Амброз

Into The Endless Void

На залезот на својата прва декада постоење скопскиот метал состав Амброз започна со работа на своето дебитантско ЛП, кое излезе пред неколку дена – со што влегоа во својата втора деценија постоење растоварени од багажот што го влечат шестмината сегашни, а барем уште толку поранешни членови на Амброз низ годините.

Материјалот ова ЛП, наречено Into The Endless Void претставува збир „најлепших хитова“ на Амброз низ годините на концертна активност и претставува подарок за верната публика, која ионака нема да најде нешто ново на оваа плоча. Сепак и покрај овие околности, албумот звучи кохерентно и сите песни кои се пишувани распрскано низ декадава звучат како делчиња од еден мозаик зацртан пред десетина години – тие се поддржуваат и надополнуваат формирајќи ја приказната за падот и подемот на вечно прогонетиот ангел Амброз.

A

Како што веќе (веројатно) претпоставувате Into The Endless Void e концептуален албум – и може да се подели на две тематски целини од по 4 песни (или ако повеќе милувате – А и Б страна). Првиот дел текстуално се бави со падот на Амброз, на инструментална подлога која низ четирите песни цело време ги вклучува сите главни играчи – две ритам гитари, бас, тапани и клавијатура. Дури и вокалот во најголем дел е интегриран во целата маса и нема некоја особена водечка фунција. Целиот дел остава со чувство на бетонски блок кој ве удира во слезина. Повремени излети во клавијатурско „рифување“ даваат чувство на некоја недоразвиена мелодија која пробува да се пробие низ ритам секцијата. Eternal Persecution ни ја покажуваа онаа интеракција меѓу гитарски рифови и клавијатурски фигури кои се најважниот стилски елемент во звукот на Амброз.

Вториот дел почнува со Torture (позната и како Torture in torture) која уште во првите неколку секунди ја најавува рифовски интерактивната Б страна. Во овој дел се намалува чувството за блоковски единствена текстура, на сметка на индивидуални делови сплотени во звучен мозаик. Во вториот дел може да се воочи и тематска зависност на композициите, каде реченици од една песна звучат како елаборација на мотиви кои биле претходно чуени. Со ова веќе е јасна и големата слика на албумот – првата страна обединета во текстурно единство, втората во тематско единство. Интелигентен и луциден концепт кој станува појасен со секое наредно слушање.

Од технички аспект албумот е направен професионално, со чист и прегледен микс и со современ (читај: гласен) мастеринг, на кој и не сум баш љубител, ама секако се вклопува во естетиката на она што денес претставува метал музика. Интересно е да се напомене дека цедето доаѓа во невообичен формат – дигипак со интегриран буклет.

Продукцијата и постпродукцијата се дело на Иван Јамандиловски, додека дизајнот е изработен од Дамјан Клинчаревски. На оваа плоча се наоѓаат 36 минути музика.

Е па, со среќа нека ви е, за десет години уште едно, а?