно, шпанците се чудна приказна. Одеднаш стекнале многу пари набрзина, се случила Империја.
Човекот кој го изградил првото пристаниште во Педро дошол од Вилмингтон, Делавер, па затоа и се вика така – Вилмингтон.
И сега што се случува? Ги имаме луѓето од истокот што сакаат набрзина да направат пари. Тука е пронајдено злато во 1849 и така тргнала приказната со „Западот“ – со златната треска. Значи, по оваа долга историја со Шпанија, а потоа и Мексико, да не го заборавиме Мексико – Мексико добива независност од Шпанија во 1808 и тогаш Сан Педро станува град. Можеле да донесат дрва со кои се граделе куќите. Имале план да ја украдат водата од Норт Вали. Има еден филм по име Кинеска Четврт, за тоа ќе зборувам подоцна. Но, уште една од работите што се случуваат се рибарите. Онаа идеја за користење на туна во сендвичите. Во тоа време туната била само храна за мачки. Јапонците не ја јаделе, сиромашните во Европа не јаделе, јаделе сардини и инчуни. И одеднаш луѓето се прашале: „Зошто да не ја јадеме? Стави мајонез и добиваш туна салата“. Знам дека звучи ретардирано, но не го правеле тоа. Но, кога еднаш започнале да ја јадат едноставно се раширило. Овде во Сан Педро е измислена туна индустријата.
На пример, Словените овде се најмногу од Далмација и тоа од островот Вис. Ловеле риба. Дури и го знам семејството – Маришиќ. Сите се некако поврзани со кланот Маришиќ. Всушност има два големи града на Вис. Едниот е Вис, а другиот е Комижа. Се разбира дека не се сакале многу. Но исто така во тоа време, а зборуваме за раниот 18 век, пред нив првите морепловци биле пак Скандинавци, сега веќе не се бават со тоа, сега повеќе тоа повеќе го прават Филипинците. Но, во тоа време имало многу Норвежани и Швеѓани кои дошле во градот, тие биле главни на бродовите кои не биле многу ефикасни, носеле товар, најмногу дрвја. Но, погонот им бил едра и пареа во комбинација. Тоа е време на транзиција. Целиот брег бил природно пристаниште. Морале да ги „паркираат“ бродовите директно на брегот, сум видел слики, изгледаат како бродолом, било сјебано.
Знаете за Рокфелер, за Карнеги? Америка била земја на „барони разбојници“, она нивната – Ќе ја поседувам целата нафта, ќе го поседувам сиот челик, ќе ги поседувам сите железници. Полни сме со многу вакви ликови. Нашето копиле се вика Хатингтон, тој сакал пристаништето да биде во Санта Моника бидејќи купил многу земја таму. Имало кондуктер што работел на неговата железница, не ја поседувал железницата туку бил само обичен кондуктер, ама почнал да купува мали делови земја во Сан Педро.
Рекол: Имаме цел град што треба да ни го направи пристаништето.  Се ослободил од железницата. Овој тип се вика Џорџ Х Пек. Градот Лос Анџелес нé анексирал, па така сме станале дел од Лос Анџелес, донеле камења од Каталина и изградиле насип. Изградиле огромен ѕид, Оринџ Каунти, Палас Верди… изградиле ѕид за нас тука во Лонг Бич, направиле дупка во него, тоа е наречено Angel’s Gate. Таму го веслам кајакот во вторници, четвртоци и саботи.

MW@MKC

Дали е вистина дека во моментов во Сан Педро живеат повеќе луѓе од Вис отколку на самиот остров Вис?
Апсолутно. Кога првпат дојдов тука од Вирџинија, ја побарав на мапа Југославија и видов каде е Педро. Се прашував како го нашле местово. Имало семејна врска.

