Измамникот на нашата беневолентност

Кон „Тартиф“ на Молиер во продукција на „Театарот на Таганка“, Москва, во режија на Јуруј Муравицкиј

Новото видување на секогаш провокативниот драмски текст на Молиер „Тартиф“ се придружува на големите тенденции на режисерите да ги приближат главните ликови, жртви на Тартифовото измамништво кон него самиот, т.е. кон неговата структура на личноста. Режијата на Јуриј Муравицкиј, се чини, дека е еклатантна по тоа прашање. Но, целото тоа режиско пакување има едно доста неочекувано жанровско „бекство“ кое до крај ја оправдува математичката равенка во која Тартиф е дефинитивно еднаков со сите други ликови и дека катастрофата има подалекусежни размери во цивилизациска смисла.

Моделот „Тартиф“ или „измамник“ кој растура едно крајно „чесно“ и „домаќинско“ семејство и во име на духовната правичност им одзема сè, во оваа претстава е компримиран во една фарсична кутија каде клаустрофобијата избива како сатиричен крик задавен во целофанот на фамозната комедија дел арте. Не би сакал низ оваа формулација да бидам недоследен во моите анализи и само ќе истакнам дека најголемиот мотор на оваа (по многу нешта) иновативна претстава е певливата дистанца и стриповскиот манир на актерска игра. Ако воопшто постои таков актерски манир. Режисерот Муравицкиј уште на самиот почеток го истакнува Арлекинскиот комодитет на актерот кој ја најавува оваа распеана историја во која целиот реторичен тембр е високо позициониран. Така конгломератот од ликови делува „стриповски“ со карактери кои се онакви какви што се дадени без психолошки поместувања. Секако, кај Молиер нема многу психологија, но има ситуации кои навлегуваат во темните дамари на душата (Дон Жуан) сосредоточени во некои пасажи од монолозите. Таа ненасетена внатрешна колоратура Муравицкиј ја доловува возуелно и актерите играат коментари на своите ликови токму низ фарсични леќи. Она што е интересно во овој концепт е карикатуралноста на ситуациите што наведува на помисла дека ова би можело да биде некаква постмодерна комедија дел арте најмногу заради ликот на актерот кој на почетокот и на крајот и на првиот и на вториот дел се појавува како дух кој ја пречекорува целата сцена и го започнува и го завршува дејствието. Претставата изобилува со песни кои ги пејат сите актери и таа лесна епика допринесува на помислата дека проблемот на оваа приказна е „кабает“ на сите, а не само на главниот лик, измамникот кој ја разбранувал јавноста и авторитетите уште со самото негово книжевно појавување пред цели четири века. Која е конечно релацијата Тартиф – семејство Оргон? Зошто некако се сплотуваат сите ликови градејќи една империја на измамата? Миравицкиј тргнува од премисата дека не можеме да најдеме хармонично семејство кое живее по сите општествени и социјални правила. Тоа, конечно го наметнува и самиот Молиер доведувајќи ги Клеант и позиционирајќи ја Елмира како негова втора жена. Тартиф во концептот на Муравицкиј најдобро се чувствува во дисхармонични семејства и неговата операција таму има смисла. Затоа тој во овој концепт се наметнува како ѕвезда, како митолошки примерок на евтина забава и провоцирајќи ја хедонистичката нишка во подземните води на ова семејство тој се подговтвува да направи своја „шема“. Таа „шема“ е совршено добро прифатена од сите и играта може да започне. Токму таа игра во која долго истрпената измама и онаа однадвор носи искривено огледало каде целото семјество ја запознава својата сопствена лицемерност.

