Надигрување на слободата

кон претставата Калигула на Еимунтас Некрошиус во изведба на „Театарот на Нациите“ од Москва

Калигула од Albert Camus
режија Эймунтас Някрошюс
изведба Театр Наций Москва
Улоги: Евгений Миронов, Мария Миронова,
Игорь Гордин, Евгений Ткачук

Секоја

автократија се базира, и што е најопасно се развива во име на слободата. Диктаторскиот сензибилитет има шизофрена природа која како заразна болест се пренесува на целиот општествен живот, ако тоа воопшто може да се нарече живот. „Калигула“ на Албер Ками е една од најесенцијалните пиеси посветена на автократијата како начин на владеење, но и на инфантилното сфаќање на слободата. Намерно го употребувам терминот „инфантилно“ затоа што некаде длабоко под репликите на Калигула, а и во најдалечните поттексти на Сципион и Хереја, а најмногу на Цезонија се наоѓа она најискреното посакување на дефинитивното ослободување од стигмата наречена „живот.“

Калигула во верзијата на Еимунтас Некрошиус наликува на театарска проба. Има во тој вид на живеење на сцената една крвава леснотија која досега не сме ја виделе во претстави кои се занимаваат со вакви теми. Неговиот Калигула има блага „дистописка“ децидност, нешто што значи диктатура „пост фестум“, кога веќе нема со што да се владее и кога волјата е заменета со автоматизам. Гледајќи ги ликовите во оваа режиска „политика“ на Некрошиус имате чувство дека тие не живеат хедонистички како што е типично за патрициите од тој временски период. Секако, претставата се случува во некаква градска рушевина, некаков забореавен урбан простор каде единствената „порта“ е „триумфалната порта“ напраена од брановидните парчиња за покриви. Се е толку безживотно, што Калигула станува лик со фарсична провиниенција, една горчливо-хуморна фигура која своите ужасни потези ги прави со призвук на исфингиран рефрен, мелодиска нитка која треба да ја потпевнуваме, ама ете сме го заборавиле текстот, па мумламе. Кај овој голем режисер концептуалноста е висока театарска математика во која актерската игра е најголемата „непознатица“. Тешкиот процес на претопување на театарскиот чин во самиот себе имплицира на актерска дистанца која е исклучително ригидна. Актерите во овој концепт на Некрошиус кој го нареков „политика“ повремено навлегуваат во една искривена персифлажна изразност, а повремено се предаваат на реалистичните трошки на ликовите од кои и самиот Ками го исткал овој текст. Оваа тричасовна претстава на Некрошиус има една ритуална карактеристика во која смртта и гневот се најчуениот рефрен. Свесноста на самиот концепт дека е поставен во некаков деструктуиран урбан комплекс од кои останале само делови од некогаш добро изградена урбана структура ни отвора саркастична пежоративност на актерската атмосфера која е прилично комплицирана иако сите дејствија на актерите се многу симплифицирани.

Евгениј Миронов го одигрува досега најчудниот Калигула. Сите диктатори делуваат нормално затоа што се трудат да бидат такви. Она што тие го прават е демонски и ужасно, но она како тие се однесуваат носи со себе една априорна лежерност која Миронов ја заменува со наместена „интактност“. Токму тој добро „доживеан“ инфантилитет е главната струја во оваа верзија на Калигула. Овој Калигула ја бара месечината, тагува по својата сестра Друсила, наоѓа неверојатна драконска логика за своите убиства и силувања со детска игривост во која бесот и лутината немаат узда. Сите патриции поминувајќи низ неговите детски ужаси и самите својата судбина ја „одигруваат“ мислејќи дека така нивните жртви ќе бидат поблаги, дека она што тое треба да го дадат како свое најмило или како дел од себе нема толку да им недостига затоа што Калигула низ својот начин на однесување многу децидно им кажува дека се она што ги опкружува веќе им недостига на сите, па слободата е таму, далеку после триумфалната арка и дека тој доаѓа оттаму, дека таму од каде што тој доаѓа нема ништо интересно и дека мракот секаде е мрак, и дека конечно тоа е најголемата причина зошто тој ја бара Месечината. Ова се преносните мисли на човекот кој либерализмот го сфаќа како плод на дрво кое нема да го скине оној кој има потреба од него, туку ќе го скине оној намерник кој нема што да прави па ете, откинал плод. Евгениј Миронов овој Калигула го подарува најмногу на реторичката гама на ликот. Рефлексен до крај, овој лик во неговото толкување делува во голем дел Пиранделовски. Сите ирационални потези успева реторички да ги рециклира и да направи театар во театар што од оваа претстава сочнува еден театарски есеј изразен со прагматични средства. Цезонија на Марија Миронова има многу поемотивен набој иако таа ја задржува стаменоста на која Ками инсистира во нејзините реплики и во нејзиниот став. Во својата задушена страст и добро исконтролираниот гнев таа успева (иако тоа во пиесата не е до крај прецизирано) да ја балансира релацијата межу Калигула и патрициите. Таа е свесна дека е најголемата жртва во целиот овој крвав трактат за слободата на еден од најлудите императори во Римското царство, но сепак, задржува добар дел од она што останало од позитивното расположение. Марија Миронова многу умешно ја одигрува таа брановидност на овој лик.Тоа е актерка чиј јасен израз (особено говорниот) е амблематски – низ нејзиниот лик Некрошиус го објавува начинот на кој ќе ја води целата претстава. Таа е конечно една екстравагантна заробеничка на наместената „слобода.“ Калигула на Егениј Миронов има голема непознатица кога се доближува со неа како до своја жена и, чинам дека тоа е едно од поголемите откритија во овој текст. Таа непознатица создава анксиозност кај императорот која тој ја изразува на вариететски начин и таа збунетост се пренесува кај сите патриции кои стравот кој од нив ќе биде погубен го заменуваат со вомјазеност дека е можно или сите да изгинат одеднаш или да останат живи, но без никого околу себе.