Ја спомна Југославија. Што Хрватите од Педро тогаш мислеа за неа? Свириш со двајца хрвати – Pete Mazich и Jerry Trebotic.
Ги има два типа. Всушност, дури и имаме две „Хали“. Ќе ти го кажам развојот. Доаѓале во два брана. Првите Словени дошле по Првата Светска Војна, кога паѓа Австоунгарија. Мајка му на Mazich доаѓа од градот Ријека, а таму има и дел Италијани. Сè е измешано. Тие биле на губитничката страна, биле со Турците и Германците и се отцепиле, но немало работа за нив, поради тоа многу Хрвати дошле во дваесеттите и триесеттите. Основале Хала наречена Југословенска хала, таму правеле забави и танцувале.
Потоа доаѓа Втората светска војна. Во меѓувреме се создала друга земја од Лигата на Нации, мислам дека се случило на следниов начин: Кралот отишол во Лондон и седел во хотел, се криел, некои од луѓето се приклучиле на нацистите, на пример усташите. А човекот кој ги избркал нацистите бил Тито, тој создава нова Југославија. И тогаш почнува вториот бран на луѓе кои се доселуваат. На крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите, бегале од комунизмот. Првиот бран сè уште имаат семејства во Хрватска. Во седумдесеттите тука се случува движење и се основа посебена „хала“ –  Хрватска хала. Хрватска не постои во тоа време, постои друга земја во која живеат нивните браќа и тие не сакаат да бидат дел од тоа лудило.
Кога сè се сруши во 1991, оваа вторава група не можела повеќе да ја викаат својота „хала“ – Југословенско-американска хала, а не им се допаѓало името Хрватска Хала, па ја нарекле Далматинско-американска хала. Значи да, сè уште постојат разлики. Pete Mazich отсвирел многу свирки во тие хали во седумдесеттите и осумдесеттите и морал да се справува со вакви работи. За луѓето тука работите се многу поапстрактни, тие не размислуваат за луѓето што живеат таму, но тука можат да бидат гласни.
Тоа ме потсетува на еден лик од осумдесеттите што собираше пари за ИРА, за да купат оружје. Но ако зборуваш со твоите ирски пријатели, ИРА нема баш добра репутација. За нив тие се гангстери.
И уште една интересна работа за Пит. Тој е посвоен, оттаму му е црвената коса, во основа, тој е Ирец, но, зборува хрватски, ја знае културата, ја знае музиката, прекрасен човек. Но кога ќе претераш, кога сакаш да уништиш еден народ поради крв, треба да се подразмислиш. Глупаво е. И со тоа Пит требал да се справува. Повеќето од луѓето не го разбираа тоа, освен Југословените. Кога доаѓаш во САД, сите очекуваат да се откажеш од минатото. Ова е цел нов свет. Надвор од таа заедница никој не сфаќаше што се случува. јас малку разбирав. 

Што зборуваа американците за комунизмот во во тоа време? Што слушаше ти?
Постарите тврдеа дека постои разлика меѓу Советите и Тито. За нас поголема работа беше Виетнам. Русите секогаш беа поврзани со ракети. Сите избори се вртеа околу ракети. Но од друга страна беа Виетнам и Кина. А видете што се случи со Кина. Одеднаш ни станаа пријатели. Повеќето луѓе во Америка не ја знаеја разликата помеѓу комунистите.

На турнеја сте со чесите Už jsme doma, кој кога се основаа беа чехословачки бенд.
Не ги знаев сè до турнејава, слушнав дека се активни веќе 30 години.

Кој ве спои, дали тоа беше Макарио?
Да, Макарио.

Кога веќе го спомнавме Макарио, зошто го ангажираше како букер, возач, менаџер на турнеи, знаејќи дека е one man show? Во повеќето случаи луѓето како тебе, панк легенди избираат попознати агенти.
Најпрвин ни организираше концерт во Париз. Потоа и европска турнеја. На турнејата сфатив дека свирам на места на кои не сум свирел досега. Порано имав 25 години агент од Холандија. Ми рече дека со години пробувал да организира концерт во Романија, а Макарио ми организираше 3 концерти во Романија. Сцената е променета. Макарио е повеќе дел од новата сцена. Работите се менуваат. Макарио имаше контакти кои ми требаа. Порано немаше шанси да направам турнеја во Јужен Балкан, Макарио ми го овозможи тоа, па си реков дека ќе му дадам уште една шанса, да пробаме во Северна Европа, морав да ја живнам работата. Ми требаат шест турнеи од една плоча. Ми рече дека нашол бенд од Чешка, кој свири веќе 30 години и дека е добра идеја да одиме на турнеја заедно.

MWtour2015

Познат си по многу соработки. Зошто е тоа така? Зошто луѓето сакаат да соработуваат со тебе?
Сакам да го правам тоа. А поради интернетот сега е лесно да се направи тоа. Порано мораше да бидеш заедно во иста просторија, тешко беше, денес е многу полесно да направиш контакт. Денес поголем проблем е да направиш добра соработка, но мислам дека вреди да се проба. Секогаш е тешко, но ризикував. На едно ниво, сметам дека му должам на движењето, поради тоа што ми овозможи да го правам ова. Се трудам работите да ги правам едноставно. Знаеш она: Зошто кучето си ги лиже јајцата? Бидејќи му се може. Во ред не е баш така, но…

Дали денес Missingmen е твојот главен бенд?
Не. Missingmen е бенд што го составив за да ја реализирам Третата опера. Кога D. Boon загина го направив Firehose. Се некако ми се чинеше дека од Ед барам да прави музика која можеби не сака да ја прави. Потоа решив дека секој мој нов бенд ќе биде дел од проект за никој да не се чувствува обврзан. Missingmen го составив за Третата опера, како што Secondman ги составив за Втората опера. Би рекол дека моите две основни трија се Missingmen и Secondmen. Но, не би рекол дека Missingmen е повеќе мој бенд од Secondman, бидејќи Secondmen се момци од Педро. И двата се добри, иако се работи за две различни работи. Трио со органа секогаш ќе биде различно од трио со гитара. Трио со органа и тапани е различно од трио со гитара и тапани.

