Иреверзибилниот варваризам на времето кое нема кој да го мери

Кон „Бакхи – Краток преглед на распадот“ во продукција на Народен театар од Битола во режија на Игор Вук Торбица

По Бакхи – краток преглед на распадот од Еврипид

Режија Игор Вук Торбица

Играат: ДИОНИС Маја Андоновска – Илијевски ПЕНТЕЈ Огнен Дранговски ТЕЈРЕСИЈА Соња Михајлова КАДМО Иван Јерчиќ АГАВА Илина Чоревска ГЛАСНИКОТ Мартин Мирчевски СЛУГАТА Васко Мавровски ХОРОВОДЕЦОТ Викторија Степановска – Јанкуловска ХОРОТ НА БАКХИТЕ Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска, Анастазија Христовска

Продукција Народен театар Битола

Ова поднебје случајно се наоѓа под Китајрон, под планината чија сенка не не освежува туку ни го сопира виделото. Оттаму се симнуваат суштества со змии наместо коси и со криптирани синтагми во говорот (или подобро криците) и се закануваат да ни ја девастираат цивилизацијата, да ни го прегазат идентитетот и да ни наметнат експатријација. „Идентитетот е низа проблеми“, вели Хоровотката во првиот дел од Бакхите кои носат морници и јад. Далеку од бунтовноста на Еврипид кој го растура веќе поставениот трагедиски и митски „симулакрум“ и го премавнува Deus ax machine појавувајќи го Дионис на самиот почеток од неговата трагедија, тој оваа „трагедија“ ја доведува жанровски во прашање.

Тоа прашање во извесна структурална смисла е подземно поврзано со претставата на Игор Вук Торбица. Наметнувајќи една, би рекол, синкретична иреверзибилност, овој режисер понира во таа митски и семантички непозната гама од која додека гледате ви се чини дека тешко  ќе излезе, а да не не попрска со крв. Неговата режија во ова читање има еден архаичен мирис на парабола. Парабола како стилска суштественост која секогаш се враќа онаму од каде што тргнала. Буркхарт Линднер говорејќи за еден од најмаркантните романи на Петер Вајс „Естетика на отпорот“ вели дека е тоа „халуциноген реализам“. Мошне сигнификантна забелешка која се наметнува додека дејствието на оваа претстава од прологот каде Хоровотката (Викторија Степановска Јанкуловска) многу конкретно нè прашува за важни нешта во нашиот интимен животен контекст префрлувајќи се на идентитетот кој како „низа на проблеми“ овде и сега станува камен на сопнување, а не некаква гордост или збир од традиционални склопови од кои црпиме гести, мимики, говорни партитури, сепство итн. Цел тој збир во првиот  дел кој совршено кореспондира со тој „халициноген реализам“ е модифициран во вечера каде сакале или не целото тоа „наметнато“ семејство ја јаде главата на Пентеј. Заедно со Агава. И со Тејресија. Така ни се причинува во исто време додека ја имаме свеста за сижето на Еврипидовите „Бакхи“. Таа мисла пролетува низ главата иако употребувајќи ја излитенара фраза „пост-модернистички“ сепак ќе се задржам на режискиот конгломерат од фундаментално оргзнизирани знаци и ситуцаии. Игор Вук Торбица ја има таа филозофска надмоќ да го перпетуира целиот „органон“ на дејствието и да ја постави таа иреверзибилност на едно феноменолошко ниво од кое враќање нема. Иднината во дисфункционалните односи каде матријархатот е бекство, а патријахралноста има корени во вкрстените силогизми ориентирани само во одредени прилики е вистинската подлога за да прекинеме да се пребројуваме затоа што како што преплашената Хоровотка вели: „Тие доаѓаат!“ Режисерот вечерата каде евентуално проблеснува признанието дека „Се има повеќе совест, а помалку талент!“ ја претвора во апсурдистичка расправа со вистинска цивилизациска предетерминираност на ликовите: Бабата (Тејресија), Мајката (Агава), Сестрата (хоровотката), Братот (гласникот), Таткото (Пентеј) и конечно тој вител од ригидна пристојност се претвора во неочекувана козмогоничка патетика вткаена во стиховите на Френк Синатра. Игор Торбица тука ја поставува првата и последна точка на таа парабола на тој „халуциноген реализам“ кој понатаму врие од крв и месо, материја која актерите совршено добро ја одигруваат.

Еврипид го прави она што со илјадници години подоцна многу едноставно го објаснува Мураками во своите романи, а тоа е дека човекот многу често се обидува да ја менаџира судбината на оние кои всушност нам треба да ни ја кројат судбината. Така Пентеј посегнува по Дионис како тој да е живо битие, но неговата духовна андрогиност е конечно вистинската причина зошто во тој втор дел режисерот многу детално и многу темелно се задржува на варваризмот. Многу лежерно, со голема умешност тој преминува кон  таа територија на варваризам преку стиховите на Еврипид кои излегуваат полека од сите членови на семејството почнувајќи од Братот (Гласникот). Џозеф М. Куци во „Чекајќи ги варварите“ во еден момент вели: „Еднаш, во секоја генерација, без исклучок постои една епизода на хистерија заради варваризмот“. Режисерот во таа хистерија влегува со систем, со добро обмислена партитура од каде заискруваат моменти кои остануваат во свеста на гледачот како прашања на кои одговорите се многу тешки. Во целата таа матрица тој ги вмрежува и емотивните лакмуси како што е тагата (трогателната Баварска приказна која ја раскажува Пентеј) и стравот и искушението и сладострастноста. Бакхите и во пролегомената на претставата, како и во нејзиниот зенит остануваат само како катализатори на тенденциите суштинските промени во цивилизациска смисла да се променат. Затоа Игор Торбица ги соочува огнот (на масата покрај Кадмо) и водата (во екстатичниот занес на Гласникот) свесно отворајќи го тој иреверзибилен тек на историјата и феноменологијата на настаните кои се внатре, во меморијата на сите смртни ликови во пиесата и тој повторно и повторно се задржува на варваризмот вообличен во сите опсцености и скатологии од страна на Бакхите како и неможноста него да го откинеме од своето духовно ткиво. Затоа оваа претстава има еден занесувачки мирис на таа парабола каде сите случувања, сите настани се враќаат таму од каде што тргнале.


