Сакаме да мислиме и да играме во исто време

Интервју со Vincent Bertholet / Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp

За маримба, дадаизмот и Африка, за банкарите и уметниците, за мислењето и играњето, за Швајцарија и Македонија позборувавме со Vincent Bertholet, гитаристот на Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp.

MD.1

Дадаистот Marcel Duchamp како име за бенд. Orchestre Tout Puissant (Моќниот оркестар) пред името. Која е причината за тие референци?
Orchestre Tout Puissant Konono n°1, OTP Polirytmo… тоа се вообичаени имиња за оркестри/бендови во Западна Африка, наспроти концептуалното уметничко движење како дадаизмот. Тоа е токму она што сакаме да го постигнеме со групава, да мислиме и да играме во исто време.

Да мислиш и да играш” е одличен концепт. Каде би требало да води мислењето? Дали се сметате за политички бенд и што политиката претставува за вас?
Пред сé, сакам да ти кажам дека ова е мое лично мислење. Нашата група има 6 членови а тоа се 6 различни политички сензибилитети (помалку или повеќе, знаејќи дека немаме десничари во бендот). Сé е политика, така да и ние сме политички бенд. Но, не во смисол на фрази туку повеќе како начин на свирење и живеење.  Не ни е важно да свириме само по сквотови или алтернативни места. Во минатото, со моите поранешни бендови го правевме тоа и од денешна перспектива тоа ми е малку наивно, да го имаш чувството дека живееш во некој затворен свет. Сакам да среќавам луѓе и тоа различни од мене. Значи, и денес свириме по сквотови но и по големи фестивали каде што некои луѓе ќе не видат по првпат и ќе видат дека постојат и бендови кои свират малку поинаку од вообичаениот “гитара-бас-тапани” начин, или пак електронски… во исто време големите клубови и фестивали за мене се начин да заработам некои пари затоа што музиката е мојата главна активност. Се согласувам дека мислењето и играњето се одличен концепт. Сакам да се забавувам, да пијам, да пушам, да играм, но нема никогаш за заборавам дека живееме во заебан свет кој станува сé полош и полош. Морам да се забавувам за да пронајдам енергија која ќе го смени светот. Не смееме да останеме пасивни.

Очигледно е дека сте многу инспирирани од aфриканската музика. Од каде дојде тоа влијание?
Африканското влијание е најмногу поради The Ex а можеби и повеќе поради Dog Faced Hermans. Овие бендови ми ги отворија ушите за нова музика: етно, free jazz, импровизаторска… во секој случај, aфриканската музика е наше големо влијание, но не повеќе од панкот, џезот, краутот, фолкот, нојзот, попот…

Ги спомна Dog Faced Hermans. Која е вашата врска со нив освен влијанијата?
Dog Faced Hermans се групата која ми го смени животот. Откако ги гледав за првпат како 20-годишник почнав да ја слушам и разбирам музиката поинаку. Да свириш со нивниот тапанар Wilf Plum денес е дефинитивно остварување на стар сон.

Маримбата не е често користен инструмент во алтернативната музика а вашиот звук се базира прилично на неа. Од каде таа идеја? Дали некој од вас е музичар со класично образование?
Кога го почнав бендот сакав тоа да биде рок бенд со маримба. Така дојде Anne, моја блиска другарка која беше нашата прва маримба свирачка. Исто како и Aida која сега свири на маримба во бендот имаше класично образование како перкусионистка. Но само тие две, другите сме горе-доле самоуки.

Се зборува дека некој од вашата група е поврзан со балетот и современиот танц. Дали интеракцијата помеѓу различните уметности е битна за вас?
Да, Aida која свири маримба е поврзана со современиот танц (како и Anne пред неа), но никој не е поврзан со балетот. Секако дека  ни е многу битна поврзаноста помеѓу различните уметнички правци и категории.

Вашата постава е интернационална но вашата база е Швајцарија, поточно Женева. Зошто, знаејќи дека е полна со валкано богати  банкари?
Оваа група започна со “white card” (свири-што-сакаш концепт) кој ни го понуди Cave 12, клуб од Женева кој во тоа време се наоѓаше во Rhino сквотот. Тогаш сите ние живеевме во Женева, така да не ја избравме Швајцарија туку едноставно тука почна бендот и сé уште тоа е наша база. Оттогаш, некои наши членови се селеа од тука, луѓе од други градови доаѓаа… така да никогаш не сме имале намера да бидеме интернационални или швајцарски. Ние едноставно среќаваме фини луѓе, и тие свират со нас или не. Живеам тука веќе 15 години и сé уште немам запознаено ниту еден банкар. Во градов има неколку делови, на пример богат каде што не познавам никого или на пример алтернативен културен дел во кој што сум многу инволвиран.