Инспирацијата за Третата опера – Hyphenated-man се сликите на Hieronymus Bosch. Од каде идејата да работиш панк опери?
Има една плоча од The Who, а на неа песна што се вика Quick One While He’s Away, така ја добив идејата. Работата беше како да се справам со тоа што Бун загина, немав напишано ниту една песна за тоа, морав да се справам со ова. Кога дојде до тоа, ја искористив приказната на татко ми во морнарицата како метафора, но не можев да останам ма само една напишана песна, имаше премногу теми. Тоа е како да го сведеш животот на Minutemen во еден ден, морав да напишам повеќе песни па решив да ги спојам во една голема песна. Кога почнав да пишувам сфатив дека ќе има тажен крај. Ди Бун загинува, поминуваат 14 месеци.
Не можев веќе да одам на турнеја, решив да ја напишам втората, за мојата мачка. Имав мачор 15 години, многу го сакав. Никогаш не го крстив, како мал го викав Boy, кога порасна го викав Man. И тој умре. Си реков, не можам да пишувам уште една опера за тоа како некој умира. Во тоа време се разболев и за малку ќе умрев, тоа беше пред 15 години. Втората опера ја напишав за тоа – како преживеав, па затоа имаше среќен крај.
Третата опера дојде многу чудно. Двајца момци, Кит и Тим,  сакаа да направат документарец за Minuteman. Беа толку млади што никогаш не ги гледале Minutemen. Ме замолија да зборувам за бендот, да ги возам наоколу и да им раскажувам за работите. Така почнав повторно да ги слушам нашите песни. Си реков, не можам да ги крадам Ди Бун и Џорџи, како да го направам тоа без да бидам кретен?
Во тоа време, бев со Stooges во Мадрид, а таму се слави 400-годишнина на Сервантес, свиревме на некој фестивал, веднаш до музејот Прадо. Таму налетав на Хиеронимус Бош. Отпрвин не можев да го најдам бидејќи не го викаат така. Го викаат Ел Боско, како Ел Греко. Го најдов конечно Ел Боско. А ти кажав дека како мал ја сакав вселената, астронаути, космонаути и диносауруси. Во тие енциклопедии налетав на тип што ми се допадна, сликар по име Бош, го знаев само од сликите во енциклопедиите. Кога ги видов тие дела во живо – Градина на насладата, Воз со сено, Поклонение на мудреците, Искушение на Св. Антониј, Седумте смртни грева и Хирургот на каменот… човекот сликал директно на дрво, тогаш почнав да размислувам за Minitemen. Си реков, гледај што правел Бош, земал многу мали работи за да работи на една голема, си реков – така можам да го направам повторно тој стар стил на музика. можам да користам паралела на животот на татко ми во морнарицата за да зборувам за работи за кои Minitemen не би зборувале бидејќи бевме премлади. Тоа го земав како либрето. Си реков – Ди Бун, Џорџи и јас не би пишувале за ова, бидејќи не го правите тоа кога сте млади. Ќе го направам либретото за Средниот век, ќе користам слики од Бош и ќе го вметнам останатото – Дороти и Волшебникот од Оз. Ми беше трипозно во филмовите како таа гледа на тоа што луѓето прават за да бидат луѓе, Плашилото, Лимениот Човек, Летечките мајмуни, Човекот зад завесата. Сето тоа влезе во Третата опера.
Том Вотсон, гитаристот, има врска со тоа минато. Го знаеше Ди Бун, беа добри пријатели. Ди Бун и јас имавме издавачка куќа – New Alliance, ги издадовме Slovenly, каде беше и Том Вотсон, тој е врската со минатото. Раул Моралес е тапанар од сцената која се разви во 90-те во Педро, а за која јас немав поим. Толку време поминував на турнеи што немав поим дека 20 години подоцна во мојот град се развила панк сцена, а Раул Моралес беше дел од неа. Токму заради тоа нив двајца ги повикав за да ми помогнат да ја направиме Третата опера.
Демото со 30-те дела му го дадов на Том, а Раул го замолив да направи ритам. Ни на едниот од нив не им дозволив да го слушнат басот, сè што знаеа се гитарата и тапанот. Направивме турнеја на која воопшто не ги свиревме песните, освен на бродот. Тоа беше последната подготовка. За време на турнејата влеговме во студиото на Tony Maimone – Studio G. Тој е басист во Pere Ubu, бенд што го гледав на Modern Dance турнеата во 1978-та, ме растури. Таму ги снимивме тапаните и гитарата, следната година во Бруклин го снимив басот и им го дадов материјалот на Том и Раул за да го научат. Првата турнеја ја направивме во Јапонија, беше тешко да се склопат сите тие делови. Но, веќе ги имавме во главите, а сега одиме на шесттата и последна турнеја.
Можам да кажам дека имам среќа што свирам со добри момци. И Missingmen и Secondmen, сè се тоа добри момци.