Еден од најмаркантните ликови во ова режиско видување е самиот Тартиф на младиот и талентиран Роман Колотухин. Овој актер за разлика од другите ликови чија реторичка динамика носи една крајно остра тензија делува совршено смирено. Се појавува како рок ѕвезда која не носи в рака световна книга туку полугол носи гитара со себе. Муравицкиј правејќи од овој лик лесен атрактивен дечко нуди решение кое Колотухин одлично го одигрува, а тоа е лежерноста со која сите ѕвезди на дваесет и првиот век ја привлекуваат својата публика. Оваа мирна вода во која Колотухин одигрува еден опуштен фалбаџија, многу сигурен во своите потези е контраст на целата ситуација во семејството кое го прифаќа со широко раширени раце, секако освен слугинката Дорина, која, пак, во овој концепт го нема приматот како во вообичаените интерпретации на овој класичен текст. Оргон, кој младиот актер Василиј Уриевскиј го игра со крајно високи амплитуди и големи конвулзии ја носи целата напнатост на глава на семејство кое цело време се обидува да ја покрие својата сопствена дисхармонија со општествената оправданост на своите релации. Одлично одигран лик на хаотичен и наивен татко чија безумност актерот ја артикулира преку одличните динамични бравури и сјајно одиграните меланхолични состојби. Секако, тука е и крајно еротизираната Елмира на Дарја Авратинскаја низ чиј лик може да се препознае целата фарсичност на оваа претстава. Антологиската сцена на стапицата каде Оргон конечно го фаќа во лага својот идол Тартиф е дијаметрално различно и конципирана и одиграна од страна на оваа извонредна актерка. Една од најизразните улоги во овој по многу нешта оригинален концепт на Миравицкиј е улогата на госпоѓа Пернел. Надежда Фљорова го одигрува овој лик многу вдахновено, додека целата визуелност на ликот наметнува лик на вештерка. Појавувајќи се на почетокот и на крајот од пиесата таа и го позиционира виолинскиот клуч на целата пиеса. Истакнатиот висок тон, наместената реторичност е она што го прифаќаат и другите оикови, но оваа талентирана актерка тоа го прави со една многу фина глазура на злоба која е секако, фарсична. Овој лик како да е лакмус за целото тоа друштво кое повремено делува „стриповски“, а повремено наликува на цртан филм.

Визуелниот момент на оваа претстава е фантастично дело на Гаља Салодовникова и, би рекол, дека токму тој го детерминира целиот концепт на претставата. Вовлечена во една клаустрофобична кутија со хартиени ѕидови кои се кинат со секое избивање на ликовите надвор од таа „соба“ оваа гарнитура на ликови се обидува да вирее и да се ослободи од она што, конечно го открива нивниот дисхармоничен начин на живот. Кореспонридајќи со времето во кое е пишуван Тартиф, оваа исклучително талентирана сценографка и коситмографка прави една искарикирана верзија на тие костими од кои на крајот остануваат само долните облеки ко се сотојат од сите оние чудни перничиња врз кои стојат тогашните кринолини и машки панталони. Токму затоа погоре го формулирав целото ова приказание како апсурдна комедија дел арте иако костимите наликуваат на класицистичкиот период. Гаља не заборавила да ги остави и маските од комедија дел арте кои индицираат на тој чуден хумор.
Оваа претстава обилува со музички делници. И на почетокот на претставата, а и во најтрауматските нејзини моменти. Интересно е дека музиката кој ја компонира Луј Лебе го има тој шмек на комедија на ситуации, но во нив тој инсистира и на ефекти при скоро сите физички дејствија што, пак, од друга страна не потсетува на слепстикот од времето на Бастер Китон. Секако, музиката ја изведува во живо оркестар кој се наоѓа на сцената.

И покрај тоа што ова видување на „Тартиф“ изобилува со компоненти од друг медиуми, тоа е без остаток многу оригинално, најмногу затоа што фрла сосема друго светло и на моделот Тартиф, а и на самите релации во пиесата. Муравицкиј инсистира на една општост иако претставата во режиска смисла е крајно филигрански направена, наметнувајќи еден став дека духовната беда ја руши материјалната и дека таа куќа која Оргон си ја враќа не е истата и дека сите тие порочни ликови нема што друго да прават во неа освен да умрат. Но, животот продолжува и веселото човече од комедија дел арте со својата маска повторно се појавува и му остава голем простор на најстрашниот непријател на сите нас – заборавот. Порака која гледачот многу тешко ќе си ја донесе дома после оваа претстава без да ја изгуби во својата сопствена егоцентричност.