[рецензија] John Foxx And The Maths

Howl [Metamatic]

Со својата најнова плоча John Foxx како да ги воскреснува Ultravox, состав кој некогаш тој го предводеше. Howl, новото издание на проектот на Foxx и Benge, овојпат засилен со стариот соработник Robin Simon и виолинистката Hannah Peel, лесно можеме да го гледаме како продолжение на Ultravox по влијателниот Systems of romance. Benge со своите ритам машини е „замена“ за двоецот Cross – Cann, а Hannah Peel со својата електрична виолина ја има улогата на Billy Currie.

Звучната слика е агресивна, панкерски напаѓа со дисторзирани гитари и груби аналогни синтисајзери. Нападот започнува со My Ghost и заразната синти-фраза како од осумдесетите. Размислува ли Фокс за својата смртност? Можен следен сингл, ах да, повеќе нема синглови. Howl со вриштечката гитара на Robin Simon нè воведува во дистопијата на современиот живот. „Луѓе од иднината, не го заборавајте вашето име и вашата приказна“ вели Фокс, урлајте среде толпа. Како што вели нашиот јунак, има многу работи во светот што не тераат да урламе. Everything Is Happening at the Same Time е британска психоделија како од времето на The Golden Section. Бидејќи се се случува истовремено, времето како да стои. Зошто мораме да бираме помеѓу будалите и кловновите, се чуди авторот. The Dance е убава, смирувачка балада додека New York Times нè враќа во времето на Лу Рид и панк експлозијата во CBGB, време кога се чинеше дека рокот има иднина.
Плочата завршува со клаустрофобичната Last time I saw You со набиена продукција како од времето на Systems of romance, и за крај Strange Beauty. Спора песна со ритам како спородвижечки воз и електрична виолина на Hannah Peel. Со оваа песна за убавината на љубовта која понекогаш не посетува, John Foxx And The Maths го завршуваат овој албум со позитивна порака.
Foxx, со силна поддршка од „археологот на аналогниот звук“ Benge и еден од најоригиналните гитаристи од новиот бран, Robin Simon, звучно ги посетува осумдесетите, ги обновува и надградува. Да не заборавиме да го споменеме придонесот на Hannah Peel, баран аранжер и автор кој вреди да се истражи.