Кажи ми за процесот. Како правиш песни? Дали правиш сесии? Или само така излегуваат? Дали имаш во глава што ќе биде песната?
Почнувам од насловот и после тоа се што правиш, музиката, зборовите, мора да придонесуваат на насловот. Тоа ми дава фокус. Кога зборувам со луѓето ми викаат дека насловот е последното нешто што го ставаат. Кај мене тоа е обратно. Во минатото имаше касети. Го носиш басот и свириш, за да не ја заборавиш линијата. Повеќето од работата на Minutemen беше да ги средиме тапаните, бидејќи јас и Ди Бун веднаш ги смислувавме гитарата и басот. Кога го изгубив него, продолжив да работам на ист начин, но денес не користам касети, правам сесии со ProTools. Лесно се забораваат работите. А јас знам да читам музика, но многу сум бавен во тоа и не можам да ја пишувам, подобро ми е да имам звучен фајл, така работам денес. На некој начин, пробувам да направам филм, да раскажам приказна. И затоа насловот ми е многу важен.

Фасциниран сум од твојата веб страница, имаш дневници од турнеи, радио емисии, сите твои активности од минатото, скорешни активности, фасцинантно е. Зошто мислиш дека е важно да се документираш себеси?
Тоа би го нарекол етика. Етика која доаѓа од панк движењето и фанзин културата. За мене интернетот е совршен начин да се одржи етиката на фанзин културата што е слично на свирките – нема посредник, нема филтер, нема ништо помеѓу тебе и другите „мачори“. Затоа се згрозувам кога фејкерите ги оставаат другите да им бидат посредници. Ако ме прашуваш, тоа е како стара навика, оттаму потекнувам. Новата технологија ти овозможува да го работиш тоа поекономично и да допреш до повеќе луѓе. Но во основа тоа е исто како и фанзините, дневниците се како терапија, да не се изгубиш за време на турнеја. Но, имаат и друга цел, сакам младите да се заинтересираат и да добијат информации од прва рака, ако видат како едно старо магаре патува наоколу, можеби и тие ќе почнат.

Гледам дека си добар во документирање на сопствениот живот, дали знаеш колку свирки си имал досега?
Работата со свирките е што испаруваат во воздух. Па немам листа на сите.

Веројатно се илјадници?
Свирките се чудна работа. Тие се 99,99% човечко музичко искуство. Идејата за ставање и продавање на музиката на медиум е само 100 години стара, тоа е само момент во човечката историја. Концертите се начин да им ја вратиш музиката на луѓето.

Мислам дека имаме повеќе од доволно материјал за ова интервју, но сакам да ти поставам уште едно прашање. Што ќе правиш денес, малку е рано во Педро сега.
Станувам многу рано. Легнувам во 7, во 8, па се будам во 4. Сабајле веќе бев до океанот. Секогаш одам да ги проверам гуските и патките, има и неколку чапји кои почнаа да прават гнезда, пробуваат да ги импресионираат дамите со најубавите стапчиња, па го проверувам тоа, Педро е чудно место. Ние сме индустриско пристаниште, но исто така сме блиску до океанот па имаме и карпи и многу природа, па го користам тоа. Исто така, рано наутро можам да бидам крал на градот, ги среќавам луѓето кога излегуваат на улица. Јас сум ранобуден мачор, сам си правам храна. Но, прво што морам да направам е да се измочам, понекогаш мочам и по неколку пати во текот на ноќта, тешко се држи мочката кога си постар. Потоа спремам храна и излегувам во град да проверам што се случува, го гледам изгрејсонцето. Нашиот град е свртен кон исток, овде немаме зајдисонца, ние сме на западниот брег, но свртени сме кон исток, тоа еден чуден трик на географијата. После ова интервју одам на проба, бидејќи снимаме песна за заеднички 7-инчен сингл. Вечер треба да ја снимиме, се надевам дека ќе ја завршиме до 19 часот.

Ќе ни отсвириш ли нешто на мене и на Саша, пред да се збогуваме.
Секако.


Ти благодарам…
…ова беше тема од ТВ серијата од времето кога бев дете, се вика The Wild Wild West. Оваа бас линија ја направила жена – Керол Кеј.

А кога се враќаш тука на Дивиот Див Исток, Грга те чека.
Би сакал да дојдам со Secondmen.

 

 

фотографии: Skype, Hootpage, Зденко Петровски, tour poster
превод: Благоја Бошковски Буцко