103-те албуми на Васко Атанасоски

[избор 50 – 26]

50. Boards Of Canada “Geogaddi” |2002|

boc

Постапокалиптична музика, се разбира направена од пророците на преживеаните. Овие врвни шкотски тумачи ми се имаат најдено многу пати во животот и тоа во битни моменти кога вистинските фрекфенции се единствен пат кон излезот.

 

49. Joy Division “Unknown pleasures” |1979|

01-444928

Групата која според мене е најзаслужна за македонскиот алтернативен музички израз од 80-тите кој ги изнедри Мизар, Анастасија, Тело-Наука совршена, Падот на Византија и Архангел. Добра година била 1979 за Џој Дивижн, ќе се покаже понатаму дека била и најдобра за нив. Веќе на 6 јануари имале фотосесија и проба. Врнело снег тој ден во предградијата на Манчестер а Тони Вилсон си ги триел рацете и ѓаволски се смешкал. Светот сè уште не бил свесен што ќе му се случи.

 

48. Liquid Liguid “s/t” |1981|

ll-ll

Убава колекција од сингловите на најдобриот њујоршки и светски бенд во 1983-та. Влијателни помеѓу тогашните и сегашните колеги, а тоа најмногу се рачуна, нели? Сè друго ми е некако без ритам и мелодија откако првпат ги слушнав овие песни направени во гужва и борба помеѓу облакодери и милиони луѓе од целиот свет.

 

47. Big Boys “Lullabies Help The brain grow” |1983|

bb-l

Прашајте било кој од светските инди глаучи од Сиетл, ДиСи, Лос Анџелес, Чикаго, Сан Франциско… за големиве момци од Тексас и одма сè станува појасно околу тоа кој е кој во волшебниот свет на музиката во 80-тите години од минатиот век.

 

46. Bad Brains “I against I“|1986|

bb

Најкрадениот бенд после Битлс! Редица од Ѓорче до Карпош 4 а меѓу обвинетите: Beastie Boys, Fugazi, Rage Against The Machine, Red Hot Chili Peppers, Faith No More, Soundgarden + сè што некогаш свирело hard core/punk… и така натаму до бесконечност. Секако, како што и обично бива во реалноста момциве едвај крпат крај со крај додека нивните „ученици“ живеат како бубрег во лој.

 

45. John Lennon “Acoustic” |2004|

jl-a

Во едно интервју чичко Џон му вика на светот: „Има луѓе кои ги објаснуваат песните, и луѓе кои ги прават“. Тоа е нашиот херој, тоа е човекот од нашето предградие, тоа е мајсторот за правење песни. И мртов е посилен од сите атентатори, министри и објаснувачи.

 

44. Dag Nasty “Wig out at Denkos” |1987|

dn-w

И така на почетокот на 00-тите ние глупите го сфативме значењето на плочава 15-ина години покасно, ама ќути не сме едни од тие кои го пропуштија возот.

 

43. Reagan Youth “Collection of rock classics” |1994|

ry

Им отворија очи на многумина ама не им се допадна тоа на сите. Нема везе, и така на крајот Рубинштајн станува Insurgent.

 

42. Miles Davis “Sketches from Spain” |1960|

mdsfs

Плоча во која што може да ужива дури и дунстер за џез и класика каков што сум јас. Ете, тоа е вистинска уметност… таа допира дури и до најтемните делови од мозокот без разлика колку и како го користите. Таа е нашиот остров. Фала.

 

41. Bob Mould “Workbook” |1989|

bm-w

Ја слушаш плочава и плачеш зошто Hüsker Dü се распаднаа.

 

40. Magnolia Electric Co. ‎”Fading Trails” |2006|

mec

Кога светот го изгуби Џејсон Молина на само 39 години беше повеќе од јасно дека сè полека ќе отиде во јабана. Дождот кој тој го повика сè уште паѓа.