Погубната филозофија во концептот на Некрошиус има свои следбеници и во другите ликови на овој многу специфипчен драмски текст на Ками. Тенкиот и растреперен Сципион на Евгениј Ткачук има лирска провиниенција и неговиот уплав делува како поетична слика на тагата што тој постојано на носи со себе заради блискоста со Калигула. Во целата приказна на демонската интерпретација на слободната влегуваат и Хереја на Александар Горелев и Хеликон на Иван Гордин, едниот бунтовен, но одвлечен од главните збиднувања, а другиот робустен со мачешка прецизност. Тројцата најблиски ликови до главниот лик кај Некрошиус ја кријат во себе онаа аполитичност на концептот која е конвертирата токму од прополитички предодредености. Сите општествени формации како плод на одредена политичка игра пропагираат слобода. Калигула се обидува да ја надигра слободата не правејќи што ќе посака, туку што ќе му наметне оној другиот во него и оној другиот до него. Таа двојна општетствена шизофренија Некрошиус ја первертира токму преку ликовите на Сципион, Хереја и Хеликон. Сите три лика се три глави на Горгоната која ќе жари и пали после смртта на Калигула. Калигула на Некрошиус ја надиграл слободата однапред знаејќи дека кога тогаш ќе ја плати со смрт. Зошто? Затоа што сите негови претходнци ја платиле на ист начин, а овие тројца му го кажуваат сето тоа многу преносно распостилајќи ги пред него нивните ставови кои не се однесуваат точно на него, туку на неговите приципи. И сето тоа затоа што Калигула не е владетел кој владеел поинаку од другите негови претходници. Затоа Некрошиус инсистира на рационалноста на сцените, а не на крвавата варијанта. Сите ликови знаат како ќе заврши оваа сага. Целата императорска провиниенција се базира на гозби и погубување, а Хереја, Сципион и Хеликон го потсетуваат Калигула дека оние кои ќе останат после него се патрициите и дека тој е овде на поминување. Се чини дека ова е уште една причина голем режисер како Еимунтас Некрошиус да го промислува овој текст профарсично со пиранделовски шмек.

Визуелниот аспект на оваа многу специфична претстава го прават Мариус Некрошиус како сценограф и Надежда Гултјаева како костимограф. И двата уметници сјајно се надополнуваат со темните костими и дистописката сцена која наликува на остаток од војна до истребување. Визуелно, оваа претстава не импонира со блесокот на Римското царство. Таа импонира со бескрајните варијанти на мракот, со темната глазура нан капутите од кои се оздвојува само Калигула со некоја безобразно изразита портокалова боја на својот капут.

„Калигула“ на Еимунтас Некрошиус ќе се памети по својата есеистичка конструкција, по својата точна и мултисигнифиикантна симболичност на секоја сцена, точно по симболиката на смртта која е претставена на исклучително оригинален начин, по поетиката на „умирање со пеење“ која од нацизмот наваму не престанала да биде присутна во новото прекројување на општествата уморни од војни и братоубиства, по инситирањето на болката кога ќе се појави љубовта како флуид, како и по негирањето на политизираноста преку повраќање на остатоците од нејзиното прекумерно конзумирање. Овој голем режисер кој, за жал, веќе не е меѓу нас, го подарил овој „Калигула“ на светскиот театар не како предупредување дека автократијата е таа што ќе го убие човештвото, туку дека нејзините следбеници ќе бидат тие што ќе го убијат духот во  човекот и дека светот ќе продолжи да страда само заради „надигрувањето“ на слободата.