Желба ни е да го намирисате празниот простор кој може да се исполни со филмска магија

Јаков Попоски, Drim Short 2019 фестивал на краток филм

Крајезерската Струга викендов (петок-недела, 27-29 декември 2019) ќе овозможи три дена филмски волшебништва преплетени со музички уживања и кинематографски дружби. Како што беше пишано и најавено претходно, третото издание на Drim Short фестивалот за краток филм, со слоганот “Погледни под површината”, ќе прикаже над 40 кратки филмски приказни од светот. Придружните содржини на проекциите (во форма на мастер-класови, гостински проекции и after-party забави) додатно ќе влеат културна густина и суштинско шаренило на организацискиот концепт. Во врска со настанокот на фестивалот и нештата заради кои вреди да се прави истиот, поразговаравме со Јаков Попоски.

Здраво, здраво. Во пресрет на третото издание на Drim Short фестивалот за краток филм, би сакале малку да почепкаме во филмската (пра)историја на Струга. Дали може да кажете кога последен пат функционирало вистинско кино со репертоарска програма и стварна кино-сала?
Киното со редовен репертоар на нови и актуелни филмски остварувања, блокбастери и европска кинематографија не функционира подолго време (веројатно повеќе од 10 години), колку што нè држи сеќавањето. Во меѓувреме, секогаш редовно се прикажуваат најновите македонски остварувања, но тоа е веројатно нормална политика на продуцентите и дистрибутерите за промоција на филмот пред домашната публика. Останатите проекции се или тематски фестивали и ревии на филмови како идеја на локални ентузијасти во соработка со Центарот за култура, или проекти за промоција на европски филм кои ги остварува самиот Центар за култура. “Смртта на киното” не е ништо невообичаено, бидејќи мултиплексите ги убија малите кина, но тоа не значи дека еден мал град без мултиплекс-театри не може да има редовен кино репертоар. И, да не должам многу – затоа сме ние тука (непретенциозно секако): со љубов најпрво преку фестивалот да ја вратиме филмската магија, а потоа и да му помогнеме на Центарот за култура да воспостави редовен репертоар.

Дали имало бранови на пиратски периоди на видеотеки и дивидитеки кои го одржувале филмскиот ентузијазам во Вашиот град?
Тоа секако дека постои, денес уште поизразено со стриминг сервисите и торент културата, но социјализацијата и кино-културата се уникатна вредност, и филмот пред сè е роден како уметност за големото платно и заедничко споделување на емоции од истиот. 

Првото издание на фестивалот беше ревијално и само со домашни автори. Ланското (второ по ред) беше проширено со регионална програма. Претстојново трето издание е веќе со меѓународна програма, но и со натпреварувачки карактер. Раст на фестивалот имаше и во прикажувачките простори. Може е малку неблагодарно да прашаме уште сега, но ајде – какво би сакале да го направите четвртото издание на фестивалот?
Па, откако ќе ги искористиме нашите преговарачки вештини и добри намери и ќе добиеме афирмативни одговори на поканите од нашите драги гости, ќе ги собереме филмовите и со една просечна конфигурација на лаптоп, ќе се појавиме во новата, мала, модерна и приспособена кино-сала во рамки на Центарот за култура и ќе се уштекаме покрај новиот проектор, па на веќе поставеното платно ќе блесне логото на Дрим Шорт, без да мора како и претходните три изданија да измислуваме, редизајнираме и преуредуваме простори и од нив да правиме импровизирани кино-сали. А, да: најголема желба ни е да дојдат што повеќе гости и филмски артисти, да се заљубат во Струга, да го намирисаат празниот простор кој може да се исполни со филмска магија и да посакаат да се враќаат тука секогаш.

Во најавата на фестивалот акцент ставате во борбата против сивото секојдневие. Трите фестивалски дена се едвај процент од целата година. Кои се Вашите локал-патриотски соборци за прошарување и оживување на културниот (а и сеопшт) живот во Вашиот град во преостанатиот период?
Па, како што би рекол еден наш драг пријател од Скопје: тие се луѓето, од концерти, сите се знаеме. Ако во Скопје таа критична маса е 5.000 луѓе на 700.000 жители, пресметајте колку е 1% од 15.000 жители. Иако, нè загрижува апатијата и сакаме и ги мотивираме младите, повозрасните и сите останати, да не се откажуваат од борбата за својот дом и за квалитетот на живот кој само културата може да го пружи. 

Впечатлива е горделивоста со која ги потенцирате и музичките after-party настани. Дали имате информации колкави сместувалишни капацитети има во градот и околината? Еве, ако се погоди наезда од стотина групи по 3-4 луѓе, дали становите и апартманите понудени на AirBnB, Booking и други платформи може да вдомат 500-1.000 дојденци во викенд деновите, баш пред новогодишните празници, кои би решиле да Ви бидат гости на фестивалот?
Вака, ако планирате да доаѓате 500-1.000 луѓе, ве молам да нè известите најдоцна до петок, затоа што ќе мора да ја смениме локацијата за афтер-забавите, а и да ги подготвиме диџеите за ноќта на нивните животи, бидејќи лично знам тројца кои се тремаџии . Шала на страна, сместувањето не е проблем. Стружани беа гостопримливите, охриѓани беа рибарите, хехе.

Кои од филмовите/настаните/личностите од овогодинешното издание на Drim Shorts би му ги препорачале на неинформираниот потенцијален посетител, за да го намамите да се заинтересира и да му се допадне Вашиот фестивал?
Настан: Drim Short 2019. Филм: само ќе кажам имаме кандидат за оскар, филмови од канска, санденска и уште илјада други селекции. Личности: Тамара, Љубо, Ингрид, Иван, Миро, Дора, Синоличка, Раде, Раша, Загорка, Лавинија, Сергеј, Сара, Дарко, Мартин, Лидија, Николче, ДЏ Боби, Марчин, Диа, Андријана, Ана, Ана, Анна, Сунчица, Ханис, Трифун, Сандра, Батухан, Банка. Ве чекаме во длабокото.