Ф Александар Буневски

Два лика ја доминираат оваа исклучително интересна претстава: Пентеј и Дионис. Пентеј на Огнен Дранговски импонира со својата малициозна дефанзивност. Корпулентен актер кој како да седи на својот замашен физикус, но од друга страна многу умешно успева целата емотивна контитуција на изигран владетел да ја осовремени со својот би рекол, Пиранделовски однос. Овој квалификатив колку и да е општ, носи во себе едно воодушевување што овој актер рационалниот приод кон ликот успева да го окопни и да го фундира во својот талент и со напати лирски пасажи да изгради лик на современ фрагилен владетел со какви е полна старата дама Европа, а посебно овие „темни  вилаети“. Дранговски призвукот на Еврипидовиот стих го интензивира како емотивен набој од кој понатаму гради суптилен и интровертен лик со силна меланхолична нитка. Консеквентен во интерпретацијата, Пентеј на Огнен Дранговски е еден од најдоследните и најинтересните верзии на ово лик досега изведувани на овие простори. Едно од најимпактните откритија на оваа претстава е Дионис на Маја Андоновска – Илијеска. Режиски компримиран во „девојчиште“ кое се симнало од планина да им ги измеша односите на сите смртни овој лик во интерпретација на ова актерка е силен и одлично искомпониран. Цинизмот на Дионис кој претпоставувам дека и Еврипид (како автор кој прв навлегува во психолошки интерпретации на своите ликови) го конституирал како човечко битие носи еклатантно присуство кои го шири анемозитетот на ликовите кон него што актерите го изразуваат многу релевантно. Дизајнирана во племенски шмек, Дионис на Маја Андоновска – Илијеска го носи со себе целиот варваризам кој нам не ни е донесен од никаде, туку ние го имаме самите во себе и е прашање на време кога ќе го разбудиме и ќе си ја убиеме личноста. Оваа актерка гради волуминозна улога со исклучително широк дијапазон и восхитува со нејзиното присуство на сцената. Лежерноста кај овој Дионис повремено кулминира во тензија која пак,од друга страна сите Бакхи ја потенцираат и ја рашируваат како креативна ономатопеја од која застанува здивот. Маја Андоновска – Илијеска во оваа улога внесува зачин на лажна достага што Пентеј ја инкорпорира во вистинска достага и затоа овие два лика се два сенишни антиподи на времето кое нема иднина и кое навистина нема кој да го измери. Овој Дионис е една од  најубавите улоги на ова аактерка.

Визеулните компоненти на претставата совршено ги следат режисерските индиции така што и сценографијата на Валентин Светозарев и костимографијата на Благој Мицевски го говорат јазикот на целиот режиски концепт. Музичките делници и ефекти се случуваат на сцена, вомизведба на малдиот музичар Александар Димовски и тоа носи еден наслоен цинизам што задира во онтолошката природа на целата претстава. Тоа е една дистанца на која како гледачи се навраќаме, но многу контраверзно, тие ефекти и музички делови ни воспоставуваат симпатички мост кој перцептивно го користиме да се соживееме со малите емотивни четички или да го почувствуваме стравот кој во овој век е повеќе забава отколку релевантно чувство кое треба да предупреди.

„Бакхи“ плени со својата комплексност и со својата реминисцентна ектравагантност. Актерски компактна и режиски доследна до последниот атом, оваа претстава успева да ни го донесе оној варваризам пред носот кој ние како „обични смртници“ веќе не можеме да си го препознаеме. Сигнифкантна е сцената на погребувањето и на Богот и на Човекот на истото место каде што се јадело и се прославувало. Еросот и танатосот се само осцилирачки точки на целиот етос од кој црпиме искуство кое никогаш нема да ни потреба. Нашето животно искуство е парче од јалова духовност која лесно ја забораваме. Затоа „Бакхи – кратка хроника на еден распад“ е долга приказна каде „ние“ кога ќе се одлучиме да бидеме „смртни“, стануваме „беспредметни“, стануваме тема на нихилистичко препарирање на целото социјално иопштествено окружје и, за жал живееме комодитет од кој ни се гади и никогаш не сме нашле начин да си го признаеме тоа или, ако повторно го цитираме Џ.М. Куци „ние дневно постануваме само ѕверови, или едноставно се претвораме во машини.“ Секако, дека оваа комплексна и слоевита претстава станува еден вид на театарска студија за варваризмот или нихилизмот на дваесет и првиот век, за токсичната опсценост на хедонизмот и за страста која предизвикува болка, а не задоволство, но во исто време е и неизмерно вредна реликвија во Македонскиот театар. „Бакхи – кратка хроника на еден распад“ е извонреден продукциски потфат на Битолскиот театар, прекрасна претстава која е светлина на крајот од тунелот во чија темнина за жал е заглавен добар процент од целата македонска театарска продукција.