John Parish го продуцираше вашиот последен албум. Од каде сега тоа? Не беше ли прескап за diy група како вас? Како беше да се работи со него?
Сакавме да работиме со продуцент на новата плоча затоа што не можевме сами да извадиме добра продукција. Знаеме да свириме добро во живо, но студио е сосем поинаква приказна. На времето понекогаш свирев со Raphelson , фолк артист од Лозана кој е стар пријател на Џон Периш. Тој го праша дали е слободен и заинтересиран за соработка со нас и Џон се согласи. Едноставна пријателска приказна. Тој беше првиот продуцент кој прифати, а вториот што го прашавме (John Mac Entire не прифати соработка). Беше прекрасно да се работи со Џон затоа што тој е многу пријатна и дарежлива личност, знае како да го извади најдоброто од секого. За мене лично, тоа беше моето најдобро студиско искуство до сега. Се разбира дека беше прилично скапо, но во Швајцарија има многу субвенции за алтернативни бендови. И покрај тоа што ние доаѓаме од сквот движењето (сé уште свириме по сквотови) не би било фер да кажеме дека сме целосно DIY, затоа што добиваме многу пари за снимања и турнеи од градот и државата уште од нашите почетоци. Ние сме DIY во начинот како го водиме бендот, работејќи со луѓе кои ние ги бираме, претежно пријатели.

Значи, Швајцарската влада дава субвенции за алтернативни бендови. Можеш ли да ми го објасниш процесот на апликација? Што треба да направиш за да ги добиеш тие пари? Кој кого контактира? Какви обрски имаат двете страни после договорот?
Многу е едноставно. Бендот бара помош, пополнува формулар со доста прашања и најчесто добиваш пари. Ако помошта е за снимање треба тоа да го напоменеш во изданието, но ако е за турнеја нема потреба од тоа. Сé што треба е да ги оправдаш трошоците што ќе ти ги покријат. Тоа ни помага да ги покриеме финансиски турнеите или пак да го платиме John Parish да нé продуцира. За нас субвенциите доаѓаат од градот Женева , кој ги има еден од најголемите буџети за култура во Европа, кантонот Женева и Министерството за култура.

Која е владеачката партија во моментов во Швајцарија? Која партија беше на власт која вие ги добивте субвенциите за вашиот последен албум?
Јас сум Французин, па затоа не ја познавам многу добро швајцарската политика, но сепак ќе се обидам. Швајцарската влада се базира на консензус на 7 места поделени помеѓу најголемите партии. Тие се бираат од федералните пленуми кои се избрани од гласачите. Во моментов, а и во последниве 15 години откога живеам тука, во владата доминираат десничарите. Исто е и со кантонот Женева. Сепак, најголема поддршка добиваме од градот Женева со кој владее лева коалиција.  Тие одвојуваат многу пари за културата генерално, па така и за алтернативната. Дури и сквотот во кој почнавме беше спонзориран од градот. Кога сопственикот на зградата сакаше да ја продаде а со тоа и да го затвори сквотот, градот сакаше да ја купи зградата но сопственикот тоа го одби. После тоа следеше затворање по што луѓето од сквотот вложија многу енергија за да добијат ново место. Многу протести, акции, состаноци се одржаа… и тоа вроди со плод. Градот, со помош од кантонот Женева одвои 1 милион швајцарски франци за да се купи нова зграда. Тоа на многу места е незамисливо. Ние лично ги познаваме избраните пратеници а не ретко ги среќаваме и на концерти. Можеме да дискутираме слободно со нив. Многу е различно од францускиот политички свет, кралевите и нивните замоци.

Која е приказната позади името на вашиот нов албум “ Rotorotor” ?
Toa е игра на зборови од роторелјефите кои Marcel Duchamp ги правел, како и неговата љубов кон палиндромите.

Кои се вестите за Македонија кои доаѓаат до тебе во последно време?
Слушнав дека 8 полицајци се убиени на границата со Косово и дека ситуацијата кај вас не е баш најмирна.

Тоа се случи во Куманово, близу Скопје каде што ќе свирите. Но, не се грижи, ситуацијата е мирна сега. Најискрено, што мисли просечниот Швајцарец/ка за Македонија/Балканот?
Многу повеќе знаеме за Косово бидејќи тука постои голема албанска заедница. Постои голем расизам од страна на швајцарците кон нив. Просечното мислење е дека имаше голем хаос во минатото, но дека во последно време сето тоа се смирува. Сега е лесно да одиш на одмор на Балканот, многу се промени после војните. Лично имам многу пријатели од Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна, 50% од жителите на Женева се странци, но никогаш не сме зборувале за војните и за сите тие тажни приказни. Постои некој чуден молк околу тие теми. Mael, нашиот гитарист свиреше еднаш во Македонија со неговиот поранешен бенд Macze de Karpat. Ни зборуваше малку за вашата земја, добри работи. Пресреќни сме дека ќе дојдеме да свириме кај вас и ќе можеме да ве сретнеме.

Задоволството е наше. Ти благодарам за интервјуто и се гледаме на 7-ми јуни на Здраво Млади.