 

39. French Toast “In a cave” |2005|

ft

Од нигде никаде дојде мал аматерски клуб и во 1/16 финале го победи актуелниот шампион. Така е тоа во спортот и уметноста драги мои другарчиња.

 

38. The Ex “Catch my shoe” |2010|

tex

Никој не очекуваше дека плочава ќе биде толку добра. Ова ти е како кога Пикси си отиде од Звезда и без него станаа европски шампиони. Јас некако длабоко во себе знаев дека сепак плочава ќе биде толку добра уште пред да излезе.

 

37. Minor Threat “Out of step” |1983|

mt

Еве го чичо Ијан, чичкото на милиони и милиони инди копиљаци низ светот меѓу кои спаѓа и чичко Васко па сега ти новопечено инди момче види колку е саатот кај нас у маало и зошто имаме толку Dischord плочи во колекцијата.

 

36. The Sound “Jeopardy” |1980|

s-j

Плоча длабока колку Атлантски океан, песни добри како тазе ајварче, лебче и сиренце. Вокалот е толку добар како кога ти е ладно и одеднаш некој те покрива со меко и топло ќебенце од чиста волна.

 

35. Мухарем Сербезовски „Зашто су ти косе побелеле друже“ |1984|

ms

Не му требаа борци за човекови права на сограѓанинов за да стигне до врвот. Уште со првата песна тој знаел дека е роден за големи нешта. Стихови и мелодии кои болат, ама убаво болат… токму така како што боли надежта и смислата на живеењето. Убаво бе брат, убаво.

 

34. Fela Kuti “Coffin for the head of state” |1981|

fk

Легенда се раѓа, и однапред знае дека приказната трае дур трае, ама што и да се случи таа приказна уште од почетокот е легендарна. А, крајот? Тој е за останатите!

 

33. Никола Бадев „Тешка беше нашата разделба“ |1987|

nb

И така си чекаше еден од најдобрите наши пејачи да му издадат нашиве албум, си чекаше и умре па на крајот Хрватите улетаа. Е, Македонијо, Македонијо… па како се однесуваш со душманите ако вака се однесуваш со твоите најголеми синови? Чекам некогаш да им текне на нашиве па од тоа 30-тината синглици расфрлани низ Југославија да му издадат неколку серии од дупли плочи па нека учат копиљациве како и зошто се пее.

 

32. Jones Very “New life for lies” |1992|

jv

Нема бегање, Вик Бонди е еден од моите најголеми влијанија затоа што ми се свиѓаат сите негови плочи од сите негови бендови. Оваа е една од неговите најдобри. Сумљив ми е само што седи у тоа Мајкрософт и си ги арчи најдобрите години за творење.

 

31. Mega City 4 “Who dares wins” |1990|

ms4

Носеа утеха на други а многу проблеми на себе. Доказ дека животот ретко кога игра по правилата на чесната игра.

 

30. Rites Of Spring “Rites Of Spring” |1985|

ros

И еве нè тука, се поклонуваме на првите кои избегаа од емо самицата.

 

29. Wipers “Over the edge” |1983|

w-o

После Џој Дивижн втор странски бенд чија музика дефинитивно би можела да настане во Скопје, а и звучи како да е така. Опасно бате е овој Грег Сејџ, опасно.

 

28. The John Coltrane Quartet ‎ “Africa / Brass” |1961|

tjcq

Дури и највисокиот свештеник бара помош од други кога ќе треба да се врати дома и да се соочи со она што не може да се смени за да разбере дека ќе мора да направи нешто ново, и се така до крајот на времето.

 

27. Grant Hart ‎”Intolerance” |1989|

gh

Ја слушаш плочава и плачеш зошто Hüsker Dü се распаднаа, втор дел.

 

26. Minutemen ‎”The Punch Line” |1981|

tm

Групата која никогаш не дозволи панкот да стане конзервативна музика и клуб на специјални луѓе. Имам чувство како Мајк Вот да е мој чичко од Влае и дека сè е во ред со нас.

 

 

[ п р о д о л ж у в а ]