Исповедните пулсирања на невообичаеното себеоткривање

Кон „Годишните времиња“ на Јулијана Величковска во издание на ОНВ Публикации

Она што во психологијата се нарекува sense memory веројатно во уметноста се преформулира како „флеш бек“ и тоа е една, и по Фројд, а (иако подзаборавена за анализа) по другите психоаналтичари после него, изразна постапка со дискутабилен дискурс, но еклатантно привлечна посебно за писателите и филмските уметници. Јулијана Величковска во својот необичен роман „Годишни времиња“ импрегнира еден совршено вреквентен „флеш бек“ кој го компримира во едноставно патување со градски автобус. Во нашето секојдневно искуство, она најелементарното и нејнебулозното враќањето кон раната возраст (или кон минатиот живот воопшто) се манифестира преку некои мисловни одблесоци кои ги доживуваме токму во тие прилики: градски автобус, чекање во институција, чекање на некаква станица, осамување во парк итн. Она што вознесува во овој по многу нешта иновативен роман на Величковска е самиот кондензат на мајчинските односи натопени со еден емотивно добро фундиран традиционализам и архаика и провлечен во затапената сегашност која контаминира со врволица што ние би ја избегнале во првиот момент кога би можеле.

Авторката овие две наративни линии ги раскршува со неконвенционални форми во романот кои пак од друга страна се имплицитно опструирани од артистичните продукти на главно музички гиганти од типот на „Пинк Флојд“, „Нирвана“ итн. Таа мошне мудро импрегнирала и стихови, а и искршени прозни форми заради две причини: да ја оформи во најпровокативен облик таа реалистична небулоза и да ја натопи со анксиозност која пак, од друга страна ја црпи токму од рефлексиите кои се појавуваат кога дејстието го преместува во минатото и да ја опортунира целата таа метафилозофија на секојдневието со онаа животната, антиепикурејска која е исткаена од чувствени пасажи без хедонизам, но и без аскетство и опсценост. 

Романот „Годишни времиња“ во себе има компримиран материјал за повеќе од илјада страници. Читајќи го се наднесувате над бабичката и нејзината трогателна приказна и огромната жештина ве тера да го поттурнете автобусот затоа што можеби нема шанса да стигнете пешки дома, ја засакувате Марла исто онака како што младото девојче се обидува да ги допре сите форми на сексот, да ја глорифицира тактилноста исто како и симпатијата и платонската љубов. Но, во целата искршена нарација која повремено е во staccato, а повремено е Хесеовски долга и изразито дескриптивна, сите сегменти се систематски подредени и овој роман покрај иновативноста во себе го има и она што е (по мене) најголема придобивка – органиката. Наративниот процес во „Годишни времиња“ кореспондира и со другите родови (поезијата), но и со другите уметности (ликовната). Поетичноста во одредени места во романот е еден вид на книжевна тампон-зона колку и да звучи прозаично оваа формулација. Севкупната воспеаност на прозното четиво во овие исто така искршени (бели) стихови наоѓа една естетска оддишка која е исклучително продуктивна затоа што наведува на друг вид на промисла и не го релативизира она што е кажано претходно. Имено, стиховите од албумот „Темната страна на месечината “ на Пинк Флојд, поточно од нумерата „Оштетување“ како и стиховите од нумерата “Мајка“ од друг нивни албум, „Ѕид“ имплицира на своевидно испревртување и аналогија на темата мајка во трите случаи со Марла, додека во другите прозни пасажи урбаната поетичност ја демонстрираат стуштеноста на прашливата градска суровост споритвставена на лежерната и релаксирана природност во деловите посветени на минатото. 

Сепак, овој роман импонира и со својата флуктуалност и покрај намерната фрагментарност. Јулијана Величковска ги врамила сите грижливо одбрани дејствија во тоа патување со автобус каде годишните времиња се менуваат како што се менува телото и филозофијата на живеење на девојката. Овде ликовните решенија (цртежите) се инспириани од митски и од урбани теми. Пеперутки, птици, насмевки и автобус. Една книжевна жестокост која пред подолго време Хенри Милер ни ја сервираше со експлицитни сцени на секс во своите сексуси, нексуси и плексуси. Величковска во својата наративна конвергенција внесува и метафоричност и затоа овие цртежи се еден вид точка на „и“ и за време на дружењето со овој роман ги сметате за неопходни. 

 

 

Тешко е да се определи кои од современите автори го разбиле класичниот тековен наратив и го помешале со други родови  и уметнички изрази, но мене ми е уште потешко да употребам терминот „испреплетување“ иако, многу искрено тој термин ми се наметна после првите триесетина прочитани страници од романот. Прилично е тешко затоа што овој роман повремено можете да го прочитате и од назад кон напред, да почнете од средината кон почетокот или кон крајот, а можете да прочитате само еден дел и да си создадете своја приказна, но мислам дека тоа нема да ви оди лесно затоа што веднаш ќе посакате да го прочитате целиот. Зошто овие објаснувања? Романот „Годишни времиња“ има ротирачко-компулсивна структура. Зрачи со блага опсесивност која не само што повлекува, туку и инспирира и токму затоа го сметам за иновативен, за роман-обид да се пребираат други книжевни изрази и да се инкорпорираат во романескната структура. Така генерално најголемото структурално поместување, „флеш бекот“ станува главна литерарна моторика која естетски френетично му ја фрла в лице на читателот сета опортунистилка компонента инспирирана токму од компарациите на „тогаш“ и „сега“. 

„Годишни времиња“ има сочен вкус на заборавена архаика која авторката со голем напор се обидува да ја прекомпонира низ сеќавања и спомени. Токму на почетокот споменатиот sense memory e механизмот на артефизцијализирање на животните искуства , на нешто што во театарот ќе ве натера чисто симпатички да се расплачете и потоа да отворите теми со партнерот кои сте ги потиснале длабоко во себе, а во романот ќе ве натера да се јавите некому кому сте се зарекле дека никогаш нема да го побарате, да чукнете на вратата на оној со кого сте мислеле дека сте раскрстиле, или конечно да седнете и вие да напишете нешто. Затоа, овој роман има поливалентна хиперболичност – времето го сфаќа како интактна варијанта на љубовта, на неискажливиот флуид кој и авторката, а и сите ние секогаш се сомневаме дали е тоа љубов или не, дали е кошмар или можеби така требало да биде. Јулијана Величковска повремено се внесува во исповедната изразна форма, но како талентирана авторка своето кретивно кредо го сегментира токму низ експерименталниот инструментариум на ова многу инспиративно четиво. 

„Годишни времиња“ ни се менуваат во свеста, не како студ и жега, не како сон и јаве, туку како „ние и тие“, како специмени во цивилизациски галиматијас за кој како што преносно вели авторката – веројатно има уште надеж. Овој роман доживеал три изданија, по едно за секој сегмент – литерарниот, ликовниот и естетскиот, а сигурен сум дека ќе доживее уште многу посветени на другите негови апострофирања.